Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, инспирирана од народни преданија и духовни мотиви, преку пародија ја разоткрива апсурдната и трагична реалност на луѓето кои живеат покрај термоцентрала на јаглен – зависни од својот најголем загадувач и повикува на праведна транзиција кон почиста иднина.
Претставата, низ карикирани, но препознатливи ликови, поставени во амбиент каде самиот рударско-енергетски комбинат станува дел од сцената, отвора прашања за цената на егзистенцијата, здравјето и достоинството, притоа испраќајќи силна порака дека промената е можна само ако заедницата активно се соочи со сопствената реалност и побара одржливи решенија.
„Бардо Тодор“ е црната сатирична комедија, првично во продукција на „Нова клапа“, во ко-продукција и поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.
Креативна екипа
Автор: Сашо Кокаланов
Режисер: Сашо Миленковски
Актерска екипа:
Димитар Паскоски
Надица Дојкоска Јованоска
Наум Ѓорѓиески
Синан Ракип (прва изведба)
„Бардо Тодор“ е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоелектрична централа со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец. Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодол“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“.
За претставата рекоа:
„Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција. Притоа, се обидуваме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција – убиецот да се затвори, но притоа крајот да не се опустоши.“ – Сашо Кокаланов, автор.
„Свеста не се менува со претстави, иако помагаат… Важно е што ја покренуваме темата во друг медиум, значи не е само на вести, туку и во театар. Она што е за нас важно, а го има во претставата, праведната транзиција не постои, ниедна транзиција не е праведна, постојано е на штета на некој. Дали сега со вештачката интелигенција луѓето ќе останат без работни места, или ќе се бараат други средства…. Но транзицијата е неопходна, таа е неминовна и ќе се случи. Знаеле ние или не. Ова се извори на енергија кои се плаќаат со здравјето на луѓето од цела Битола и цела Пелагонија.“ – Сашо Миленковски, режисер
„Оваа претстава носи една многу јасна порака. Загадувањето како глобален проблем што сите ние го имаме како поединци, за жал е врз грбот на луѓе кои ги губат своите животи и живееме се повеќе во едно такво корумпирано општество. Мислам дека претставата е наменета за секаков вид на публика, се игра и на отворено, не бираме само театарска публика. На оваа претстава може да дојдат сите оние кои се добронамерници и јасно да ја видат нашата поента.“ – Надица Дојкоска Јованоска, актерка.
„Јас сум негативецот во оваа претстава, јас сум инженер во Битолскиот РЕК. Ја поддржувам работата во РЕК-от и слатка ми е платата. Пораката со оваа претстава е да се намали загадувањето и генерално од сите големи фабрики во цела Македонија.“- Димитар Паскоски, актер.
„Струјата која доаѓа од јагленот е валкана енергија која ги труе луѓето, го загадува воздухот кој го дишеме, водата што ја пиеме и почвата каде садиме храна. Здравјето на луѓето кои живеат близу електраната е загрозено, но и здравјето на населението во целата држава. Постои начин да се направи етапен преод кон обновливи извори на енергија кои не загадуваат, без да се направи штета на економскиот развој на регионот, а локалните заедници се оние кои треба да ја започнат иницијативата за промена.“ – Еко-свест.
Премиера:
1 јуни 2024, Новаци и Могила,
Останати изведби:
11 јуни 2024, Битола
13 ноември 2024, Кичево, НУ Центар за култура „Кочо Рацин“
22 ноември 2024, Скопје, Академска сцена на ФДУ
23 ноември 2024, Скопје, Младински културен центар
21 мај 2026, Битола, Офицерски дом
Времетраење: 45 минути
Пауза: Не
Создавањето на драмскиот текст „Бардо Тодор“ и продукцијата на театарскиот перформанс по истиот текст се со поддршка на Европската климатска фондација. Изразените ставови и мислења се на авторите и не ги одразуваат ставовите и мислењата на донаторот. Оваа активност на Еко-свест е во рамки на програмските активности во секторот енергетика, чија цел е развој на енергетски сектор во кој иновативното користење на нови технологии овозможува тој да е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, при што со минимална потрошувачка на енергија се постигнува максимален развој на општеството, а истовремено има минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје.
Погледнете го документот „Визија за развој на Битола“ подготвена со активно учество на сите локални партнери од регионот, и дознајте повеќе за нашата работа во секторот енергетика.









Најнови коментари