Граѓанската енергија не е само визија – таа постои и се развива. Со градење доверба преку транспарентни податоци, подобра институционална поддршка и политики насочени кон граѓаните, децентрализираната енергија може да стане практичен пат кон поправеден, подостапен и декарбонизиран енергетски систем. 

Токму овие теми беа во фокусот на регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што вчера се одржа во Скопје во организација на Еко-свест од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија. На конференцијата учествуваа претставници на институции, граѓански организации, општини и експерти од Македонија и Србија. 

Конференцијата беше посветена на развојот на граѓанската енергија и унапредувањето на условите за домаќинствата и заедниците за производство на сопствена електрична енергија од обновливи извори. Настанот овозможи размена на искуства и практики помеѓу Македонија и Србија, со посебен акцент на административните процедури, пристапот до мрежата, финансиската поддршка и улогата на енергетските заедници.

Во рамки на конференцијата беа презентирани и клучни наоди од истражување за профилите, мотивациите и бариерите на постојните и потенцијалните потрошувачи-производители (просумери) во Македонија. Истражувањето покажа дека интересот за соларни системи кај домаќинствата е значително зголемен, но високите почетни трошоци, сложените административни процедури и недоволната информираност остануваат главни пречки за поголемо учество на граѓаните.

„Енергетската трансформација нема да биде успешна ако граѓаните останат само набљудувачи. Таа ќе биде успешна само ако граѓаните станат активни учесници, партнери и носители на промената.“ – рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. 

Учесниците предупредија дека прашањето за капацитетот на мрежата не е само техничко, туку и политичко прашање, односно прашање за тоа колкав простор државата сака да обезбеди за граѓанска енергија. 

„Енергетската транзиција нема да биде праведна ако само замениме една технологија со друга, додека моќта, профитот и контролата останат во рацете на мал број актери. Затоа, граѓанската енергија претставува многу повеќе од соларни панели и сметки за струја“- изјави Ивана Јовчиќ од Центарот за унапредување на животната средина од Србија

Фокусот на дискусијата беше на граѓанската енергија и просумерството кои претставуваат клучен дел од праведната енергетска транзиција, но за нивен побрз развој се потребни појасни правила, подобра институционална координација и поголема вклученост на граѓаните. Учесниците посочија дека новиот Закон за енергетика на Македонија од 2025 година отвора значајни можности за активно учество на граѓаните во енергетскиот систем, но, сè уште недостасуваат подзаконски акти и усогласување со други закони, особено во областа на финансии, домување и градење. Дополнително особено важно е јасно и недвосмислено толкување и примена на одредбите од овој закон од сите засегнати страни. 

Како важни примери беа посочени искуствата од Србија и Романија, каде што развојот на просумерството бара долгорочна институционална поддршка и стабилна регулаторна рамка. Учесниците заклучија дека без активно учество на граѓаните, енергетската трансформација нема да биде возможна, а енергетските заедници и активните потрошувачи треба да станат централен елемент на идниот развој на енергетскиот систем во земјата и регионот.

Share This

Share this post with your friends!