Нема амбициозни климатски политики без учество на јавноста

Нема амбициозни климатски политики без учество на јавноста

Сакаме да искажеме длабока разочараност што и покрај сите наши заложби и професионално надградување на знаењата во областа климатски промени, и отвореност за соработка и поддршка, сè уште наидуваме на игнорирање на граѓаните и граѓанските организации од страна на институциите.

Иако како држава навреме ги поднесуваме потребните известувања во секторот климатски промени, земјата сè уште нема закон и стратегија за климатска акција како и национален план за прилагодување кон климатските промени- документи кои треба да ја обезбедат имплементацијата на амбициозните климатски цели. За потребата од овие документи ни забележува и Европската унија во последните 3 извештаи, а истото е евидентирано како огромен недостаток и во 3тиот извештај за работата од областа животна средина на UNECE.

Учество и информирање на засегнатите страни и граѓаните во креирање на политиките во секторот климатски промени е една од најважните лекции од развиените земји и едно од барањата од Европската унија која се стреми да се издигне како лидер во климатска акција во светот.

Климатските промени се сериозен проблем кој навлегува во сите области и ги засега сите заедници и проблем кој драматично го менува и става во опасност нашето секојдневие. Токму затоа граѓаните треба да бидат соодветно консултирани, информирани и вклучени во процесите на пишување и носење на овие национални документи. А граѓанските организации кои активно работат во секторите животна средина и клима можат да дадат голем придонес кога станува збор за застапување на потребите на граѓаните.

Едностраното информирање на граѓаните преку официјалната веб страна на проектот за закон и стратегија за климатска акција и официјална веб страна на секторот климатски промени во Министерството за животна средина едноставно не е доволно и не обезбедува вклученост и партнерски однос во носењето на одлуки за ублажување и прилагодување на општеството кон климатски промени.

Како коалиција на граѓански организации кои работат во различни области од секторот животна средина и клима посочуваме дека граѓанскиот сектор игра значајна улога и дава значителен придонес во носењето одлуки во овие сектори, а институциите имаат обврска тој придонес да го земат во предвид и за сите превземени чекори да ги информираат и консултираат граѓаните. Ова е единствен начин да донесат одлуки и политики кои на прво место ќе го стават здравјето и добросостојбата на граѓаните и воедно ќе ги следат европските вредности на транспарентност, инклузивност и отчетност.

Со почит,
Коалиција за клима

Испратете фотографија на тема „50 Нијанси Воздух“ и добијте награда

Испратете фотографија на тема „50 Нијанси Воздух“ и добијте награда

„Еко-свест“ и Амбасадата на Кралството на Шведска од денеска дo 15 октомври ќе изберат најдобра фотографија на темата „50 нијанси воздух“ со цел да се подигне свесноста за квалитетот на воздухот во нашата земја. Сите фотографии кои ги исполнуваат критериумите, ќе бидат дел од патувачката фото-изложба која ќе може да се види во јавниот превоз во Скопје. Првонаградениот ќе добие прочистувач за воздух Blue Pure 221, за второто место е обезбеден прочистувач за воздух Blue Pure 411, а третонаградениот ќе добие планинарско ранче, термос, маичка, торба за пазарење, ѕвонче за велосипед.

Урбаните средини стануваат сé понаселени, а со тоа и позагадени, со негативно влијание врз човековото здравје. Затоа, сите мора да покажат посветеност ваквата состојба да се промени, а градовите да се трансформираат во зелени, енергетски ефикасни, безбедни и здрави места за живот, на овие, и на следните генерации.

Сите заинтересирани ќе можат да испратат фотографија која најдобро ја прикажува состојбата со квалитетот на воздухот во нашето опкружување кои прикажуваат позитивни и негативни примери во околината.

На фотографијата треба да биде прикажано Вашето доживување на квалитетот на воздухот кој го дишете, негативните страни на загадениот воздух, но и позитивен пример за тоа како Вие го решавате проблемот со аерозагадување и влијаете за негово намалување.

Во натпреварот можат да учествуваат лица, кои се полнолетни (постари од 18 години) на денот на пријавување во наградниот натпревар и ги исполнуваат условите за учество во наградниот натпревар.

Учество во наградниот натпревар се прави со испраќање на фотографија во електронска форма на е-адресата [email protected] најдоцна до 15.10.2020. Сите детали и критериуми можат да се прочитаат на MK и AL.


Thirrje për pjesëmarrje në garë shpërblyese për fotografi më të mirë “50 Nuanca të Ajrit”

Organizata Joqeveritare Eko-Svest dhe Ambasada e Mbretërisë së Suedisë në Shkup publikojnë një thirrje për fotografi më të mirë në temën “50 nuanca të ajrit”. Qëllimi i garës është të rrisim vetëdijen për cilësinë e ajrit në vendin tonë dhe të inkurajojmë praktika pozitive për ajër të pastër dhe shëndet të mirë.

Mjediset urbane janë duke u bërë gjithnjë më të populluar, dhe me atë, edhe më të ndotur, me ndikim negativ mbi shëndetin e njeriut. Andaj, të gjithë duhet të dëshmojnë dedikim që kjo gjendje të ndryshohet, dhe qytetet të transformohen në qytete më të gjelbër, më efikas në kuptimin energjetik, vende më të sigurta dhe më të shëndetshme për jetë, si për këtë brez, ashtu edhe për brezat që do të vijnë.

Gara shpërblyese për fotografi më të mirë do të jep mundësi që gjithë personat të interesuar të përcaktojnë fotografinë tyre që më së miri e pasqyron gjendjen me cilësinë e ajrit në rrethinën tonë. Fotografitë mund të shfaqen në shembuj pozitiv dhe ato negativ dhe mund të shkaktojnë emocione të këndshme dhe të pakëndshme, varësisht nga motivet e autorit.

Të gjitha fotografitë të cilat i plotësojnë kriteret, do të jenë pjesë e ekspozitës me fotografi në rrugëtim, e cila mund të vështrohet dhe shihet në transportin publik të Qytetit të Shkupit. Për tre fotografitë më të mira, të përzgjedhur nga komisioni, do të shpërblehen me shpërblimet:

Vendi i parë – pastrues për ajër Blue Air modeli Pure Blue 221.
Vendi i dytë – pastrues për ajër Blue Air modeli Pure Blue 411.
Vendi i tretë – – çantë për shëtitje në mal, termos, fanellë, torbë për treg, zile për biçikletë

Gara shpërblyese për fotografi më të mirë zgjat deri më 15 tetor 2020. Të gjitha detajet dhe kriteret mund të lexohen në ueb faqen e organizatës Eko-Svest.

Еко-свест со став за програмата на Владата

Еко-свест со став за програмата на Владата

Сакаме да го поздравиме поврзувањето на економијата со животната средина во новата програма за работа на Владата. Особено важно е што еден од приоритетите е борбата со климатските промени каде се надеваме забрзување и интензивирање на заложбите кон декарбонизација на сите сектори како и активностите за прилагодување кон новонастанатите климатски услови за ранливите сектори. Во сите овие чекори очекуваме транспарентност и зголемена вклученост на локалното население и сите засегнати страни.

Праведната транзиција нема да биде праведна ако не постои партнерски однос со граѓаните при носењето одлуки од значење за животната средина и климата.

Нагласуваме дека кога станува збор за управувањето со отпадот, единствен начин безбеден за климата е систем за селекција на отпад и силна кампања за намалување на отпадот во домаќинствата. Претворањето на отпадот во енергија предизвикува дополнително загадување и емисии кои се чекор назад на патот кон циркуларната економија.
Нè загрижува што и покрај предупредувањата дека природните ресурси мора да ги штитиме, во програмата сеуште се остава простор за експлоатација на минерални суровини наместо започнување на транзицијата кон затворање на коповите и премин кон алтернативни економски гранки. Истото важи и за водата како ресурс кој мора да има висок приоритет за заштита во услови на зачестени и продолжени сушни периоди, Затоа бараме од Владата да забрани изградба на мали хидроелектрани на целата територија на државата.

Затворање на сите ТЕЦ на јаглен и изградба на соларни термоелектрани како и олеснување на условите и зголемување на субвенциите за кровни фотоволтаици на домаќинствата е најмалку што Владата може да направи за да обезбеди ублажување на климатските промени.

Коментарите се образложени по сектори во текстот надолу.

Енергетика

РЕК Битола и користење на јаглен

  • Ревитализацијата и модернизацијата на сите три блока во РЕК Битола со редукција на прашина и десулфуризација се навистина долгоочекувани проекти, како што се и некои од активностите поврзани со отворање на нови рудници на јаглен. Меѓутоа, Енергетската стратегија, почитувајќи ги заложбите за декарбонизација на земјата, предвидува затворање на РЕК Битола во период од следните 8 години (зависно од сценариото). Следствено, се отвора прашањето зошто се прават планови кои се во конфликт со сите сценарија на Енергетската стратегија. Дополнително, не е јасно какви можности за употреба на различни типови на гориво се предвидуваат за РЕК Битола со ревитализацијата. Сметаме дека е подобро да се инвестира во праведна транзиција и преквалификација на вработените со можност за развој на Битола во културен центар во Македонија, отколку да се направат планираните инвестиции кои од една страна ќе ги заробат средствата кои инаку би се инвестирале во обновливи извори, а од друга страна ќе направат аргумент за пролонгирање на користењето на јаглен како енергенс што е спротивно на заложбите за декарбонизација на Европската Унија (ЕУ) и на нашата земја како кандидат за членство во ЕУ. Продолжувањето на користење на јаглен исто така ќе даде лоши резултати и во однос на јавното здравје и на квалитетот на воздух, затоа што и покрај мерките за намалување на прашината и другите емисии може да се очекува дека граничните вредности за емисии на Светската Здравствена Организација (СЗО) ќе бидат надминати.
  • Топлификацијата на Битола, Могила и Новаци исто така е еден од долгоочекуваните проекти, одложуван многу пати поради својата неисплатливост и неизводливост. Идејата за топлификационен систем за Битола е за поздрав, но не и ако ги направи корисниците зависни од работата на РЕК Битола. Во тој случај топлификациониот систем нема да биде ниту еколошки, ниту ефтин затоа што ќе има значителни екстерни здравствени трошоци. Дополнително, ваквиот проект ќе го оневозможи затворањето на РЕК Битола предвидено со Енергетската стратегија. Веројатно би било поприфатливо доколку тој топлификационен систем работи на гас и е предвиден само за Битола, иако и гасот е фосилно гориво и неговото користење нема никако да придонесе кон намалувањето на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, туку дополнително ќе ги зголеми на среден и долг рок. Сепак, на краток рок, веројатно е дека ќе се намали аерозагадувањето, иако по цена на продолжена зависност од фосилно гориво од увоз.
  • Забележливо е отсуството на план за воведување забрана за користење јаглен за загревање во домаќинствата кој беше присутен во старата програма на Владата, што е загрижувачки бидејќи оваа забрана претставува важен елемент на борбата против загадувањето на воздухот.

Гас

  • Се предвидува пренасочување на некои од јавните институции кон греење на гас, иако инфраструктурата за истото сеуште не е подготвена. Програмата споменува брз развој на дистрибутивните мрежи за различните категории на потрошувачи, но не е јасно дали е реално во текот на само четири години, колку што трае оваа програма, да се очекува да се развијат тие мрежи, дури и кога би имало доволно средства за нивно спроведување. Дополнително, иако станува збор за проект во тек, сметаме дека косултација со јавноста во однос на секоја од поединечните делници, односно консултација во секој град каде треба да биде спроведен системот за дотур на гас претставува одлична пракса за учество на јавноста во донесувањето одлуки и планирањето, како и добар индикатор колку граѓаните се согласни (или имаат потреба) да користат гас. Сметаме дека подобро решение би било наместо насочување толку многу финансиски средства во фосилно гориво кое на среден и долг рок има еднаков придонес кон климатските промени како и јагленот, треба поголемиот дел од средствата предвидени за оваа ставка да се насочат кон нефосилни начини на загревање.
  • Гасот е исто така фосилно гориво и неговото користење не води кон исполнување на зацртаните цели за борба против климатските промени. Вложување огромни инвестиции во гас, во услови кога е јасно дека на среден рок и гасот ќе треба да се замени со чисти, одржливи и обновливи извори на енергија, како за производство на електрична така и за топлинска енергија, нема економска ни социјална оправданост.
  • Споменати се когенеративни уреди кај индивидуални домаќинства и изградба на нова когенеративна постројка во склоп на Енергетика, но не е прецизиран типот на гориво. Иако когенерацијата се чини ефикасна, најчесто користени горива за конегерација се фосилни горива или биомаса, кои нема да придонесат за намалување на загадувањето и на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Од овие причини, ова не е прифатливо решение за обезбедување чиста електрична и топлинска енергија.
  • Не смее да се занемари важноста на топлинската енергија во целокупниот процес на намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Оттука, и во овој сектор се потребни се мерки насочени кон искоренување на фосилните горива, вклучувајќи го и гасот, како и вложување во чисти и одржливи технологиии – како во системите на централно греење така и во индивидуалното греење. За поздравување е предвидената инвестиција во соларни термални колектори, но забележливо е отсуството на стимулација на кровните фотоволтаици за домаќинствата. Од друга страна, било какви владини мерки за стимулирање на користење на (стандардизирани) пелети и друг вид биомаса треба да бидат условени со силни механизми за одржливо пошумување.

Други видови на енергија, преносен систем и планирање

  • Стимулацијата на производство на електрична енергија од отпад е во колизија со другите стремежи за намалување на отпадот. Искуствата на земјите кои имаат спроведено вакви проекти (Холандија, Шведска) покажуваат дека добивката во смисол на енергија од ваквите постројки не ја оправдува инвестицијата и значително го нарушува циклусот на справување со отпадот. Доколку се планира ваков проект претходно треба да се направи целосно мапирање на отпадот за да може да се пресмета исплатливоста на ваков проект, истовремено земајќи ги предвид загубите од управување со истиот тој отпад на подобри начини (рециклирање, реупотреба), како и ефектот врз предвиденото намалување на отпадот од пакување кое е предвидено со оваа програма. Единствено место каде може да се размислува за рекуперација на енергијата од отпадот и тоа да биде одржливо е во пречистителните станици каде метанот може да се искористи за добивање на енергија со што станицата може да користи електрична енергија добиена од сопствено производство барем за дел од своите потреби.
  • Под ревитализација на постојните големи хидроелектрани не е јасно дали се планира и отстранување на седиментите во акумулациите.
  • Планот за целосна реконструкција на преносната електроенергетска мрежа е за поздрав, но со оглед на тоа што на проектот Битола-Елбасан се работи од 2012 година, не е јасно дали во периодот кој го покрива оваа програма ќе биде реално ваквиот план да се спроведе. Сепак, се согласуваме дека инвестиции во мрежата кои ќе го овозможат инсталирањето на фотоволтаични и ветерни електрани претставуваат приоритет.
  • Секое планирање на енергетски проекти мора да земе предвид евентуалната штета врз дивиот свет и животната средина. Затоа дури и во случајот со фотоволтаиците и ветерните електрани, ќе мора да се направат истражувања и енергетско планирање кое е безбедно за животната средина (односно нема да направи штета врз дивиот свет и живеалиштата). Тука треба да се испита можноста за поставување на ваквите енергетски инсталации врз веќе деградирано земјиште како стари рудници и ископи.
  • Недостасува воведување на ESCO компании преку кои ќе се стимулира енергетска ефикасност во секторот на колективно домување и на општинско ниво.

Зелена економија (циркуларна економија, зелени работни места, отпад)

  • Планот на Владата за развој на државата преку постојано инвестирање во зелена економија и креирање на “зелени” работни места, применувајќи го социјалниот, еколошкиот и економскиот напредок, е од особена важност за благосостојбата и правдата за сите граѓани, како и за постигнување на целите за одржлив развој на Обединетите нации и целите на Европската унија.
  • Го поздравуваме инвестирањето во инсталација на сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување на земјоделските површини, како и заложбите за иновативни инвестиции во справувањето со климатските промени, поттикнувањето на договорното производство и поттикнувањето на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук од домашно производство и воспоставувањето систем на собирање на нус-производи од животинско потекло, поврзан со мерките во енергетиката и екологијата (модел на циркуларна економија) и поттикнување за донирање на вишокот храна. Сепак, забележливо е дека и покрај движењата во позитивна насока, на пример забрана за користење на пластични кеси, не е предвидена забрана за користење на друга пластична амбалажа (напр. пластични шишиња), ниту е предвидено со што ќе се заменат пластичните кеси.
  • При креирањето на зелените работни места, потребно е да се земат во предвид повеќе фактори, како што се: обезбедување добри работни услови, создавање здрави работни односи, социјален дијалог, еднакви можности за вработување, обезбедување праведен надоместок/личен доход, обезбедување социјална и здравствена заштита, учество и одлучување во однос на нивоата на компетенција и сл.
  • Ново “зелено” лидерство во приватниот и јавниот сектор, воведување еколошки ознаки на производите кои би помогнале во донесувањето одлуки при купување, но и за создавање на “зелено” потрошувачко општество се исто така дел од решенијата за поттикнување на зелената економија.
  • Преку мерење на општествените и еколошките ефекти во економијата би се создала појасна слика за вистинската вредност на БДП, бидејќи порастот на БДП не треба да биде резултат на економски активности кои штетно дејствуваат врз луѓето и животната средина.

Одржлив развој и експлоатација на ресурси

Во законот за минерални суровини (нацрт верзија била подготвена но не стигнала до Собрание пред неговото распуштање во јануари 2020), освен враќање на ископите во првобитна состојба треба да се воведат и мерки за тековните наоѓалишта и ископи кои подразбираат високи стандарди и заштита од лизгање на земјиштето, ерозија и превенција на загадување. Ова мора да се направи и во согласност со просторниот план, односно да се предвидат зони каде не е дозволен ископ или интервенција за екстракција на суровина. Враќањето во првобитна состојба мора да биде обврзно како за новите, така и за старите ископи/наоѓалишта.

Земјоделство и рурален развој

Во услови кога последиците од климатските промени се очекува да зачестат и да зголемат во интензитет, обезбедување на производство на храна во овие новонастанати услови треба да биде висок приоритет на државата. Во програмата недостасуваат средства за истражување и иновативни технологии како и план за прилагодување на секторот земјоделие кон климатските промени. Субвенционирањето на одредени култури и сектори повеќе отпорни на климатски промени треба се искористи за насочување на производството на храна кон нискојаглеродни гранки и култури отпорни на продолжени периоди на суша.

Климатски промени

  • Сеуште недостасува интерсекторскиот пристап во заложбите за ублажување и прилагодување кон климатските промени. Во сите институции мора да има стручни лица кои ќе се занимаваат со имплементација на регулативата и плановите од значење за климатските промени.
  • Иновациите и истражувањата се најпотребни кога станува збор за имплементирање на амбициозните климатски политики, во спротивно тие стануваат неспроведливи во пракса.
  • Приоритет треба да биде Национална стратегија за прилагодување кон климатските промени и истата да се преслика во сите ранливи сектори.
  • Потребен е план за праведна транзиција на регионите со јаглен кој ќе произлезе од консултации со локално население. На национално ниво овој план треба да ги вклучи и секторите ранливи на клима во земјата.
  • Земјата мора да работи на современ систем за мерење, известување и верификација на податоците потребни за справување со климатските промени како би располагале со најнови информации на време

Заштита на водните ресурси и природа

  • Освен забрана за изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови, треба да се воведе и забрана за поголеми инфраструктурни објекти и зафати во зони кои ќе бидат предвидени за заштита- спогласно сите степени за заштита кои постојат (IPA, IBA, PBA, Natura2000, IUCN категории, национално законодавство, Емералд мрежа), како и подрачја кои согласно просторниот план ќе бидат оценети како подрачја од особена важност (за заштита на вода за пиење на пример).
  • Недостасува воведување нова регулатива за еколошки проток на реки која ќе ја замени постојната регулатува за биолошки минимум.
  • Недостасува нов Закон за НП Маврово.
  • Недостасува формирање на Завод за природа кој ќе биде одговорен за мониторинг на дивиот свет.
  • Недостасува формирање Фонд за животна средина кој беше присутен во претходната програма.

Економија

Поддршката за бизнис секторот мора да е условена од мерки за енергетска ефикасност, дигитализација и заштита на животна средина со прилагодување и намалување на климатските промени. Само на овој начин ќе се создаде бизнис сектор кој е вистински отпорен на предизвиците од пандемијата (и идните предизвици од климатските промени).

Здравство

Во програмата нема акцент на евидентирање, систематизација и статистика на здравствени проблеми кај населението- воспоставување на систем на евиденција по општина и достапност на овие податоци за истражувачки цели и за превенција на болести. Примарна цел е следење на корелацијата помеѓу загадувањето и здравствената заштита на населението.

Социјална заштита

Енергетската сиромаштија не е застапена како тема во програмата, односно не се планира донесување дефиниција, програма и план за намалување на енергетската сиромаштија во земјата, особено за ранливите категории (стари лица, деца, жени, хронично болни).

Образование

Не е спомнато еколошко образование, како елементарна потреба во време кога еколошката свесност е на многу ниско ниво и придонесува кон уништување на вредните ресурси од кои зависиме. Без заштита на истите преку делување од најмлада возраст нема да може да се потпреме на истите во делот на развојот на економијата и обезбедување здраво население.

Култура

Охрид како Унеско подрачје не е споменато како приоритет за зачувување и решавање на проблемите со дивоградбите и загадувањето на екосистемот.

Улогата на жените во планирање на градовите

Улогата на жените во планирање на градовите

Климатските промени се проблем чии последици веќе ги чуствуваме во нашата земја и кои бараат поинаков пристап и меѓусекторска соработка. Градовите каде живее и работи поголем дел од населението имаат единствена можност да ги ублажат климатските промени преку планирање на градот кое ги зема во предвид потребите на сите и во исто време внимава на прилагодување на урбаната средина кон новите климатски услови. Улогата на жената во урбаното планирање е особено важна, поради тоа што жените имаат грижлива природа и повеќе од една улога во домот и надвор од него. Планирање на град од жени и град за жени многу често значи град кој одговара на потребите на сите и одржлив град кој се движи кон нискојаглероден развој.

Како жени со долгогодишно искуство во секторот животна средина и клима, женската половина на Еко-свест има повеќе ставови на темата.

CEE Bankwach мрежата каде и Еко-свест е членка изработи инфографикони кои нудат објаснување на темата. Сите може да се најдат преведени на македонски јазик на линковите подолу.

https://ekosvest.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/Infographic-1-Sustainability-Infrastructure-MACEDONIAN-WEB-20Aug20.pdf

https://ekosvest.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/Infographic-2-Sustainable-Cities-MACEDONIAN-WEB-20Aug20.pdf

https://ekosvest.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/Infographic-3-Gender-inclusive-Cities-MACEDONIAN-WEB-20Aug0.pdf

Популациите на дивите видови намалени за две третини од 1970 година

Популациите на дивите видови намалени за две третини од 1970 година

• Причините вклучуваат уништување на животната средина, како што се уништување на шумите, неодржливо земјоделство и нелегална трговија со диви животни, придонесувајќи за појава на вируси како што е КОВИД-19

• Биодиверзитетот на слатководната вода исчезнува многу побрзо отколку во океаните или шумите – 84% е просечната стапка на опаѓање на популациите на слатководните видови од 1970 година

• WWF повикува на итни мерки за унапредување на трендот до 2030 година со запирање на уништувањето на природните живеалишта и реформа на нашиот систем на храна

СКОПЈЕ – Светската популација* на цицачи, птици, водоземци, влекачи и риби е намалена во просек за две третини за помалку од половина век, открива Светскиот извештај за зачувување на природата 2020 објавен денес од WWF. Ова во голема мера е резултат на уништување на животната средина што придонесува кон појава на зоонотски болести како што е пандемијата КОВИД-19.


Извештајот за состојбата со планетата е сеопфатна студија за состојбата на нашата природа преку индексот на живата планета (Living Planet Index- LPI), кој ја следи состојбата на популациите на диви видови. LPI, обезбеден од Лондонското зоолошко друштво, покажува дека истите фактори, за кои се верува дека ја зголемуваат можноста за појава на пандемија, стојат зад намалувањето на 68% од популацијата на ‘рбетници помеѓу 1970 и 2016 година. Иако овие двигатели вклучуваат пренамена на земјиште и трговија со диви животни, главната причина за драматичното опаѓање на популациите е загубата и деградацијата на живеалиштата, вклучително и уништувањето на шумите, што се должи на моделот на производство на храна.


„Извештајот „Состојба на планетата 2020“ посочува дека забрзаното уништување на природата, како резултат на човечките активности, има катастрофални влијанија не само врз популациите на дивиот свет, туку и врз здравјето на луѓето и сите други аспекти од нашите животи“, истакнува Марко Ламбертини, извршен директор на WWF International.

„Не можеме да ги игнорираме доказите пред нас затоа што сериозниот пад на популациите на дивиот свет е знак за предупредување што укажува на дефект на системот.“

Најзагрозен биодиверзитетот на слатководни екосистеми

Слатководниот биодиверзитет исчезнува побрзо отколку во кој било друг екосистем. Од 1900 година, повеќе од 70% од светските мочуришта исчезнале, а од 1970 година, популациите на слатководни видови се намалиле за 84%, повеќе од оние што живеат во шуми или океани. Реките во светот се пренатрупани со постоечка и планирана инфраструктура, потрошувачката на вода од година во година расте, риболовните подрачја на слатководни вода се прекумерно искористени, а животот на милиони луѓе станува сè понесигурен. Слично е и во нашиот регион.


„Нашата земја изобилува со неверојатна природа, прекрасни реки и богат биодиверзитет. Но, ние за жал не знаеме и не успеваме да ги зачуваме овие вредни богатства. Постојано сме сведоци на катастрофално испуштање на штетни материи во водните текови, без изрекување соодветни казни за сторителите. Исто така, и понатаму продолжува изградбата на малите хидроелектрани на нашите реки, кои не само што ја уништуваат природата, туку и го оставаат локалното население без вода за пиење. Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е во заложништво на бизнисот за произвоство на електрична енергија субвенциониран од државата. Ваквата пракса на премолчено поттикнување на неодржлив развој мора да престане ако сакаме да го зачуваме нашиот највреден ресурс- водата“,
истакна Ана Чоловиќ Лешоска, координатор за политики во WWF Adria и извршна директорка во Еко-свест.

Со заштита на биодиверзитетот на слатководната вода, ние придонесуваме на различни начини за подобрување на здравјето на луѓето, од намалување на можноста за нови болести до зголемување на достапноста на водата и храната. Сегашната состојба укажува на тоа дека ние мора да дејствуваме веднаш. Со цел да се запре губењето на биодиверзитетот на слатководните води, треба да се спроведе амбициозен план за интервенција. Тоа вклучува овозможување на природниот тек на реките, намалување на загадувањето, заштита на мочуриштата, запирање на прекумерниот риболов и неодржливото таложење на седиментите, контролирање на инвазивни видови и заштита и
обновување на врските што ги имаат живеалиштата на слатководните води со околните екосистеми.

Производството и потрошувачката на храна се клучни двигатели на загубата на
биодиверзитетот


Сличен план е неопходен за целиот биодиверзитет во светот. Стабилизирање и запирање на загубата на природата ќе биде можно само ако работиме храбро и амбициозно за зачувување на природата и ако го смениме начинот на производство и консумирање храна.

Потребните промени вклучуваат поефикасно и еколошки одржливо производство и трговија со храна, намалување на отпадот и избор на поздрав и еколошки начин на исхрана.


Падот на глобалниот биодиверзитет придонесува за зголемување на глобалните нееднаквости, продлабочување на поделбите помеѓу глобалниот север и југ. Исто така, ја зголемува ранливоста на малите заедници кои ќе бидат најмногу погодени од губење на природата. Затоа, сите планови за запирање на загубата на природата треба да вклучуваат решавање на основните социјални и економски проблеми кои само се продлабочуваат со губење на биодиверзитетот.


Ние мора да се фокусираме на фер и одржлива економија и производство на храна, фер плати, намалување на отпадот, еднаков пристап до природните ресурси и интегриран пристап кон обновување и зачувување на природата. Заедничката имплементација на овие мерки ќе ни овозможи побрзо да ги ублажиме притисоците врз живеалиштата на дивиот свет. И обратно, ако продолжиме како досега, стапката на загуба на биодиверзитетот ќе продолжи да расте.


Светските лидери мора да дејствуваат веднаш


Извештајот за состојбата на планетата во 2020 година беше објавен само неколку дена пред 75-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации (UNGA), кога се очекува светските лидери да го разгледаат постигнатиот напредок во остварувањето на целите за одржлив развој, Парискиот договор и Конвенцијата за биолошка разновидност.
UNGA 2020 ќе ги обедини светските лидери, корпорациите и граѓанското општество да развијат рамка за акција по 2020 година, означувајќи пресвртница во поставувањето на темелите за итно потребниот нов договор за природата и луѓето.

Ламбертини заклучува: „Ако сакаме да се надеваме дека обновата на природата ќе им даде на денешните и идните генерации еднаква шанса, светските лидери мораат, покрај зачувувањето на природата, да го направат нашиот систем за производство на храна поодржлив на начин што вклучува запирање на уништувањето на шумите. Со оглед на претстојното Генерално собрание на ООН, новиот извештај на WWF може да помогне да се обезбеди потребниот нов договор за природата и луѓето како основа за долгорочно преживување на дивиот свет, растенијата и инсектите и целата природа, вклучувајќи го и човештвото “.


КРАЈ

Белешка за уредници:

  • Извештајот за состојбата на планетата 2020 и неговото резиме, слики и видеа може да се преземе тука. На овој линк, исто така, ќе најдете подетални извештаи за слатководните води Freshwater LPI findings, извештај за ефектите од климатските промени врз видовите Biodiversity In A Warming World, како и бројни фотографии и видеа.
  • *Користени податоци од 4.392 видови и 20.811 популации, Глобалниот индекс на живата планета за 2020 година покажува просечен пад од 68 проценти кај набљудуваните популации. Промената на процентот во индексот ја одразува просечната пропорционална промена во големината на животинската популација следена над 46 години, а не бројот на изгубени индивидуални животни.
  • Извештај за состојбата на планетата 2020 Тринаесетто издание на водечкото двогодишно издание на WWF
  • Посетете ја страницата на WWF Adria https://livingplanet.panda.org

За повеќе информации
Ана Чоловиќ Лешоска, [email protected], 072 726 104

За WWF:


WWF е една од најголемите, глобално признати, независни организации вклучени во заштитата на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји. Мисијата на WWF е да се запре уништувањето на животната средина и да се создаде иднина во која луѓето живеат во склад со природата со зачувување на биодиверзитетот во светот, одржливо користење на природните ресурси и намалување на загадувањето и прекумерната потрошувачка. Повеќе информации на: www.wwfadria.org


За Лондонското зоолошко друштво- Zoological Society of London


Зоолошкото друштво од Лондон е меѓународно научно здружение чија главна улога е да ги заштитува животните и нивните живеалишта. Од истражување на закани по здравјето на животните до помагање на луѓето и животинскиот свет да живеат во хармонија, ЛЗД е посветено на враќање на дивиот свет од работ на истребување. Водечката зоолошка градина во Лондон и зоолошката градина Whipesnade спроведуваат научни истражувања на Институтот за зоологија и активно учествуваат во заштитата на животната средина во повеќе од 50 земји во светот. www.zsl.org