Во периодот од 15 до 18 јуни, делегација составена од градоначалници и секретари од шест македонски општини учествуваше на студиска посета во Хрватска посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници. Претставници на општините Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани ги посетија Загреб, Пушќа, Забок, Крижевци и Риека, каде се запознаа со успешни модели за активно учество на граѓаните и локалните самоуправи во производството, споделувањето и управувањето со обновлива енергија.

Студиската посета беше насочена кон размена на практични искуства кои ќе придонесат кон спроведувањето на новиот Закон за енергетика и Националниот план за енергија и клима на локално ниво. Овие два стратешки документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници и активното учество на потрошувачите како важни механизми за забрзување на енергетската трансформација, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и јавните институции. – изјави Жарко Конески од Еко-свест 

За време на посетата, македонската делегација се сретна со претставници на општините Пушќа, Забок и Крижевци, со претставници на енергетските заедници во Загреб и Северен Јадран во Риека, како и со граѓански енергетски задруги и Регионалната енергетско-климатска агенција за Северозападна Хрватска. Учесниците имаа можност непосредно да ги посетат проектите во кои општините и граѓаните заеднички инвестираат, управуваат и произведуваат електрична енергија, покажувајќи дека ваквиот модел носи економски, социјални и еколошки придобивки за локалните заедници.

Горан Чачиќ, програмски раководител во Зелената енергетска задруга (ЗЕЗ) од Загреб, истакна дека енергетската транзиција не значи само замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, туку и можност граѓаните, општините и локалните заедници да станат активни учесници во енергетскиот систем. „Така придобивките од производството на чиста енергија остануваат таму каде што се создаваат – во локалните заедници. Особено ни е драго што имавме можност да споделиме дел од нашите искуства со градоначалниците и претставниците на општините од Македонија и се надеваме дека оваа размена ќе поттикне нови иницијативи за развој на граѓански енергетски заедници и во Македонија“, изјави Чачиќ.

Посетата покажа дека граѓанските енергетски заедници не претставуваат само успешна европска практика, туку и реална можност за Македонија. Со донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година и со мерките предвидени во Националниот план за енергија и клима, веќе постои законска основа овие модели да се развиваат и кај нас. Следниот чекор е нивно практично спроведување преку активна соработка меѓу општините, граѓаните, институциите и локалниот бизнис.

Студиската посета, организирана од Еко-свест со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Шведска, придонесе за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи и отвори простор за понатамошна соработка и размена на искуства. Научените лекции ќе им помогнат на македонските општини полесно да ги применат новите законски можности и да развиваат локални енергетски иницијативи кои ќе придонесат кон исполнување на националните климатски и енергетски цели.

Share This

Share this post with your friends!