На 29 и 30 октомври 2025 година во Демир Капија, театарот „Сенки и облаци“ одржа креативна работилница во ОУ „Димче Ангелов Габерот“, која ги спои уметноста, едукацијата и еколошката свест. Во креативен процес беа директно вклучени дваесет ученици кои ја создадоа и самите ја изведоа театарската претстава со сенки „Водата зборува гласно“. Со оваа претстава, учениците како носители на промена, ја инспирираа својата заедница да размислува и делува одговорно кон природата. Наставниците и родителите со восхит ја следеа претставата, препознавајќи ја вредноста на креативниот активизам како ефикасен пристап во едукацијата на младите.
Иницијативата „Заедно за реките“ има за цел да ја заштити демиркаписката клисура и долниот тек на Вардар со неговите притоки, преку прогласување на ново заштитено подрачје и зачувување на природните и културните вредности на регионот. Покрај за одржливо управување со природните ресурси, иницијативата отвора можности за економски развој и економскиот напредок на локалната заедницата.
Унапредувањето на животната средина во Република Северна Македонија во изминатиот период бележи загрижувачки тренд на уназадување и стагнација во сите аспекти на животната средина. За жал и покрај начелните заложби на Владата на РСМ и релевантните институции, сеуште не може да се потврди заложба на владата за приоретизирање на унапредувањето на состојбите во оваа област. Оваа состојба беше потврдена и со Извештајот на ЕК од 2025 година, каде реално е отсликана алармантната состојба во сите области на управувањето со животната средина. И покрај фактот што заштитата на животната средина претставува човеково право и загарантирана е со уставот и законите на Република Северна Македонија, државата сеуште не може да го унапреди остварувањето на човековите права во оваа област. Последниот извештај на Европската Комисија од 2025г. за Република Северна Македонија јасно ги покажува слабостите на системот и недостатокот на капацитети за справување со предизвиците во областа на внатрешното уредување. Извештајот всушност повторно ги потврдува постоечките недостатоци, а исто така во својот фокус ги има измените кои Република Северна Македонија треба да ги имплементира што е можно побрзо во однос на приближувањето на своето законодавство со легислативата на Европската Унија.
Конкретно, во поглавјето 27, каде се бележат состојбите и напредокот во областа на климатската акција, одржлив развој и заштита на животната средина, забележани се незадоволителни услови во секоја област поединечно. Имено, во однос на хоризонталното законодавство забележано е дека не постои напредок, а воедно се регистрирани недостатокот на човечки ресурси како и квалификации за вршење на работите во областа на животната средина. Покрај недоволната координираност на институциите (пр. стратешко планирање во животната средина и инфраструктурни инвестиции), нотирана е недоволната усогласеност на внатрешното законодавство во однос на стратешкото планирање во животната средина како и оцена на влијание на проектите врз животната средина. Исто така, иако кривично-правните аспекти на делата од животната средина се дел од позитивното законодавство на државата, сѐ уште не се преземени никакви дејствија за спречување на противправни активности во оваа област.
Мониторингот на животната средина исто така е оценет како несоодветен бидејќи не ги исполнува критериумите пропишани во европското законодавство. Во однос на горенаведените забелешки, Еко-свест како граѓанска организација во своето работење воведе нова алатка за олеснување на остварување на граѓанските права од областа на животната средина. Една од активностите за премостување на јазот со недостатокот на капацитети од страна на инспекциските тела претставува и проектот Зелен телефон кој претставува мост помеѓу граѓаните и институциите, каде Еко-свест во својство на посредувач помага да се насочат граѓаните во преземање одредени активности спрема институциите од животната средина.
Во однос на забелешките кои се дадени во извештајот од 2025 година, во областа на управувањето со водите, јасно е наведено дека Закон за водите мора итно да се усогласи со Директивата за води и подземни води на ЕУ. Во однос на ова барање, Еко-свест повеќепати ја потенцираше неопходноста од измена на законските одредби преку различни извори (покрај предложени коментари на електронскиот систем ЕНЕР, преку своите проектни активности упатува на неопходност од регулирање на одредбите во законот за води кој поради својата несоодветност предизвикува штетни влијанија врз животната средина). Имено, издавањето дозволи за изградба на мали хидроцентрали, претставува сериозна закана за еко-системите во животната средина. Една од главните цели на Еко-свест во однос на законските измени е регулирање на протокот на вода при зафаќањето на реките од страна на малите хидроцентрали кој директно негативно влијае на останатиот еко-систем. Моменталните одредби кои дефинираат минимум прифатлив проток мора да се изменат и да предвидат еколошки проток потребен за одржување на квалитетот на реките и нивниот еко-систем. Непостоењето на планови за управување со речни сливови, претставува голем ризик за површинските и подземните води, при ископот на песок и чакал. Имено, дозволи за ваков вид на активности не би требало да се издаваат без претходно донесување на плановите за речните сливови. Но, во практиката, активности за ископ на песок и чакал од речните корита или во нивна близина се многу честа појава која со децении причинува штета врз водните тела, но и го зголемува ризикот од поплави и штети врз населените места.
Законот за животната средина како правен акт кој е донесен во 2005 година и досега претрпел 21 измена, може да се оцени како несоодветен правен акт кој мора во најкус можен рок да се измени и да се усогласи со законодавството на ЕУ. Еден од најсериозните недостатоци на овој закон претставува несоодветното дефинирање на спроведување на постапката како и самата суштина на одредбите за спроведување на оцена на влијание врз животната средина, кое моментално не е во согласност со ЕУ законодавството. Дополнително, постоењето на таканаречените елаборати за животна средина најчесто за инфраструктурни проекти со влијание врз животната средина остава можност проектите да бидат спроведени без учество на јавноста, пристап до информации и пристап до правда.
Во однос на законот за заштита на природата, сѐ уште како огромен недостаток претставува неусогласувањето на законот со Директивата за птици и живеалишта на ЕУ. Еко-свест исто така повеќепати иницираше средби со релевантните институции и чинители во животната средина за изменување и донесување на нов закон за заштита на природата. Со оглед дека овој закон е донесен во 2004 година, а досега претрпел 17 измени, неопходно е да се донесе нов закон, кој ќе биде во согласност со законот за животната средина и кој конечно ќе ги регулира недоследностите кои се појавуваат од примената на актуелните два закони.
Со посебен осврт на забелешките на ЕУ, во однос на управувањето со НП Маврово, Еко-свест поднесе претставка до Владата на РСМ каде јасно ја наведува потребата од итно ре-прогласување на НП Маврово, постапка која е започната пред повеќе од 10 години и сѐ уште незавршена. Како резултат на тоа, во Националниот парк Маврово се бележат огромен број на незаконски дејствија и уништување на природата.
Исто така, во однос на процесот на прогласување на Кањонот Матка, Студенчишко Блато и Охридското езеро, Еко-свест поднесе барање за пристап до информации од јавен карактер, каде беше побарано да се образложи повлекувањето на предлог законите од собраниска процедура на барање на Владата на РСМ. На ова барање не беше доставено образложение од страна на Владата на РСМ што остава простор за сомнеж за вистинската причина околу нивното повлекување. Како резултат, сите овие подрачја сѐ уште не уживаат законска заштита.
Коментарите за делот климатски промени се исти како и во претходните години, односно државата сѐ уште нема правна рамка за климатска акција, законот за климатска акција не е усвоен. Без овој закон земјата го нема потребниот систем за следење, известување и верификација за изворите на стакленички гасови во земјата без кој неможе да започне да се спроведува механизмот на ЕУ за тргување со емисии како и домашниот надоместок за јаглеродни емисии кој е клучен за да се обезбедат финансии за енергетската транзиција на земјата. Главниот проблем зошто законот сеуште не се донесува се ниските административни капацитети за негова имплементација, каде повторно се рефлектира немањето волја од Владата да ги стави овие теми како висок приоритет и за нив да обезбеди потребни финансии.
Поглавјето 15 за енергетика е тесно поврзано со делот за климатски промени односно забрзувањето на енергетската транзиција и овозможување финансиски средства за истата зависи од донесувањето и брза имплементација на законот за климатска акција. Сепак во ова поглавје има значителен напредок во однос на усвојувањето на потребната регулатива за отклучување на декарбонизацијата. Иако постојат во стратешките документи, телата за управување со процесите на Праведна транзиција сеуште не се целосно операционализирани.
Иако измени на законот за енергетска ефикасност беа направени, и тоа е нотирано во извештајот, сепак фондот за енергетска ефикасност не е востановен. Еко- свест изработи и анализа на поставеноста на фондот за енергетска ефикасност со препораки за операционализирање и поефикасно работење на фондот.
Еко-свест со гордост ве кани на првата Еко-трампа – размена со стил и добра енергија! Подарете им нов живот на своите омилени, но заборавени предмети и парчиња облека!
На 14 февруари во 12 часот, во Бистро Комедија, ја организираме новата Еко-трампа – место каде што ќе разменуваш, ќе се дружиш и ќе уживаш во бесплатно кафе!
Понеси најмногу до 5 предмети или парчиња облека што повеќе не ги користиш, добиј купон и одбери нешто убаво од другите учесници.
Дојди, сподели, инспирирај и помогни му на кругот на реупотреба да се заврти повторно!
Најнови коментари