Пехчевски од Еко-свест: Потребна е поголема свесност за зелената транзиција од страна на институциите за граѓаните да го земат тоа како пример

Податоците од официјалните мерни станици од Министерство за животна средина и просторно планирање покажуваат дека загадување на воздухот има и во лето, но тогаш не е толку видливо за граѓаните. Аерозагадувањето е актуелно во зима затоа што во тој период атмосферските фактори како влажноста и недостатокот на струење на воздухот го прават видливо, вели Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-свест во денешното гостување во Здраво Македонијо на Канал 5 телевизија.

Зелената транзиција и потребата од искористување на обновливите извори на енергија се процеси кои бараат итни системски решенија, политики и активности од институциите, смета Пехчевски, истакнувајќи ја потребата од покажување посветеност и пример за понатамошна акција.

“Првиот чекор кон зелена транзиција е направен, односно желба на нашата земја да пристапи во ЕУ што меѓу другото подразбира и спроведување на зелената агенда која опфаќа декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, заштита на природата и одржливо земјоделство. Планот за зелена агенда треба да се претвори во конкретен акциски план, со рокови за спроведување и извор на финансии.

Свесноста кај граѓаните за овие чекори не е доволна. Потребно е институциите да го формираат системот кој ќе ја овозможи примената на овие мерки и акции. Па така, доколку граѓаните знаат дека треба да селектираат пластика, хартија, стакло, институциите треба да обезбедат дека тој отпад ќе се реупотреби или рециклира и нема да заврши на депонија. Исто така треба да има поддршка од државата за промена на начинот на загревање на домовите преку субвенционирање на домаќинствата во тој транзициски период кон обновливи извори на енергија. Доколку сакаме да ја заштитиме животната средина и воедно да го заштитиме и здравјето на граѓаните, треба да се користат фотоволтаици, инвертер клими и други ефикасни и одржливи начини на загревање, како и во европските земји”, потенцира Пехчевски од Еко-свест.

Запрашан дали за овие еколошки прашања има разбирање и соработка со надлежните институции, тој вели дека Еко-свест изминатите 20 години ги посвети токму на воспоставување доверба со институциите и разбирањето дека она што Еко-свест го работи е значајно за граѓаните и државата, а како позитивен пример го посочува партнерскиот однос со Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Во изминатите неколку години имаме солидна соработка со Министерството за животна средина. Имаме многу отворена комуникација, особено во справувањето со енергетската криза и како да ја надминеме. Имаме партнерски однос и со другите институции и општините, но соработката сé уште се развива.“ истакна Пехчевски.

За повеќе информации

Давор Пехчевски, Програмски координатор

Еко-свест

071264087[email protected]

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвoра повик за ангажирање на проектен координатор за спроведување на проектни активности во доменот на енергетиката во период помеѓу декември 2022 и декември 2023 година.

За Еко-свест

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Заинтересираните треба да ги исполнуваат следните посебни услови

  • Основни познавања за работата на Еко-свест и работата во граѓанска организација или фондација;
  • Комплетирано високо образование;
  • Најмалку 3 (три) години работно искуство во оваа проблематика и солидно познавање од раководење на проектен циклус (PCM);
  • Познавање на енергетскиот сектор во земјата и регионот, со акцент на гасот како енергенс;
  • Техничка писменост и капацитет за анализа на технички документи и студии во доменот на енергетиката и заштитата на животната средина;
  • Способност за застапување на позициите на организацијата пред донесувачите на одлуки;
  • Способност за теренска работа со засегнати локални заедници;
  • Одлично познавање на македонски јазик, познавање на англиски јазик е задолжително;
  • Поседување на извонредни комуникациски вештини (за орална и писмена комуникација) и способност за работа под притисок;
  • Искуство со административно и канцелариско работење;
  • Докажана способност да работи со компјутери, пред сè одлично познавање на програмите од пакетот на Microsoft office;
  • Возачка дозвола: Б категорија е пожелна.

Кандидатите/ките треба да ги поседуваат следните општи услови

  • за изразена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • за брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • за тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • за превземање лидерство и предводење на активностите во тимовите;
  • за извршување повеќе задачи истовремено и за испорака во кратки рокови;
  • за уредност и организираност.
  • желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од област на животната средина и граѓанскиот активизам.

Работни задачи и одговорности

  • Кандидатот треба да анализира техничка документација (студии, анализи, извештаи, планови, проекти), закони, стратегии и други документи за потребите на кампањите на организацијата и информациите од овие анализи да ги комуницира со низа засегнати страни- владини тела, локални заедници, граѓански сектор, бизнис сектор и други);
  • Да остварува и одржува контакт со локални заедници каде работи и делува Еко-свест со цел нивна поддршка во заштитата на животната средина;
  • Да остварува и одржува контакт со експерти од различни полиња на делување;
  • Да се обраќа во јавноста преку локалните и националните медиуми за потребите на активностите на Еко-свест;
  • Да спроведува проектни и програмски активности на Еко-свест;
  • Да раководи со проекти, буџети и придружна администрација;
  • Да ги почитува политиките на Еко-свести активно да соработува со персоналот на организацијата.

Работни услови

Неделното работно време е 40 часа. Со избраните кандидати ќе биде потпишан договор за вработување на определено време. Месечната нето плата, согласно политиката за плати е во рамки од 40.000 до 55.000 денари. Конкретната плата на избраниот кандидат/ката ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Начин на пријавување и роковник

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија во EuropassEUформат;
  • Контакт информации за најмаку три лица/организации кои би можеле да дадат професионална препорака.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за проектен координатор/ка.

Пријавувањето е тековно, а огласот е отворен до пополнување на позицијата.

Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат избрани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач и ги почитува различностите.

Презентација на „Анализата на алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“ на тркалезна маса во Битола

Презентација на „Анализата на алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“ на тркалезна маса во Битола

Скопје, 03.12.2022 – Анализата на алтернативи за централното греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион, нуди ефикасно решение за индивидуално и колективно загревање на домовите преку искористување на обновливи извори на енергија, односно поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди.

На 30 ноември 2022 година Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ и мрежата CEE Bankwatch Network, организираа тркалезна маса со претставници на советот на Општина Битола и Фондот за финансирање на зелена економија – GEFF со цел презентирање на наодите од анализата.

Асистент д-р Вања Џинлев, кој е и автор на анализата, ја презентираше „Анализата на алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“. Согласно технолошко-економска анализа на Џинлев во оваа студија, тој го претстави решението – комбинацијата од инвертер клима уреди со фотоволтаични ситеми, како најисплатлива и најефикасна опција за загревање на битолските домаќинства. Дополнителен фокус беше даден и на енергетските заедници, со посебен осврт кон формирање на општинска енергетска заедница која со искористување на објектите под надлежност на Општината за инсталирање фотоволтаични системи може да ги задоволи своите потреби за греење и електрична енергија, но и да продава вишок на произведена енергија назад во мрежата.

„Наодите покажуваат дека според сегашните услови во земјава, институциите можат да обезбедат долгорочен прилив на средства при продажба на вишоците на електрична енергија, обезбедени преку инвестирање во сопствени капацитети за производство на електрична енергија. При формирање на општински енергетски заедници и поврзување на различни објекти под општинско управување, периодот за поврат на средствата во комбинираниот систем не надминува 10 години, со што општините би ја зголемиле својата финансиска независност од централната власт, и би можеле да ги зголемат инвестициите во јавните добра“ – изјави Џинлев, потенцирајќи дека овој систем е најсоодветен за државните и јавните институции со оглед на нивното работно време.

На настанот се обрати и Наташа Ковачевиќ, координатор за централно греење за Западен Балкан во CEE Bankwatch Network и изјави „Станува збор за долгорочна инвестиција, која може да трае и до 15 години, но со добар оперативен тим кој би бил составен од јавните и приватните институции кои заеднички би работеле на проектот во секоја фаза, овој систем би бил возможен“, потенцирајќи дека мора да постои неповратна финансиска помош од државата и донаторите за изградба на вакви системи.

„Еко-свест“ и CEE Bankwatch мрежата, неодамна овозможија резлизирање на студиска посета на претставници од Општина Битола и Кочани во Данска и Шведска,  со цел локалните власти директно да се уверат дека системите за греење преку обновливи извори на енергија, се возможна, неопходна и долгорочна инвестиција. Посетителите на студиската посета се согласија дека презентираното е реална и потребна инвестиција и кај нас.

Тркалезната маса ја даде потребната платформа за размена на мислења и дискусија околу предлозите. Како следна активност, Општина Битола ќе ги вклучи претставените решенија за централно греење во својата програма за работа за 2023 година со што ќе овозможи практична примена на овој важен проект.

Раскинување на концесиите за мали хидроелектрани во НП Маврово и забрзување на репрогласувањето на паркот,бара Бернската Конвенција при Советот на Европа

Раскинување на концесиите за мали хидроелектрани во НП Маврово и забрзување на репрогласувањето на паркот,бара Бернската Конвенција при Советот на Европа

Стразбур, 02.12.2022г. – На 42та седница на Комитетот на Бернската Конвенција беше донесена нова одлука за отворениот случај од 2013 година „НП Маврово и планираните хидропроекти на неговата територија“. Комитетот одлучи да побара од Владата на Република Северна Македонија да ги раскине преостанатите концесии за мали хидроелектрани во НП Маврово, како прв чекор кој ќе го забрза процесот на репрогласување на паркот.

Комитетот го препозна напредокот во однос на имплементацијата на Препораката бр.211 од 2021 година, особено раскинувањето на 7 концесии за мали хидроцентрали во новопрогласениот Национален парк „Шар Планина“. Оваа иницијатива на Владата на РСМ беше посочена како пример што треба да се примени и во Националниот парк Маврово. Сепак, беше истакнато дека е потребен поконкретен и побрз напредок, особено, во однос на аспектите кои беа посочени од страна на подносителот на жалбата, Еко-свест:

  • откажување на преостанатите три концесии во НП Маврово (МХЕ Жировница 5 и 6 и МХЕ Рибничка);
  • побрзо донесувањето на новиот Закон за природа;
  • започнување на процесот на репрогласување на НП Маврово со иницирање јавни консултации и анализа на постоечката документација;
  • започнување на процесот на ажурирање на Акцискиот план за зачувување на балканскиот рис;
  • започнување на процесот на подготовка на методологијата за утврдување на еколошкиот проток во соработка со граѓански организации; и
  • воспоставување редовна координација и консултации помеѓу државните органи и поднесителот на жалбата.

„Раскинувањето на концесиите во НП Маврово е од клучно значење за идното разрешување на отворениот случај во Бернската конвенција. Затоа го предложивме како прв и најважен чекор и истото беше прифатено од страна на Комитетот. Ја охрабруваме Владата на Република Северна Македонија да го следи примерот со раскинување на концесиите на Шар Планина и бараме веднаш да го отпочне процесот на репрогласување на „Маврово“ во соработка со граѓанските организации. Воедно, Владата мора итно да ги обезбеди средствата за овој процес од државниот буџет, следејќи ја препораката“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

„Комитетот го прифати нашиот предлог за итна подготовка на методологија за утврдување на еколошкиот проток. Обезбедување на еколошки проток на водата кој овозможува здравје на сите зависни екосистеми е клучно за унапредување на заштита на реките и водниот биодиверзитет како и за ублажување на евидентните штети од изградбата на малите хидроцентрали“- додаде Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

Комитетот, земајќи го предвид постигнатиот напредок и очигледната подготвеност на Владата на Република Северна Македонија да преземе акција, одлучи да го задржи случајот како отворен и ги покани двете страни да презентираат нови извештаи за напредокот во однос на случајот и Препораката бр. 211 во јули 2023 година.

За повеќе информации

Ана Чоловиќ Лешоска [email protected] / 072726104

Ѓорѓи Митревски, [email protected] / 071232103