Повеќе од 30 општини ја препознаваат важноста на активностите за заштита и унапредување на животната средина во својата општина. Во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Еко-свет се организираше настан на кој градоначалниците потпишаа Декларација за активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени со што ги потврдија заложбите на државата за спроведување на Зелената агенда. Министерството за животна средина и просторно планирање ја поддржа декларарацијата на градоначалниците.

Зелената агенда е процес кој се случува во ЕУ и на Западен Балкан како дел од напорите кои државите ги превземаат за намалување на емисиите на стакленички гасови заради ублажување на последиците од климатските промени. И додека политиките, мерките, плановите и законите се носат на централно ниво, имплементацијата останува на општините.

„Општините се клучни за спроведување на праведната транзиција и декарбонизација. Потребно е да бидат прифатени како рамноправен чинител во процесите на носење политики на централно ниво ако сакаме да имаме вистинска имплементација на локално ниво“- вели Жарко Конески, програмски раководител во Еко-свест.

Потребно е секоја општина да си ги познава состојбите и активностите кои произведуваат емисии на стакленички гасови како и секторите кои се ранливи на климатските промени за да може да изготви планови за енергија и клима соодветни на специфичните потреби на општината. За ова потребни се посебни сектори во општината со технички капацитети и познавање на политиките и законите- сектор за животна средина, сектор за отпад, како и канцеларија во општината каде граѓаните ќе може да се информираат за тековни повици и субвенции за подобрување на енергетската ефикасност, поставување на фотоволтаици или пак алтернативни транспортни средства.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање потенцираа дека соработка меѓу општините е особено важно кога имате општини кои немаат доволно административно- технички капацитети или не располагаат со доволно финансии за изработка на вакви планови или спроведување на законските обврски и мерки.

Проектот “Граѓанските организации во акција за климатските промени” е финансиски поддржан од страна на владата на Шведска. Изразените ставови и мислења се на организациите кои го спроведуваат проектот и нужно не ги одразуваат ставовите и мислењата на владата на Шведска.

Share This

Share this post with your friends!