Механизмот на ЕУ за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод или CBAM стапува во целосна сила од 1 јануари 2026 година. Но, недостатокот на подготовка на владите од Западен Балкан го зголемува ризикот од катастрофална и неправедна енергетска транзиција, открива нов извештај објавен од CEE Bankwatch Network.
Сепак, ако дејствуваат брзо за да воведат домашен надоместок на јаглерод за производство на електрична енергија и топлина, владите би можеле да го ублажат влијанието на CBAM и да соберат до 4,2 милијарди евра годишно за финансирање на одржлива енергетска транзиција и поддршка на регионите зависни од јаглен.
Според CBAM, увозниците од ЕУ на одредени стоки како електрична енергија, железо и челик, цемент, ѓубрива, алуминиум и водород, ќе треба да платат за емисиите на јаглерод диоксид поврзани со производството на такви стоки во земјата извозник. Ова ќе го направи увозот во ЕУ од земји со високо ниво на употреба на јаглен, нафта и гас многу поскап отколку што беше досега.
Увозниците на електрична енергија од Западен Балкан кои се од ЕУ – Италија, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција – ќе мора да најдат други добавувачи или ќе се соочат со високи трошоци за CBAM. Увозот на електрична енергија во ЕУ веројатно ќе се намали преку ноќ, намалувајќи ги приходите за компаниите за електрична енергија во Западен Балкан. Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија нема да плаќаат CBAM такси, но ќе бидат погодени од падот на приходите од извозот на електрична енергија, како и Србија до одреден степен. Околу 57 проценти од електричната енергија што ја увезува ЕУ од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија е базирана на јаглен. Приходот од CBAM ќе оди во буџетот на ЕУ. Доколку извозот на електрична енергија продолжи како досега, годишниот приход на ЕУ само од нив би можел да достигне речиси 965 милиони евра.
Доколку владите од Западен Балкан порано започнаа да се подготвуваат за CBAM, наместо да ѝ дозволат на ЕУ да генерира приход од нивниот извоз на електрична енергија, тие можеа да генерираат приходи за сопствената енергетска транзиција со воведување на национални системи за цени на јаглерод.
Ова можеше да придонесе и за ослободување на нивните електроенергетски сектори од CBAM, кој има вградени услови што го дозволуваат ова ако земјите значително напредуваат во примената на енергетскиот и климатскиот закон на ЕУ. Сепак, ниту една од земјите не е блиску до исполнување на овие услови.
Сепак, со воведување на домашни цени на јаглерод, земјите би можеле да ги ублажат влијанијата на CBAM 1 и да генерираат значителни приходи за трошење на праведна и одржлива енергетска транзиција.
Ioana Ciuta, CEE Bankwatch Network – „Само два месеци до целосно стапување во сила на CBAM, сè уште слушаме желби од владите и комуналните претпријатија кои се надеваат на одложувања и исклучоци. Но, нема да има одложување и ниту една од земјите не е ни блиску до добивање на исклучоците од електроенергетскиот сектор дозволени според Регулативата CBAM.“ „Треба да престанат да сонуваат и да почнат да се подготвуваат.“
Елена Николовска, Еко-свест – „Македонија има изработено закон за климатска акција од 2021 година кој во себе содржи механизам за надоместок на јаглерод. Средствата собрани од овој надоместок треба да одат во фонд за праведна транзиција кој ќе обезбеди финансии за трансформација на регионите зависни од јаглен – Битола и Кичево. Но, законот сеуште не е усвоен. Потребно е итно донесување на овој закон кој ќе ја забрза енергетската трансформација и ќе ги обезбеди потребните финансиски средства за регионите зависни од јаглен.
European Open Rivers Programme е фонд за еколошка обнова, кој произлезе од двегодишно истражување и соработка со засегнати страни, при што беше воочено дека реките во Европа се фрагментирани со повеќе од еден милион бариери (на пр. Прагови каскади, брани, премини), а постои огромен потенцијал за еколошка обнова преку отстранување на над 150.000 застарени прегради и мали брани.
Програмата е поддржана со донација од 42,5 милиони евра од Arcadia. Од 2021 година, нуди грантови за проекти во Европа што водат до отстранување на мали бариери и обнова на речниот тек и биодиверзитетот.
Open Rivers Programme објавува три повици за апликации секоја година – во февруари, јуни и октомври. Апликациите мора да се поднесат преку нашата онлајн платформа и ги прегледува техничка, независна експертска комисија. Највисоко рангираните проекти што се вклопуваат во нашиот буџет ќе бидат ставени во потесен избор.
За повеќе информации, прочитајте ја брошурата на следниот линк.
Меѓународната конференција за природа, која вчера се одржа во Скопје со наслов „Политиките за природа како основа за заштита“ собра меѓународни чинители од Бернската конвенција, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), странски донатори и претставници на националните институции. Главниот заклучок од конференцијата е јасен и недвосмислен: итно донесување на нов закон за природа и обезбедување државни финансии.
Конференцијата започна со нагласување на потребата од меѓународна поддршка и соработка насочена кон суштинска и сеопфатна заштита на природното наследство на Македонија. Свои воведни обраќања имаа претставници од Бернската конвенција, Директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата, Амбасадорот на Владата на Шведска во Македонија, Директорот на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање. Поздравен говор испрати и кабинетот на Претседателката, Гордана Силјановска – Давкова.
Учесниците на конференцијата се согласија, дека постои желба, интерес и напор за заедничко и синхроно делување со цел заштита на природата во Македонија, особено поради итната потреба и зацртаните национални и меѓународни цели.
„Не станува збор дали ќе постигнеме заштита на клучните живеалишта и видови – прашањето е како“, истакна г-ѓа Марта Медлинска од Секретаријатот на Бернската конвенција, каде веќе 11 години е отворен случајот за изградбата на хидроцентралите во Националниот парк Маврово. За овој случај Конвенцијата донесе низа препораки кои треба да се исполнат за случајот да се затвори. Меѓу кои и итно репрогласување на Националниот парк Маврово и воведување забрана за изградба на хидроцентрали во заштитените подрачја.
Како стратешки императив, конференцијата го постави барањето за Итно донесување на нов, европски усогласен и бескомпромисен Закон за природата, кој ќе одговори на препораките од меѓународните чинители, но и ќе постави нови стандарди за заштита. Истовремено, за да се овозможи системски пристап кон заштитата на природата, потребна е трансформација на институционалната поставеност и формирање на Завод за природа.
Претставниците на нашите национални паркови истакнаа дека се соочуваат со бројни предизвици со капацитетите и нивната стручност, со преклопување на надлежностите и неможноста да делуваат автономно поради недостиг од соодветни надлежности. Решението за сето ова го гледаат во едноставен и јасен закон кој лесно ќе се спроведува и ќе им даде „ветар во грб“ во нивните заложби за одржливо управување со подрачјата.
Вториот клучен аспект, без кој новиот закон ќе остане мртво слово на хартија, е обезбедувањето на буџетски финансии за природата кои ќе ги поддржат управителите со заштитени подрачја и ќе овозможат нивна одржливост на долг рок. Постоењето на државни средства овозможува и влез на донаторски средства. Пример за ваков механизам е Prespa Ohrid Nature Trust како донатор кој финансиски ги поддржува подрачјата кои имаат солидни Планови за управување и основни административни и стручни капацитети за раководење со природното наследство. Но, без исполнување на овие услови, финансиите не можат да се доделат.
Конференцијата овозможи размена на искуства и примери од теренот кај нас, но и од други земји во регионот. Во завршните обраќања, Министерството за животна средина и просторно планирање истакна дека ќе работат на ново законско решение за заштита на природата и воспоставување на нова институционална хиерархија. Фондацијата Еуронатур која веќе со децении ја поддржува заштитата на Балканскиот рис посочи дека соработката е клучна, но бара посветеност и континуирани напори од сите страни, и истакна дека само донесување на нов закон нема да ги реши сите проблеми. Потребно е интерсекторска и интеринстутиционална соработка како и доследно спроведување на законските решенија од сите чинители.
Горди сме што бевме дел од најголемиот глобален собир посветен на заштитата на природата – Светскиот конгрес на Меѓународната Унија за Заштита на Природата (IUCN), кој оваа година се одржуваше во Абу Дабу, Обединетите Арапски Емирати. Заедно со над 10.000 учесници од целиот свет, дискутиравме за иднината на биодиверзитетот, климатските предизвици и праведната транзиција кон одржливо управување со природните ресурси.
Aктивно придонесовме во дискусиите и работата на неколку клучни теми кои се во срцето на нашата мисија:
Едукација базирана на природа – Како членови на работната група за Едукација базирана на природа, при Комисијата за едукација и комуникација, учествувавме во креирање на нови пристапи за учење преку директен контакт со природата. Веруваме дека ваквата едукација е клучна за градење генерации со еколошка свест и одговорност.
Преку работната група за граѓанска наука, споделивме искуства за вклучување на локалните заедници во собирање податоци и мониторинг на природата. Овие процеси не само што ја збогатуваат науката, туку ја зајакнуваат и демократијата во управувањето со животната средина.
Прекугранична заштита на природата, горди сме што сме дел од специјалистичката група за прекугранична заштита, каде работиме на модели за соработка меѓу земји во заштитата на заеднички екосистеми. На конгресот учествувавме и во панел дискусии посветени на оваа тема, споделувајќи примери на кои ние работиме.
Размена на искуства за управување со заштитени подрачја. Конгресот беше можност да ги споделиме нашите искуства од Македонија и да научиме од успешни модели ширум светот – од управување со национални паркови до вклучување на заедниците во заштитата на природата.
Планирани проекти и мерки на локално ниво за зголемување на климатската отпорност на главниот град, мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови и контрола на загадувањето како и справување со отпадот опфаќаат голем дел од изборните програми на политичките партии кои имаат кандидати за градоначалник на Град Скопје и кандидати за советот во градот на овие локални избори. Ова потврдува дека токму овие се проблемите на градот Скопје.
Еко-свест и за овие избори ги анализираше програмите на политичките партии кои овие локални избори имаат изборна програма (само 6 од 23). Програмите ги оценивме според критериуми согласно обврските на градоначалниците кон Европската повелба за градоначалници и изработивме „изборен семафор“. Според оваа повелба градоначалниците во рамки на своите овластувања имаат обврска да ги намалуваат емисиите на стакленички гасови – преку мерки во загревањето, транспортот и отпадот; да ја зголемуваат отпорноста на општината на последиците од климатските промени и да ја намалуваат енергетската сиромаштија. Скопје е еден од градовите потписници на Повелбата уште од 2010г. и има превземено обврска да изработи Локален акциски план за енергија и клима и да спроведува мерки и проекти во сите овие 3 области. За град Скопје досега не е изработен ваков план.
„Кога ги анализиравме програмите бевме пријатно изненадени дека во сите достапни програми се предвидени мерки за зголемување на отпорноста на главниот град. Но, не сите политички партии имаат предвидено конкретни чекори и извор на финансии за реализирање на овие мерки и проекти. Загрижува што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како најголеми политички партии, иако имаат предвидени мерки за намалување на емисиите на територијата на градот, сепак во голем дел планираат изградба на нови или реконструкција на постоечки булевари и улици што секако ќе придонесе за зголемување на сообраќајот во градот и зголемување на емисиите и загадувањето.“- изјави Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест.
Иако општините делумно имаат надлежности во поттикнување на граѓанска енергија – фотоволтаични панели на домови и просумери преку субвенции, сепак само Зелен Хуман град има спомнато вакви мерки. Сите анализирани програми недоволно обрнуваат внимание на заштитата на природата, бидејќи создавање на нови зелени површини не подразбира и заштита на природата на територијата на градот.
Партиите имаат предвидено социјални мерки и проекти, но само две од анализираните програми имаат мерки и активности за намалување на енергетската сиромаштија, клучна мерка во овозможување на енергетската транзиција на земјата.
Од политичките партии има многу ниска застапеност на едукација за клима и животна средина, иако токму подобрување на разбирањето на локалните заедници за овие теми е важно за успешноста на спроведувањето на многу од планираните мерки.
Во услови кога ниту една од општините во земјава нема доволно финансиски и човечки капацитети да спроведува поголеми инфраструктурни проекти, како на пример изградбата на регионални депонии по стандари или справување со загадувањето на воздухот, би сакале да видиме поголема застапеност на ваква соработка од партиите. Во моментов само во две од изборните програми е планирана меѓуопштинска соработка.
Најнови коментари