Еко-свест со гордост ја најавува третата Еко трампа „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливост, заедништво и креативна размена. Настанот ќе се одржи на 18 април во Лабораториум, со почеток од 12 часот, и е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
Концептот е едноставен, но инспиративен – секој учесник може да донесе до три предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети), а може да земе колку сака од предметите кои другите учесници ги донеле.
Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе – затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалок.
„Интересно е што идеите за проширување и подобрување на настанот Еко-трампа произлегуваат од самите учесници. Така, инспирирани од втората Еко-трампа на која се учесниците носеа играчки и предмети за миленици, на оваа трета по ред Еко-трампа отвораме ново катче за миленици. Ги повикуваме сите граѓани кои имаат вишок предмети за миленици или играчки да дојдат и да се заменат. Се радуваме што Еко-трампа се развива паралелно со потребите на нашите сограѓани и тоа дава дополнителна убавина за постоењето на истата“ вели Милијана Богданоска од Еко-свест.
Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.
Еко трампата е повеќе од обична размена – таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина.
Најнови коментари