28 јули – Меѓународниот ден за зачувување на природата

28 јули – Меѓународниот ден за зачувување на природата

Водени од мислата дека секој од нас има одговорност да преземе акција за заштита на природните богатства и зачувување на здрава иднина за генерации, Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во текот на оваа година започна со активности за утврдување на состојбата на питомиот костен во Споменикот на Природа Вевчански Извори.

Питомиот костен – Castanea sativa се смета за исклучително важен вид од биолошки, еколошки, економски и социолошки аспекти. Во многу земји плодовите претставуваат важен ресурс за руралната економијa. Во Вевчани е богата традицијата за собирање на костенот и изработка на продукти од него.
За жал, европскиот питом костен, како и американскиот пред него, е подложен на болеста наречена рак по костенот, која е предизвикана од фитопатогената габа Cryphonectria parasitica. Дејствувањето на габата резултира со создавање на активна рак-рана која доведува до сушење и изумирање на гранката или стеблото над местото на инфекцијатa.
Вакви случаи на сушење и изумирање на дрвја од популацијата на питом костен се присутни и на подрачјето на Споменикот на Природа Вевчански Извори.

Со истражувањето кое го започна Еко-свест ќе се обезбеди преглед на постоечката состојба на костеновата популација во заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и влијанието на болеста, преку анализа на теренски и лабораториски резултати.
Покрај документирање на постоечката состојба, врз база на идентификуваните закани и ризици, од истражувањето ќе произлезат и препораки и мерки за надминување на состојбите кои ќе се користат во иднина за успешно управување со популацијата на питом костен и трајна заштита.

Повеќе податоци за питомиот костен – https://shorturl.at/V9zYq

Актиностите се дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” спроведуван од локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

#ЗаедноЗаПриродата #Природа

Отворен повик за изработка на два кратки документарни филмови

Отворен повик за изработка на два кратки документарни филмови

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ за потребите на проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust и проектот „Заедно за реките“ финансиран од The Nature Conservancy објавува постапка за ангажман на физички и правни лица за изработка на два кратки документарни филма во две фази:
1) повик за учество и изразување интерес и 2) барање за доставување понуда.

Фаза 1: Повик за учество и изразување интерес

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во рамки на проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” и проектот „Заедно за реките“ има потреба од ангажирање на физичко или правно лице за изработка на два кратки документарни филма. Детален преглед со опис на работните задачи се наоѓа во Анекс 1 од овој Повик.

Повикот за учество и изразување интерес е отворен од 26.07.2024 до 05.08.2024.
Заинтересираните физички и правни лица, својот интерес можат да го изразат преку email адресата [email protected] не подоцна од 05.08.2024 година во 16:00 часот со назнака „Изразување интерес за изработка на документарни филмови“.

Документи кои треба да се достават при изразувањето интерес:
За правно лице:

  • Писмо за изразување интерес
  • Кратко портфолио со изработени документарни филмови/видеа од сличен
    карактер
  • Биографија на секој член од тимот (искуство во изработка на документарни
    филмови);
  • Пополнета изјава за незапаѓање во ситуација која е основа за исклучување од
    учество во набавката (Анекс 2)

За физички лица:

  • Писмо за изразување интерес
  • Кратко портфолио со изработени документарни филмови/видеа од сличен
    карактер
  • Биографија на секој член од тимот (искуство во изработка на документарни
    филмови);
  • Потврда за посветеност: кодекс на однесување на Еко-свест и декларација за
    судир на интереси (Анекс 3), потпишана од сите членови на тимот апликанти.

Пријавите за изразување интерес кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна
документација, нема да бидат разгледувани.

Очекуваме понуди од понудувачи кои е пожелно да ги исполнуваат следните критериуми:
За правни лица:

  • активна компанија која е формирана согласно македонските закони и постои најмалку 6 години, што се докажува со тековна состојба од Централниот регистар, не постара од шест месеци;
  • изработени минимум 3 (три) документарни филма во последните 3 (три) години поврзани со заштита и унапредување на животната средина и природата;
  • поседување на соодветни технички и административни капацитети и услови за продукција и пост продукција на и видео материјали и графички содржини; камера, дрон, микрофон, аудио продукција;
  • да поседува тим составен од: режисер, сценарист, снимател, што се докажува со приложување на соодветни работни биографии на професионалците коишто ќе бидат предложени како тим од страна на заинтересираните страни; доставувањето на работни биографии за секоја од бараните позиции за
    членовите на тимот е задолжително;
  • соодветно работно искуство на секој член од предложениот тим кое нема да биде помало од 2 (две) години, што ќе може да се докаже преку деталните работни биографии;
  • поседување препораки од коминтенти или партнери со кои претходно соработувале;
  • способност за работа со крајни рокови и работа под притисок;

За физички лица:

  • изработени минимум 3 (три) документарни филма во последните 3 (три) години поврзани со заштита и унапредување на животната средина и природата;
  • поседување на соодветни технички и административни капацитети и услови за продукција и пост-продукција на видео материјали и графички содржини; камера,
    дрон, микрофон, аудио продукција;
  • тим составен од: режисер, сценарист, снимател, што се докажува со приложување на соодветни работни биографии на професионалците коишто ќе бидат предложени како тим од страна на заинтересираните страни; доставувањето на работни биографии за секоја од бараните позиции за членовите на тимот е задолжително;
  • соодветно работно искуство на секој член од предложениот тим кое нема да биде помало од 2 (две) години, што ќе може да се докаже преку деталните работни биографии;
  • поседување препораки од коминтенти или партнери со кои претходно соработувале;
  • способност за работа со крајни рокови и работа под притисок;

За сите прашања, контактирајте нѐ на [email protected] најдоцна до 01.08.2024 година, во 16:00 часот. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.

Фаза 2: Барање за доставување понуди

Временска рамка за доставување на понуда:
По истекот на Повикот за изразување на интерес, заинтересираните страни кои ќе изразат интерес и ќе испратат целосна документација за овој повик ќе бидат поканети да достават свои понуди за наведените активности на електронската адреса [email protected], со назнака „Понуда за изработка на два документарни филмови“. Рокот за доставување на понуди ќе биде отворен од 12.08.2024 година, најдоцна до 23.08.2024 година во 23:59 часот.

Потребна документација за доставување понуди:

За правни лица:
Технички дел од понудата:

  • Предлог концепт за два кратки документарни филмови;
  • Временска рамка;
  • Професионални биографии (CV-а) на лица од тимот кој ќе работи на изработка
    на филмовите;
  • Контакт од референци со кои е остварена претходна соработка.

Финансиски дел од понудата:

  • Тековна состојба од субјектот, не постара од 6 месеци;
  • Финансиска понуда по ставки изразена во македонски денари:
  • Без вклучен ДДВ за документарниот филм/видео финансиран од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust. Проектот е ослободен од ДДВ.
  • Со вклучен ДДВ за документарниот филм/видео проектот „Заедно за реките“ финансиран од The Nature Conservancy.

За физички лица:
Технички дел од понудата:

  • Предлог концепт за два кратки документарни филмови;
  • Временска рамка;
  • Професионални биографии (CV-а) на лица од тимот кој ќе работи на изработка на филмовите;
  • Контакт од референци со кои е остварена претходна соработка.

Финансиски дел од понудата:

  • Финансиска понуда по ставки изразена во македонски денари.

Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.
Пoнудите кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна документација, нема да
бидат разгледувани.

Критериуми за избор на најсоодветна понуда:

По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите понуди.
Бодувањето на пристигнатите понуди ќе се изврши на следниот начин:

  • Предлог концепт за двата кратки документарни филмови – (50 поени)
  • Портфолио и искуство на предложените членови на тим (30 поени)
  • Финансиска понуда (20 поени)

Еко-свест ќе ги контактира сите понудувачи, не подоцна од 7 работни дена од истекот на периодот за доставување на понуда, за да ги извести за резултатот од постапката.

Сите понудувачи кои не биле избрани на повикот имаат можност во рок од 5 календарски дена да поднесат Приговори по однос на постапката.
Еко-свест ќе подготви одговор по евентуалните приговори до понудувачите-жалители.

По истекот на рокот за приговори, од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува:

За правни лица:
Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исполнува критериумите за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Дополнителната документација се доставува не подоцна од 3 работни дена по истекот на рокот за поднесување Приговори и ќе биде предмет на анализа од страна на Раководителот на финансии на Еко-свест и проектните координатори.

Договор со избраниот понудувач ќе се склучи најдоцна во рок од 7 работни дена.

Анекс 1: Детален опис на работната задача


Опис на услугата
Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје, во рамки на проектите “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust и „Заедно за реките“ финансиран од The Nature Conservancy има потреба од ангажман на физички и правни лица за изработка на два кратки документарни филма со цел промоција и едукација за придобивките од заштитените подрачја.

Основни информации
Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина. Нашата визија е праведно, одговорно и совесно општество каде здрави граѓани одржливо живеат во благосостојба и хармонија со животната средина. Своите мисија и визија ги остваруваме преку различни
иницијативи кои вклучуваат поддршка и поттик на граѓанската свесност и активно учество на локалните заедници. Промовирањето на практични решенија во соработка со организации и институции, дополнително допринесуваат кон исполнување на нашата визија и мисија. За нашиот успех, доказ се јавните кампањи за подигнување на свеста за климатските промени, заштитата на природата и водите, аерозагадувањето,
енергетската транзиција и зелената трансформација кои ги спроведуваме повеќе од две децении и имаат допрено до над 1 милион граѓани.
Проектите во кој се предвидува ангажман на физичко или правно лице за изработка на документарни филмови имаат за цел промоција на Споменикот на природа Вевчански Извори и идното заштитено подрачје Демиркаписка клисура.

Цел на услугата
Активностите што вклучуваат ангажман на физичко или правно лице за изработка на документарни филмови имаат цел да едуцираат и да ја подигнуваат свеста кај јавноста за потребата и придобивките од заштитените подрачја, можностите за локалното население од прогласувањето на заштитени подрачја, продолжување на употреба на позитивните практики во подрачјето, зачувување на природното наследство и културното наследство.
Преку документарните филмови треба да се прикаже улогата, потенцијалот и значењето кое заштитените подрачја ги имаат во одржувањето и зачувувањето на биодиверзитетот и природната состојба на еко системите како и човековото здравје и благосостојба. Документарните филмови треба да ги прикажат карактеристиките поради кои што се заштитени или треба да се заштитат, моменталниот статус и начините на управување со овие подрачја и да демонстрира добри практики за овие аспекти. Документарните филмови е предвидено да опфатат и интервјуа со лица кои треба да вклучуваат претставници на локалното население.
Документарниот филм е потребно да биде прилагоден во соодветни формати за да може да се споделува на социјални медиуми и да може да се емитува на телевизија.

Обем и детален опис на услугата
За успешна реализација на планираните активности на организацијата во договорениот временски рок, ангажираното физичко или правно лице е потребно да ги спроведе следниве активности:

  • Да изработи концепт креативно сценарио за два кратки документарни филмови;
  • Да го презентира концептот за двата кратки документарни филмови пред Екосвест и да ги модифицира во согласност со дадените насоки од Еко-свест;
  • Да подготви и достави нацрт видео содржина за одобрување на страна на Екосвест;
  • Да ги интегрира насоките и забелешките од Еко-свест во крајната верзија на
    видео документарците;
  • Да изработи комплетна видео продукција и постпродукција на документарните
    филмови, (со камера, дрон, микрофон, аудио продукција);
  • Да обезбеди фотографии од снимањето и сниманите подрачја;
  • Да ги предаде документарните филмови во соодветен формат (висока
    дефиниција 1080 HD и верзија за споделување на социјални медиуми) во
    договорениот рок.
  • Да одржува консултативни состаноци со лицата назначени за контакт од страна
    на Еко-свест, во термини меѓусебно и однапред договорени.

Временска рамка
Периодот на имплементација е во периодот од 2 септември 2024 и 30 септември 2025 година. По склучување на договорот, избраната страна ќе има период од 13 (тринаесет) месеци за реализација на договорените задачи.

Резултат Краен рок
Вевчани 
Поднесен разработен концепт16.09.2024
Одобрување од страна на Еко-свест           23.09.2024
Снимање на терен – есен30.11.2024
Снимање на терен – зима28.02.2025
Снимање на терен – пролет15.05.2025
Достава на пред-финална верзија 30.05.2025
Достава на финален продукт со вклучени коментари 15.06.2025
Демир Капија
Поднесен разработен концепт30.04.2025
Одобрување од страна на Еко-свест07.05.2025
Снимање на терен15.08.2025
Достава на пред-финална верзија 15.09.2025
Достава на финален продукт со вклучени коментари 30.09.2025

Буџет
Максималниот буџет достапен за извршување на горенаведените задачи нема да надмине 184.000 МКД без вклучен ДДВ достапни од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust и 246.000 ден со вклучен ДДВ проектот „Заедно за реките“ финансиран од The Nature Conservancy.

Контакт лице
Контакт лицa за проектот ќе бидат:


Наум Илиески
Е-маил: [email protected]
Контакт телефон: +389(0)71 381 551
и


Ѓорѓи Митревски
Е-маил: [email protected]
Контакт телефон: +389(0)71 232 103

Повик-за-изразување-интерес-за-снимање-документарни-филмови-26.7.2024.pdf

Анекс-1-Детален-опис-на-услугата.pdf

Анекс-2-Изјава од понудувач

Анекс-3-Потврда-за-посветеност.docx

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СУШТИНСКО УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА ВО ОДЛУКИТЕ ПОВРЗАНИ СО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СУШТИНСКО УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА ВО ОДЛУКИТЕ ПОВРЗАНИ СО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ВАЖНОСТ НА УЧЕСТВОТО НА ЈАВНОСТА

Учеството на јавноста во донесувањето на одлуки од сферата на животната средина е од суштинско значење. Преку ова право се овозможува транспарентност и отчетност на процесот, се обезбедува богатство на идеи, размислувања и можни решенија, но и се создава чувство на сопственост на избраното решение кај јавноста бидејќи (доколку) им се уважени изложените мислења.

Правото на учество на јавноста за прашања поврзани со животната средина на меѓународно и европско ниво е преточено во „Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина“ (Архуска конвенција) потпишана 1998, но и како дел од acquis communautaire на ЕУ.

ТРИ НИВОА НА УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА

Со членовите 6-8 од Архуската конвенција е воспоставено Правото на учество на јавноста во одлуките и политиките поврзани со животната средина, и тоа на три нивоа.

На ниво на конкретни проекти, за сферите кои според Анекс I на Конвенцијата јавноста е задолжителна, oбврските за државните органи се состојат во обезбедување: jавноста да е соодветно, навремено и ефективно информирана, преку јавни известувања или индивидуално; вклучување на јавноста во фаза кога сите опции „се отворени“ , односно не е се завршено, па може да се придонесува со мислења и слично; да се остави доволно време за јавноста да се информира за сите аспекти преку давање разумни рокови за да може да се подготви; да се направат достапни и бесплатни конкретни потребни информации; да се овозможи на јавноста да ги достави своите коментари, анализи или мислења, писмено или преку јавни расправи; придонесот на јавноста е земен предвид при одлучувањето; јавноста е навремено информирана за донесената одлука, со образложение и аргументи за истата.

На ниво на планови, програми и политики, согласно член 7: државите треба да подготват соодветени практични или други одредби за да овозможат учество на јавноста во подготвување на плановите и програмите поврзани со животната средина, притоа применувајќи ги и точно наведените одредби од членот 6 од конвенцијата.

На ниво на законодавство, согласно членот 8, каде: државите ќе промовираат ефективно учество на јавноста во текот на подготвувањето на законодававството со тоа што временската рамка мора да биде доволна за ефективно учество на јавноста; нацрт-одредбите треба да бидат објавени или на друг начин направени јавно достапни; јавноста треба да има можност да даде коментари, директно или посредно преку своите претставници во консултативните тела.

СТАВОВИ НА „КОМИТЕТОТ ЗА УСОГЛАСЕНОСТ“ СО АРХУСКАТА КОНВЕНЦИЈА

Дел од предизвиците со кои се соочуваат државите при спроведувањето на одредбите од Архуската конвенција, се разгледувани и пред Комитетет за усогласеност со Архуската конвенција. Исто како и одредбите од Конвенцијата, и неговите ставови се задолжителни за државите. Некои од случаите кои биле разгледувани пред Комитетот се дадени подолу.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА ВО ПРОЦЕДУРАТА ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Во постапката за започнување со работа на МХЕ (Мали Хидроелектрани) во законодавството на Белорусија, според Комитетот, Otsenka vozdeistvia na okrujaiusciu sredu – OVOS/експертизата за животната средина ќе се сметаат како дел од процесот на донесување одлуки. Тоа претставува форма на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС), во која е вклучена и постапка за учество на јавноста.

Ваквиот став на Комитетот е важен и во однос на македонската законската регулатива, попрецизно членот 24 од Законот за животната средина, кој се однесува на „елаборатите за заштита на животната средина“ (кои по својата суштина наликуваат на системот на OVOS/експертиза), а за кои според ЗЖС (Законот за животна средина) воопшто не е предвидено учество на јавноста или пристап до правдата. Потребно е ревидирање на овие одредби во поглед на овозможување учество на јавноста и во однос на елаборатите за заштита на животна средина.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА КОГА“СИТЕ ОПЦИИ СЕ ОТВОРЕНИ“

Пример од нашиот правен поредок каде оваа одредба не е почитувана (учеството на јавноста не е во согласност со член 6 од Конвенцијата во поглед на ОВЖС) е при стартешката инвестиција и специјалниот закон за изградба на коридорите 8 и 10д. Започната е експропријација на имотите на кои ќе минуваат трасите (почната е процедурата за изградба), а се уште не е спроведена постапка за ОВЖС каде што јавноста ќе има можност да биде слушната.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА И ДОЗВОЛИТЕ ЗА ВОДНО ПРАВО

Кај постапките за дозволите за водно право (читај Мали Хидроцентрали), ефективното и адекватното известување на засегнатата јавност за нејзиното право на учество во донесувањето на одлуката, дополнително треба да се анализира, како и да се донесе подзаконски акт кој го регулира ова прашање. Најчесто засегнатата јавност дури воопшто нема информација дека ќе се спроведува таков тип на проект. Согласно ставовите на Комитетот, дали објавувањето на известувањата на невоочливо место на интернет страницата на МЖСПП и во еден дневен весник, без дополнителни објави во локални медиуми или на друг понепосреден начин на известување особено во руралните средини, е доволно да се смета дека се почитува Архуската конвенција? Не е доволно.

ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИЈА НАСПРОТИ ПРАВОТО НА ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ

Одбивањето на пристап до определени документи и информации може да биде и по основ на заштита на интелектуалната сопственост. На пример, министерство одбива да објави Студија за валоризација за заштитено подрачје со изговор дека тоа претставува интелектуална сопственост на изготвувачот. но ова право треба рестриктивно да се толкука, а јавниот интерес секогаш да биде во преден план. Па така, доставувањето на целосните ОВЖС, Студии и слично треба да се смета како правило, додека исклучувањето на некои делови од студиите при објавувањето да е исклучокот.

За овие и други можни предизвици при примената на Архуската конвенција, прочитајте во анализите направени во следниот документ.

Европски пакт за иднината – нов зелен и социјален договор за одговорна и одржлива економија

Европски пакт за иднината – нов зелен и социјален договор за одговорна и одржлива економија

Во контекст на европските избори и новиот законодавен мандат, Еко-свест, како членка на Европското биро за животна средина, го поддржува „Европскиот пакт за иднината: зелен и социјален договор за одговорна и одржлива економија“. Овој пакт артикулира амбициозна агенда, повикувајќи ги сите влади на земјите-членки на ЕУ, како и новите Европска комисија и Парламент, да дадат приоритет на зелената и правична транзиција кон климатска неутралност, нула загадување и просперитетна природа во следниот политички циклус. Заложбите од овој пакт се важни и за Македонија, која сите свои закони и стратегии ги прилагодува со Европското законодавство во процесот на пристапување кон ЕУ.

Ги поддржуваме следните дванаесет заложби за акција наведени во Европскиот пакт:

  1. Дозволете Европскиот пакт за иднината – зелен и социјален договор за одговорна и одржлива економија – да го води следниот 5-годишен законодавен циклус.
  2. Целосно посветете се на решавање на поврзаната тројна планетарна криза со климата, со биолошката разновидност и со загадувањето.
  3. Намалете ја употребата на ресурси, искористете ги можностите на кружната економија и префрлете се на економија на благосостојба.
  4. Поддржете ги секторите да станат отпорни и конкурентни за одржливост.
  5. Водете ја промената на системот преку инвестиции, праведно оданочување и дистрибуција.
  6. Направете безбедниот и одржлив избор да биде лесен за луѓето и бизнисот.
  7. Развијте нов социјален договор за да не оставите никого зад себе.
  8. Зајакнете ја еколошката демократија и дајте им глас на младите и на другите кои се често заборавени.
  9. Поддржете и манифестирајте ја солидарноста низ ЕУ што се проширува.
  10. Посветете се на глобалната правда и поттикнете ги партнерствата за соочување со заедничките предизвици.
  11. Спроведување и јакнење на законодавството на ЕУ за заштита на владеењето на правото и нашето здравје.
  12. Зајакнување на управувањето со ЕУ и довербата во Европскиот проект.

Целосниот текст на Европскиот пакт е достапен овде. Документот на македонски јазик е прикачен на крајот од оваа објава.

Доколку вие, како организација или индивидуално, сакате да го поддржите Европскиот пакт за иднината и да повикате на спроведување на заложбите од пактот, прочитајте го деталниот текст на Европскиот пакт за иднината и потпишете го овде.

Заедно ќе ослободиме 77 километри речен тек

Заедно ќе ослободиме 77 километри речен тек

Идентификација на непотребните бариери на реките Крива Река и Пчиња и нивно отстранување треба да доведат до подобрување на еколошката состојба на реката и безбедноста на локалните заедници и да послужат како прв пример за обновување на една река кој треба да се преслика низ државата. 

Во првата фаза на проектот, Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ изработи научна студија за реката Пчиња „Креирање на методологија и идентификација на приоритетни бариери за отстранување“, која содржи социо-економска и правна анализа, како и детални биолошки истражувања за рибите, инвертебратите и водните макрофити.

Во втората фаза на проектот, продложува соработката со релевантните институции заради обезбедување на потребните документи за отстранување на идентификуваните бариери. За отстранувањето ќе биде ангажирана градежна компанија која ќе изработи основен проект, додека пак за запазување на еколошките и социо-економските аспекти ќе биде ангажиран тим на експерти за седиментација, рибна фауна и животна средина, кои ќе извршат соодветни анализи и истражувања. Со отстранувањето на потенцијалните каскади на Крива река и Пчиња ќе се создаде слободен тек од 77 километри. Дополнително, во процесот ќе бидат вклучени и локалните заедници, а за комуникација со граѓаните на локално ниво ќе биде спроведена и јавна кампања.

„Овој проект не само што цели да ја подобри еколошката состојба на реката, туку и да ја засили вклученоста и ангажираноста на локалните заедници во оваа важна иницијатива. Веруваме дека со заеднички напори ќе ги оствариме поставените цели за одржливо управување со водните ресурси и заштита на природата“, изјави Ѓорѓи Митревски, раководител на програмата води во Еко-свест.

Во реката Пчиња има дури три ендемски видови на риби, поради што таа ужива посебен заштитен статус во Република Србија.   Свесноста за потребата да се заштити реката е на видно ниво и кај нас. Минатата година жителите на скопско Коњари изразија загриженост за уништувањето на речното корито на Пчиња и побараа нејзина заштита.

Активноста е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Северна Македонија“со поддршка на Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.