Заштитените подрачја ќе го искористат 24 мај како покана до граѓаните да ги посетат парковите
Скопје, 22 мај 2020 година – Парковите и заштитените области овозможуваат бројни придобивки како зачувување на биолошката разновидност, растителни и животински живеалишта, придобивки за локалната заедница и општеството како целина. Денес, сепак, потребно е да се истакне повеќе од кога било, дека тие не само што ги штитат нашите природни ресурси, туку и играат голема улога во зачувувањето на здравјето на луѓето. Престојот во природа е неопходно за да човекот ја обнови својата физичка и ментална енергија, а заради континуирано урбанизирање, од големо значење е да се создадат повеќе можности граѓаните да престојуваат во природа.
Бројни заштитени подрачја низ цела Европа, но и во нашиот регион, ќе го искористат 24 мај како покана за посетителите да се вратат во парковите.
„Ги покануваме сите посетители на заштитените области да покажат посебна почит кон природата, вработените во заштитените подрачја, како и на другите посетители во наредните месеци“. Ова, покрај почитувањето на општите мерки пропишани од националните и локалните власти, може да се постигне со детално планирање на посети, избегнување на ризични активности во паркот, како и одржување физичко растојание на најпосетуваните природни атракции. Особено би сакал да ја истакнам потребата за одговорен однос кон природата преку принципот – „Не оставам ништо зад себе“, односно со отстранување на отпадот на пропишан начин“, посочува извршниот директор на парковите „Динариди“, Зоран Мрдак.
Одговорното однесување кон природата беше промовирано оваа година под слоганот „Здрави паркови, здрави луѓе“, затоа што само сочуваните паркови можат да придонесат за зачувување на здравјето на луѓето.
„Само зачуваните паркови и заштитените подрачја ќе продолжат да даваат бројни екосистемски услуги, кои вклучуваат придобивки за здравјето на луѓето. Затоа, потребно е да се обезбеди нивно соодветно финансирање, кое потоа ќе биде насочено кон подобрување на управувањето со парковите и развој на одржливи активности. Една од можните активности е секако образованието, затоа што парковите се еден вид надворешна училница, што овозможува физичко растојание во ситуација кога сè уште е потребно да се почитуваат мерките за зачувување на јавното здравје “, рече директорот на програмата на WWF за заштитените подрачја Марко Пецаревиќ.
Европскиот ден на парковите се одбележува од 1999 година како иницијатива на Федерацијата на европски национални паркови, во спомен на прогласувањето на првите национални паркови во Европа во Шведска.
За дополнителни информации: Ана Чоловиќ Лешоска, 072726104 [email protected]
За WWF:
WWF е една од најголемите, глобално признати, независни организации вклучени во заштитата на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји. Мисијата на WWF е да се запре уништувањето на животната средина и да се создаде иднина во која луѓето живеат во склад со природата со зачувување на биодиверзитетот во светот, одржливо користење на природните ресурси и намалување на загадувањето и прекумерната потрошувачка. Повеќе информации на: www.wwfadria.org
Регионалниот проект „Заштитени подрачја за природата и луѓето II“ е реализиран од WWF Adria со поддршка од Шведската Агенција за Меѓународна Развојна Соработка (SIDA).
Додека ЕУ го започнува одбележувањето на неделата на биодиверзитетот, нас ни се случува уништување на природните ресурси во земјава. И покрај насоките и силните заложби од ЕУ за пост-ковид опоравувањето кое мора да се фокусира на зелен раст и развој и одржливо искористување на ресурсите со цел нивно зачувување и климатска акција, нашата реалност е сосема поинаква.
Питката вода е наш богат ресурс, многу чувствителен на последиците од климатските промени. Токму затоа во моментов секоја река и поточе станува скапоцен ресурс кој мора да се чува. И покрај лошите проценки за питката вода во последните сценарија за климатски ризици на Меѓувладинот панел за климатски промени, деновиве сведочиме на последиците од изградбата на мали хидроелектрани во земјата кои предизвикуваат целосно пресушување на реките и замирање на биодиверзитетот и животот околку нив.
Реката Бошавица извира кај планината Кожуф и се влева во реката Вардар кај Демиркаписката клисура, има многу притоки со кои заедно ги снабдуваат околните села со вода за пиење и наводнување. До Еко-свест пристигна информација од група граѓани дека изградената мала хидроелектрана на оваа река пресушува голем дел од речното корито и влијае на пристапот до вода на локалното население.
Стратешката оценка за Стратегијата за води на Р. Македонија изработена во 2011 година предупредува за ризиците од изградба на мали хидроелектрани во овој регион. „Бројни регулации се изградени во спротивност со добрата практика (т.е. последната регулација на притоките на Вардар- Дошница и Бошавица во близината на Демир Капија) и предизвикуваат значителни негативни влијанија врз животната средина, како губење на врската помеѓу површинските и подземните води што се должи на губење на живеалиштата во каналот и значајни промени на ерозија и таложење на талог во околните канали како резултат на зацврстувањето на каналите, губење на заливните мочуришта и поврзаните биодиверзитети од изградбата на насипи, зголемување на влезови на фини седименти поради протоците или губење на вегетацијата на бреговите и слично.“ Но, и покрај ова, во 2014 година токму на овие две реки биле одобрени две мали хидроелектрани како јавно-приватно партнерство.
Како земја располагаме и со плодна почва, од која зависиме за безбедно снабување на населението со храна, лекција на која нè научи пандемијата. И покрај тоа, токму за време на вонредна состојба се носат судски одлуки во прилог на компанија која планира да изгради рудник над најплодната почва во нашата земја- Струмичко поле. Во комбинација со претхотните одлуки за кратење на средствата наменети за заштита на животната средина и природата, наликува дека нашата Влада не ја разбира суштината на пост-ковид обновата и „новата нормалност“ за која зборува во своите соопштенија.
Затоа, бараме од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени. Зелен економски развој нуди многу можности за економски активности кои ќе ги зачуваат природните ресурси во иднината.
Во пракса ова значи да се засили контролата и заштитат граѓаните од несовесното работење на индустријата, воедно, да се засилат мерките за економско опоравување условени од примена на мерки на одржливост, енергетска ефикасност, дигитализација и циркуларна економија. Само на овој начин можеме да ги постигнеме зацртаните цели- обнова на економијата и на животната средина.
Центарот за истражување и информирање за животна средина ,,Еко-свест’’ од Скопје, во рамки на проектот „Овозможување на пат кон декарбонизација и заштита на животна средина, финансиран од Делегација на Европската Унија има потреба за стручна поддршка во развојот на услугите кои организацијата може да ги понуди, и за таа цел има потреба од ангажирање на Експерт за развој на услуги.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на оваа активност е зголемена одржливост на самата организација преку искористување на можностите и откривање на капацитетите која таа ги има со цел развој на систем за услуги кои организацијата би можело да ги нуди на компании, здруженија или граѓани. Во рамки на оваа активност Еко-свест планира да развие комплет услуги кои би ги нудела на пазарот, а се во насока на намалување на јаглеродниот отпечаток и адаптација на климатките промени.
ЗАДАЧИ НА ЕКСПЕРТОТ
Експертот ги има следните задачи:
Да ги анализира постојните активности и планови на Еко-свест и да даде предлог за нивно преточување во услуги,
Да направи идентификација на целни групи и цени на предложените услуги,
Да ги идентификува недостатоците или неопходните активности или измени за овозможување на развој на овие услуги (пример, доколку се предлага сертификација, да се процени што е потребно за истото да се реализира, или доколку за некоја услуга е потребна набавка на одредена опрема или стекнување на одредени знаења и сл ),
Да изготви документ со направената анализа и предлози и истата да ја достави до Еко-свест.
ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ
Експертот за развој на услуги ќе има период на реализација на активноста од 3 (три) месеци од датумот на потпишување на договорот. Вредноста на чинење на услугата не смее да надмине износ од 55427.00 денари.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
При аплицирањето, кандидатите треба да достават:
1. Биографија (CV) со детален опис за нивното поле на стручност
2. Цена на чинење на услугата во МКД (бруто износ со вклучен персонален данок)
Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.
КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ
Апликантите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
1. Завршено високо образование (или повисоко) од област соодветна на повикот.
2. Најмалку 3 години професионално искуство во областа на бизнис, менаџмент, економија и сл. соодветна област.
ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Биографија и претходно искуство 80 бодови
Понудена цена за ангажманот 20 бодови
Вкупно 100 бодови.
Договор ќе биде склучен со оној кандидатите кој освоил најголем број бодови.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 31 мај 2020 г., со назнака ,,Апликација за експерт за услуги’’.
Најнови коментари