Отстранување на првата речна бариера во Македонија

Отстранување на првата речна бариера во Македонија

Првото отстранување на бариера се случува на Крива река во близина на Крива Паланка. Ова отстранување е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Македонија“, чија примарна цел е да се идентификуваат и отстранат застарените бариери во реките и да се зголеми поврзаноста на речните екосистеми во земјата.

Старата препрека на Крива Река е бетонска бариера која веќе не ја врши својата првична намена бидејќи е скршена. Бетонот сега го покрива речното корито и претставува бескорисна бариера во екосистемот, собирајќи седимент и ограничувајќи го движењето на рибите и другиот воден свет.

Во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, оваа бариера ќе биде физички отстранета од страна на Еко-свест, граѓанска организација која е посветена на обновување на речните екосистеми.

„Ова ќе биде првата речна препрека што ќе ја отстраниме, а во Еко-свест се надеваме дека набрзо ќе отстраниме уште една непотребна бариера на реката Пчиња “ – вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. „Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Дополнително, со оваа акција ја подигнуваме свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат “ – додава таа.

Македонија е позната по своите изобилни реки, но јавноста сè уште не е свесна колку овие реки се изменети и преградени со разни објекти и за различни цели. Во 2024 година,– Еко-свест идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.

Сега, преку тековниот проект за отстранување бариери, поддржан од Open Rivers Programme, Еко-свест има цел да го претстави отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe.

Отстранувањето на бариерата на Крива Река и на реката Пчиња планирано за подоцна оваа година ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри.

Еко-свест истражува

Еко-свест истражува

Соларни панели наспроти фосилни горива: Каде стои македонската индустрија?

Нашето истражување покажува дека фотоволтаиците се најкористен извор на енергија кај испитаните компании, но нафтените деривати сè уште се во значајна употреба. Плановите за воведување нови нискојаглеродни технологии се скромни. Ова ја истакнува потребата за поширока диверзификација, но и поддршка за компаниите да тргнат во правата насока.

На добар пат!

Одлично е што повеќето македонски компании (81.8%) веќе редовно ја следат и анализираат својата потрошувачка на енергија.

Познавањето на состојбите во сопствениот енергетски систем дава можности за негово унапредување и заштеди кои за бизнисите значат многу! Тоа е првиот чекор за преземање мерки за енергетска ефиксност.

Само една третина од компаниите произведуваат сопствена енергија.

Истражувањето покажува дека 63.6% од компаниите немаат сопствено производство на енергија. Сепак, 36.4% веќе инвестирале во обновливи извори, најчесто фотоволтаици, покажувајќи го големиот потенцијал за енергетска независност.

Водород: Енергија на иднината?

Иако повеќето компании (55.5%) не се запознаени со националните планови за користење на водородот како енергенс, дури 63.6% од испитаниците сметаат дека водородот е компатибилен со нивните потреби.

Ова сугерира дека постои јаз во комуникацијата и голем потенцијал за искористување на оваа технологија.

Затоа, важно е институциите да спроведат широки консултации и да креираат реална стратегија за искористување на водородот која ќе даде приоритет на неговото локално производство.

Кои се најголемите пречки за енергетска ефикасност?

Според компаниите, најголеми пречки се неизвесноста на пазарот, високите инвестициски трошоци и сложените регулаторни процедури. Овие наоди ја истакнуваат потребата од појасни политики и поголема државна поддршка за да се забрза транзицијата.

Една од главните причини зошто компаниите не би користеле фосилен гас во нивниот систем е токму непредвидливите цени. Приоритет мора да се даде на сопственото производство на енергија и примена на мерки за заштеда со што ќе се зајакне целиот сектор.

Целата анализа може да ја прочитате тука.

Еко-свест истражува

Еко-свест истражува

Субвенции за енергетска ефикасност

Истражувавме како институциите ги поддржуваат граѓаните да заштедат енергија.

Се доделуваат средства за топлински пумпи на принципот воздух-воздух, приклучок за гас и субвенции за цената на потрошен гас.

Општина Куманово субвенционира само приклучок кон гасната мрежа. Минатата година има огромен пад на интересот за гасен приклучок и покрај зголкемената сума од 15000 на 25000 денари.

Општина Струмица поддржала гасен приклучок за 1 домаќинство во 2024 година. Но, одвоила од буџетот 17000 евра за поддршка на околу 60 домаќинства за потрошувачка на гас.

Град Скопје секоја година објавува оглас за поддршка на домаќинства за набавка на инвертер клими со услов печките на фосилни горива да се отстранат од употреба.

И Општина Куманово го прави истото со тоа што доделува поддршка од 20 000 денари, а во 2025 година поддржала дури 102 домаќинства.

  Министерството за енергетика е шампион во поддршката за енергетска ефикасност со над 2,4 милиони евра за ранлива категорија на домаќинства кои набавиле и инсталирале високоефикасен климе инвертер. Истовремено, Министерството поддржува и ранливи категории на домаќинства со финансиска поддршка за дел од сметката за електрична енергија, во износ од 1000 денари по домаќинство.

 Да ги разгледаме алтернативите за загревање на домаќинставата- топлински пумпи наспроти природен гас.

Карактеристики на топлински пумпи воздух-воздух

Висока енергетска ефикасност: Топлинските пумпи можат да бидат 3-5 пати поефикасни од традиционалните котли на гас. Ова значи дека трошат помалку енергија за да произведат иста количина на топлина, што резултира со пониски сметки за енергија.

Помали сметки за енергија: Зголемената ефикасност доведува до помала потрошувачка на електрична енергија, што резултира со значителни заштеди на трошоците за греење.

Пониски трошоци: Во комбинација со обновливи извори на енергија како што се соларните панели, оперативните трошоци може дополнително да се намалат.

Еколошки придобивки: Топлинските пумпи ја намалуваат зависноста од фосилни горива, придонесувајќи за помал јаглероден отпечаток и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Предизвици од користењето на фосилен гас

Флуктуации на цените: Цените на гасот се предмет на флуктуации поради глобалните настани, што потенцијално може да доведе до непредвидливи трошоци за греење.

Ограничувања на ефикасноста: Иако котлите на гас се чест метод за греење, тие се помалку ефикасни од топлинските пумпи, што значи дека трошат повеќе енергија за да генерираат иста количина на топлина.

Еколошки проблеми: Природниот гас е фосилно гориво, а неговото согорување придонесува за емисии на стакленички гасови и климатски промени. Истивремено, гасот негативно влијае и врз здравјето на луѓето.

Трошоци за инсталација: Додека трошоците за инсталација на котел на гас можат да бидат пониски од оние за топлински пумпи, иницијалните трошоци за приклучување на инсталацијата и тековните оперативни трошоци често ја поништуваат оваа првична предност.

Заклучок

За мало домаќинство во Македонија, топлинските пумпи воздух-воздух претставуваат поекономично и еколошки поприфатливо решение за греење во споредба со природниот гас. Иако првичната инвестиција може да биде повисока, долгорочните оперативни заштеди и еколошките придобивки ги прават топлинските пумпи исплатлив избор, особено за оние кои сакаат да ја намалат својата потрошувачка на енергија и јзагадувањето.

Препорака

Со оглед на тоа што придобивките од системите кои се енергетски ефикасни, како што се инвертер климите се значително поголеми од оние на фосилните горива, институциите треба исклучиво да поддржуваат мерки за енергетска ефикасност. Воедно, треба да се разгледа можноста Фондот за енергетска ефикасност да ги преземе и централно да ги администрира сите субвенции за домаќинства, наместо тоа да го прават општините и Министерството, за да се обезбеди еднаков пристап и можности за сите граѓани во државата.

Повик за артисти, уметници и дигитални креатори

Повик за артисти, уметници и дигитални креатори

За поддршка на кампањите на Еко-свест преку уметничко изразување и креација

За потребите на своите проекти и кампањи во доменот на заштитата на водите, природата и животната средина, Еко-свест објавува повик за сите заинтересирани уметници кои сакаат да соработуваат со нас и да креираат содржини инспирирани од нашата работа. 

Повикот е отворен за индивидуални и правни лица- здруженија од областа на културата и уметноста.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Целта на активноста е да се оствари соработка со заинтересирани уметници за:
1. Развој и креирање на уметнички дела инспирирани од работата на Еко-свест кои јасно ги комуницираат пораките на организацијата содржани во нејзината мисија и визија како и во конкретните тематски области во кои работи. Делата не се ограничени на било кој медиум и се остава слобода на уметниците сами да ги предложат. Во процесот на креирање се поттикнува користење на материјали кои се рециклираат или реупотребуваат.

2. Осмислување и продукција на конкретни комуникациски алатки (сликовници, стрипови, прирачници, боенки, анимации, видеа и сл) со содржина инспирирана од работата на Еко-свест, адаптирана на конкретни целни групи,

3. Поддршка на кампањите на Еко-свест преку креирање на содржини и реализирање активности кои инволвираат уметници, како организирање на настани за таа цел, и

4. Други горенеспоменати начини на ангажирање на уметниците, артистите и дигиталните креатори кои можат да ги зајакнат и рашират пораките на Еко-свест.

ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ :

Избраните уметници ќе бидат ангажирани од Еко-свест за поддршка на конкретни кампањи и активности, при што ќе бидат дефинирани типот на активности согласно приложената понуда од страна на кандидатите.

Од уметниците се очекува да спроведат една или повеќе од наведените активности:

  • Креирање на уметнички содржини и дела
  • Инволвирање на други уметници во процеси на креација и изработка на продукти
  • Создавање на комуникациски производи
  • Изложување на уметничките дела/содржини
  • Промоција на креираните содржини преку постоечки платформи и настани
  • Учество на настани на Еко-свест каде е тоа соодветно и во насока на исполнување на целите на ангажманот.

ВРЕМЕНСКА РАМКА
Периодот за спроведување на активностите изнесува најмалку 2 години од изборот на кандидатите.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
При аплицирањето заинтересираните кандидати треба да достават :
1. Кратка биографија на уметникот/здружението и портфолио со претходно искуство

2. Предлог концепт за комуникација на пораките на Еко-свест со опис на предложената порака/и, избран медиум, метод на работа/процес, предлог план за спроведување и динамика и сл.

3. Финансиска понуда со преглед на ставки и трошоци во бруто износ
4. Пополнета изјава за физички лица (Анекс 3) и за правни лица (Анекс 2).

Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.
Од избраниот понудувач- правно лице, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV); листа на референци/портфолио и сл.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Кандидатите кои аплицираат мора да ги исполнат следниве критериуми:

  1. Фокус на темите поврзани со заштита на животната средина во својата работа
  2. Претходни изложби, учество на фестивали и сл.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Евалуационата комисија го задржува правото да го извести само оние понудувачи чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

1. Претходно искуство во спроведување на слични активности (30 бодови)

2. Предложен концепт (40 бодови)

3. Понудена цена за активноста (30 бодови)

Вкупно 100 бодови. Договор ќе биде склучен со оние кандидати кои освоиле најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.

На овој повик може да бидат избрани повеќе кандидати.

ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ

Пријавувањето е тковно!

Комплетната понуда, апликатите треба да ја испратат на е маил: [email protected] со назнака Апликација за уметници.
Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.
Некомплетни понуди нема да бидат земени во предвид.

Еко-свест ќе ги контактира избраните кандидати, во рок од 14 дена од приемот на понудата.

Еко-свест на Дрим Шорт фестивалот

Еко-свест на Дрим Шорт фестивалот

🎬Во рамки на програмата на Drim Short Film Festival, Eko-svest реализира низа активности посветени на еколошката свест, заштитата на природата и улогата на филмот како медиум за општествена промена. Еден од централните настани беше јавната дискусија на тема „Иднината на нашите води и живиот свет што ги населува“, која се одржа во пријатната атмосфера во Europe House Struga

🗣️Дискусијата отвори суштински прашања поврзани со заштитата на водните екосистеми и биолошката разновидност.

Во дискусијата учествуваа:

Д-р Орхидеја Тасевска – PSI Hydrobiological Institute

Д-р Даниел Богнер – Biodiversity For Everybody

Дарко Ќитаноски – Eko-svest

Модераторка на настанот беше Ана Наумоска, која умешно го водеше разговорот и поттикна плодна размена на мислења.

🔍Темите кои беа обработени вклучуваа:

– состојбата и иднината на загрозените ендемски видови;

– влијанието на антропогените фактори врз квалитетот на водата;

– значењето на граѓанскиот активизам и улогата на локалната заедница;

– потребата од ефективна соработка меѓу јавноста и релевантните институции.

🎬По завршувањето на дискусијата, следеше проекција на два документарни филма кои тематски се надоврзаа на дискусијата:

– The Harmony between Man and Nature – режија: Сашо Алушевски (МК), посветен на природното богатство на Вевчански извори

– Disaster Theories – Our Planet in Flames – режија: Димитрис Цецас (ГР), кој се осврнува на глобалните еколошки предизвици

🌿 Ден претходно, учесниците на фестивалот имаа можност да го посетат заштитеното подрачје „Споменик на природата – Вевчански извори“.

📍 Посетата вклучуваше теренска прошетка до самите извори, како и разгледување на трајната поставка за природа во Мултикултурен Центар “Коста Србакоски” Вевчани

🙏 Искрена благодарност до сите говорници, учесници и гости кои придонесоа за успешната реализација на овие активности. Заедно продолжуваме да ја градиме свеста за значењето на природата и одговорноста што ја имаме кон идните генерации.

🤝Активностите се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори“ спроведуван од Еко-свест, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT

Погледнете ја целата галерија на линкот.