Македонија се наоѓа во клучен момент од својата енергетска трансформација. Забрзаното инвестирање во обновливи извори на енергија претставува неопходен чекор кон намалување на емисиите на стакленички гасови, подобрување на енергетската независност и исполнување на меѓународните обврски. Но ова не смее да биде на сметка на природата. Искуството на Европската Унија јасно покажува дека успешната енергетска транзиција не е избор помеѓу обновливите извори и заштитата на природата. Напротив, таа се темели на јасни правила кои овозможуваат и двете цели да се постигнат истовремено.
Денес Македонија има можност да избегне грешки кои веќе ги видовме во минатото – конфликтите околу малите хидроелектрани, долгите судски постапки, отпорот од локалните заедници и несигурноста за инвеститорите. Овие искуства покажаа дека недоволната заштита на природата не го забрзува развојот, туку го успорува.
Во моментов Европската комисија предлага Директивите за живеалишта и птици и Рамковната директива за води да станат дел од правната рамка на Енергетската заедница. Овој предлог не претставува нов товар за земјите, туку логично продолжување на веќе преземените обврски и можност за воспоставување јасни процедури кои ќе донесат правна сигурност и предвидливост.
Особено е важно што Македонија во моментов го ревидира Законот за заштита на природата. Овој процес претставува единствена можност националното законодавство да се усогласи со европските стандарди и навремено да се воспостават механизмите кои ќе овозможат одржлив развој на обновливите извори на енергија.
Поради тоа ги повикуваме Министерството за енергетика и Министерството за животна средина заеднички да: • дадат јасна политичка поддршка за вклучување на Директивите за живеалишта и птици и Рамковната директива за води во правната рамка на Енергетската заедница; • обезбедат нивно навремено и целосно транспонирање во националното законодавство; • ги вклучат соодветните процедури за оценување на влијанијата врз природата и водите при планирањето и одобрувањето на енергетските проекти; • го забрзаат воспоставувањето и правната заштита на мрежата Емералд како основа за идната мрежа Натура 2000; • развијат стратешко просторно планирање кое ќе ги насочува инвестициите во обновливи извори кон деградирани, индустриски и веќе изменети површини, наместо кон подрачја со висока природна вредност; • обезбедат транспарентни процедури и суштинско учество на јавноста при донесувањето на сите стратешки одлуки.
Јасните правила не се пречка за инвестициите. Тие се предуслов за нивен успех.
Тие ги намалуваат ризиците за инвеститорите, ги скратуваат процедурите, ги намалуваат судските спорови, ја зголемуваат довербата на јавноста и овозможуваат енергетската транзиција да биде навистина праведна и одржлива. На Македонија не ѝ е потребен избор помеѓу енергијата и природата. Потребни ѝ се политики кои ќе ги штитат и двете.
Затоа ве повикуваме да ја искористите оваа можност и да креираме современа законска рамка која ќе овозможи забрзан развој на обновливите извори на енергија, без компромиси со биодиверзитетот, водните ресурси и јавниот интерес. Само така ќе обезбедиме енергетска транзиција која ќе биде навистина европска, праведна и одржлива за сегашните и идните генерации.
Регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што се одржа на 21 мај во Скопје во организација на Еко-свест од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија ги обедини претставниците на институциите, регулаторните тела, операторите на електродистрибутивните системи, експертите, компаниите, граѓанските организации и меѓународните партнери со цел да се дискутира за развојот на просумерството и граѓанската енергија во Македонија и Србија.
Во текот на дискусиите беа презентирани искуствата од Македонија и Србија, анализирани беа постојните законски и регулаторни рамки, како и клучните административни, технички и институционални пречки за поголемо учество на граѓаните во енергетската транзиција.
Заклучоци од конференцијата:
Енергетската транзиција не може да биде успешна без активно учество на граѓаните
Граѓанската енергија претставува еден од клучните механизми за успешна декарбонизација, намалување на енергетската сиромаштија и демократизација на енергетскиот систем. Просумерите и енергетските заедници треба да станат составен дел од националните политики за енергетска транзиција.
Потребни се усогласени измени во повеќе законски области Искуството од Србија покажа дека измените на Законот за енергетика сами по себе не се доволни. За успешно функционирање на просумерството неопходни се навремени измени и усогласување на прописите од областа на: градењето; домувањето; финансиските и даночните прописи; приклучувањето кон електродистрибутивната мрежа. Особено беше нагласена потребата подзаконските акти да се донесуваат навремено, бидејќи токму тие ги овозможуваат практичните процедури за граѓаните.
Главните пречки денес не се технолошки, туку институционални Технологијата повеќе не претставува ограничување за развојот на просумерството. Најголемите бариери се: сложени административни процедури; недоволна институционална координација; ограничени капацитети на електродистрибутивната мрежа; недостиг од јасни информации за граѓаните; долги процедури за приклучување.
Дополнително беше истакнато дека постои фрагментираност на надлежностите меѓу повеќе институции, што дополнително го усложнува процесот.
Мрежните капацитети претставуваат едно од најголемите ограничувања Прашањето за „hosting capacity“ беше идентификувано како едно од најважните за понатамошниот развој на граѓанската енергија. Заклучено беше дека ова не е исклучиво техничко прашање, туку и прашање на јавни политики, односно одлука колкав простор државата ќе обезбеди за приклучување на граѓаните и малите производители на електрична енергија. Истовремено беше нагласена потребата јавноста подобро да ја разбере разликата помеѓу капацитетите за домаќинства и капацитетите за големи производствени постројки.
Македонија располага со значителен потенцијал за обновливи извори на енергија Презентираните анализи покажуваат дека потенцијалот за покривни фотоволтаици е значително поголем од моментално искористениот. Како пример беше наведено дека само во Кичевскиот регион може да се инсталираат околу 40 MW покривни фотоволтаици, што би покрило приближно една четвртина од производството на ТЕЦ Осломеј. Истовремено беше посочено дека националните цели за покривни соларни системи остануваат значително пониски од споредливите земји во регионот.
Неопходно е подобро информирање на граѓаните
Една од најчесто истакнуваните теми беше ниското ниво на информираност. Учесниците оценија дека граѓаните немаат доволно информации за:
процедурите;
финансиската исплатливост;
начинот на приклучување;
можностите што ги нуди новото законодавство.
Институциите треба многу поактивно да ги користат дигиталните алатки, социјалните мрежи и јавните кампањи.
Поголемо вклучување на јавноста Формалното објавување на подзаконските акти не е доволно. Потребно е: активно учество на граѓанските организации; вклучување на граѓаните во јавните консултации; подобра комуникација со медиумите; отворање на темата во образовниот систем.
Просумерството треба да остане модел за сопствена потрошувачка Целта на просумерството не е остварување профит преку продажба на електрична енергија, туку: намалување на сметките; зголемување на енергетската независност; намалување на енергетската сиромаштија; поефикасно користење на обновливите извори.
Правилното димензионирање на системите е предуслов за нивната финансиска исплатливост.
Препораки Врз основа на дискусиите, учесниците ги формулираа следните препораки: Законодавство и регулатива
Да се донесат сите подзаконски акти предвидени со новиот Закон за енергетика во најкус можен рок.
Да се усогласат прописите од областа на градењето, домувањето, финансиското работење и оданочувањето со новата енергетска регулатива.
Да се воспостави јасен регулаторен статус за активните потрошувачи и енергетските заедници.
Административни процедури
Да се поедностават процедурите за приклучување на малите фотоволтаични системи.
Да се намали административниот товар за домаќинствата.
Да се воведат дигитални алатки за аплицирање и следење на постапките.
Развој на електродистрибутивната мрежа
Да се инвестира во проширување и модернизација на дистрибутивната мрежа.
Да се обезбедат транспарентни информации за расположливите мрежни капацитети.
Да се развијат политики кои ќе обезбедат фер пристап за домаќинствата при приклучување.
Информирање и едукација
Да се воспостават национални информативни кампањи за просумерството.
Да се развијат дигитални калкулатори за проценка на исплатливоста на инвестициите
Да се вклучат медиумите, локалните самоуправи и образовните институции во промоцијата на граѓанската енергија.
Финансиска поддршка
Да се обезбедат дополнителни програми за финансиска поддршка на домаќинствата.
Посебен фокус да се стави на ранливите категории граѓани и домаќинствата погодени од енергетска сиромаштија.
Регионална соработка
Да се искористат позитивните искуства од регионот и Европа при развојот на националните политики.
Да се зајакне регионалната размена на знаење и добри практики во областа на граѓанската енергија.
Конференцијата потврди дека Македонија и Србија имаат значителен потенцијал за развој на просумерството и граѓанската енергија, но дека неговата реализација ќе зависи од навременото донесување на подзаконските акти, подобрата институционална координација, модернизацијата на електродистрибутивната мрежа и активното вклучување на граѓаните во процесите на креирање и спроведување на енергетските политики.
Учесниците се согласија дека енергетската транзиција претставува не само техничка, туку и општествена трансформација, во која граѓаните треба да бидат препознаени како активни учесници, а не само како потрошувачи на енергија.
Според осмото издание на извештајот „Усогласи или затвори“ на Bankwatch, објавен денес, систематските пропусти во спроведувањето на законите овозможија во 2025 година емисиите на сулфур диоксид (SO2) од застарените термоелектрани на јаглен во Западен Балкан да ги надминат дозволените ограничувања за 6,6 пати. Емисиите на азотни оксиди (NOx) исто така продолжија да ги надминуваат законските ограничувања, додека загадувањето со прашина се зголеми, достигнувајќи го највисокото ниво откако актуелните правила стапија на сила во 2018 година.
Осум години откако стандардите за контрола на загадувањето стапија на сила според Договорот за основање на Енергетската заедница, во 2025 година емисиите на сулфур диоксид од термоелектраните на јаглен вклучени во Националните планови за намалување на емисиите (НПНЕ) на Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија сè уште беа колективно 6,6 пати повисоки од дозволените.
На регионално ниво, емисиите на сулфур диоксид од 2018 година наваму се намалија само скромно, додека плафоните за дозволени емисии беа построги во 2025 година отколку во претходните години, што доведе до уште поголеми прекршувања.
Најголем апсолутен загадувач со сулфур диоксид повторно беше Угљевиќ во Босна и Херцеговина, иако има инсталирано постројка за десулфризација. Емисиите во 2025 од 115.079 тони беа највисоки откако стандардите за контрола на загадувањето стапија на сила во 2018 година.
Покрај Угљевиќ, уште четири други постројки ги надминаа плафоните за сулфур диоксид во 2025 година: Гацко и Какањ 6 исто така од Босна и Херцеговина, и Битола Б1+2 и Битола Б3 во Македонија.
Загадувањето со прашина (ПМ честички) регионално беше 2,9 пати над дозволеното, повторно највисоко откако правилата стапија на сила од 2018 година. Ова е главно предизвикано од ТЕЦ Битола која ги дуплираше емисиите споредено со 2024 и самостојно емитираше повеќе 7.094-те тони дозволени за цел Западен Балкан.
Гацко од Босна и Херцеговина беше повторно највисок релативен емитер, и иако вкупните емисии малку се намалија споредено со 2024 година, тие беа 15,1 пат над дозволеното.
Исто како и во 2024 година, емисиите на азотни оксиди од електраните во НПНЕ во 2025 година беа 1,4 пати над дозволеното. Косово, Босна и Херцеговина и Србија повторно ги надминаа своите законски граници, а српската Никола Тесла Б беше наголем емитер со 11.247 тони.
Секретаријатот за Енергетската заедница има отворено повеќе случаи против државите со што се потврдува нелегалната работа на термоелектричните централи. Сепак ниту една влада ги нема казнето електраните, ниту пак има јасен, ажурен и реалистичен план за усогласување и/или затворање.
Во меѓувреме, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) почна да се применува од јануари 2026 година, со што се зголемија трошоците за извоз на електрична енергија и дополнително ја отежни профитабилноста на електраните. Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија секако имаат пад на производство на енергија од јаглен во последните години, дури и без официјално затворање на електрани.
„Во некои земји од Западен Балкан сега имаме комбинација од двете најлоши сценарија: пад на производството на енергија од јаглен без јасен пат како да се надминат социо-економските последици, комбинирано со високо и во некои случаи како Битола дополнително влошено загадување. Наместо засилено да се спроведуваат мерките за намалување на загадувањето од еколошките дозволи, владите упорно ги игнорираат. Ова веќе е прашање на почитување на основните принципи на функционирање на едно демократско општество, како што е еднаквост пред законот“, изјави Давор Пехчевски, Координатор за енергија за Балканот во Bankwatch.
„Праведната транзиција не значи само затворање на електраните на јаглен, туку и прекин на зависноста од јагленот во целиот регион. Додека Грција ги затвора своите термоелектрани на јаглен, продолжува да извезува јаглен за РЕК Битола, со што загадувањето и емисиите само се префрлаат преку границата. Истовремено, Македонија трпи загаден воздух, а со примената на CBAM и продолжувањето на работата на застарените капацитети се соочува и со сè поголеми економски загуби. Наместо да губиме пари за одржување на минатото, потребни се инвестиции во обновливи извори и праведна транзиција која ќе им користи и на граѓаните и на локалните заедници“, дополни Елена Николовска, Раководител на програмата за клима во Еко-свест.
Поголемо учество и транспарентност, како и следење на индикаторите за мерките предвидени во годишните планови за праведна транзиција, побараа учесниците на вчерашниот настан посветен на праведната транзиција во Битола.
Настанот го организираа Еко-свест од Скопје и МКЦ од Битола, каде претставници на општините, граѓански организации, синдикати, бизнис секторот и експертската јавност дискутираа за потребата од побрза, потранспарентна и поинклузивна имплементација на процесот на праведна транзиција во земјата.
Во дискусијата беше истакнато дека имплементацијата на Годишните планови за праведна транзиција е од клучно значење, но и дека е неопходно воспоставување јасни индикатори кои ќе покажат дали процесот навистина дава резултати.
„Годишните планови за праведна транзиција мора да содржат јасни и мерливи индикатори за следење на напредокот. Тие треба да го следат намалувањето на емисиите на стакленички гасови, придонесот кон националните климатски цели и намалувањето на производството на јаглен но и економски и социјални индикатори поврзани со квалитетот на живот и загадувањето“ – изјави Елена Николовска од Еко-свест.
Учесниците побараа извештаите за степенот на имплементација на годишните планови за праведна транзиција, како и сите работни документи, да бидат јавно достапни и лесно пристапни за регионите со јаглен и за пошироката јавност. Се нагласи и потребата од финансиски средства за имплементација на плановите.
„Земјите кандидати за членство во Европската Унија имаат потреба од дополнителна финансиска поддршка од ЕУ за успешно спроведување на праведната транзиција, особено во регионите со јаглен кои се најдиректно погодени од енергетската трансформација.“ – рече Сашо Додовски од МКЦ Битола
На настанот се обрати и Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, кој ја истакна важноста од вклученоста на сите актери во овој значаен процес. Градоначалникот на Битола ја потврди континуираната заложба и работа на Општина Битола во сите процеси кои се поврзани со понатаможниот развој на градот и регионот.
На крајот од дискусијата беше нагласено дека праведната транзиција не смее да остане само политички термин, туку претставува вистински тест за тоа како ќе функционира енергетската транзиција во пракса и дали таа ќе биде праведна, инклузивна и одржлива за сите граѓани.
За потребите на своите проекти во доменот на енергетиката и активното граѓанство, Еко-свест има потреба од ангажирање на компанија за спроведување на длабински интервјуа и анкета врз репрезентативен примерок во општина Вевчани.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Целта на активноста е спроведување на: 1. 5 длабински интервјуа со клучни чинители од Општина Вевчани, вклучително претставници на локална администрација, јавни институции, бизнис сектор, културни и туристички оператори, и 2. репрезентативна анкета со жители во општина Вевчани,
за истражување на ставовите и подготвеноста на клучните чинители и жителите за формирање и учество во енергетска заедница на обновливи извори на енергија, како и да се идентификуваат мислења, искуства и согледувања за вклучување на социјални и родови прашања при донесувањето на одлуки и вклучувањето во активности за праведна енергетска транзиција и граѓанско учество. Ова истражување е дел од активности на проект поддржан од фондацијата Хајнрих Бол (HBS). Целта е да се обезбедат податоци кои ќе послужат како основа за понатамошна анализа, препораки и активности за праведна енергетска транзиција и граѓанско учество.
ЗАДАЧИ НА ИЗБРАНАТА КОМПАНИЈА :
Подготовка и планирање • Целосно запознавање со целите на проектот; • Преглед и усогласување на учесниците, и методологија за анкета и регуртација на учесници; • Разработка на интерен временски план.
Идентификација и регрутација на интервјуирани • Идентификација на 5 релевантни чинители за интервјуа; • Осигурување родова и секторска застапеност; • Контактирање на испитаници и обезбедување согласност.
Спроведување на длабински интервјуа, анонимизирање и обработка на податоци • Организација и реализација на 5 длабински интервјуа (во живо, по телефон или онлајн); • Обезбедување на аудио-снимање и етички услови; • Доследно анонимизирање на личните податоци преку доделување кодови (пр. MKD1, претставник од….; MKD2, претставник од…); • Изработка на транскрипти на сите длабински интервјуа (со стандардизиран почеток: име на интервјуист, датум, место, организација/институција на лицето кое ќе се интервјуира, работна позиција – пр. МКД1, претставник од ….).
Спроведување на репрезентативна анкета во општина Вевчани • Организација и реализација на анкета врз репрезентативен примерок од населението во општина Вевчани; • Консултации со тимот на Еко-свест за методологијата и формулирањето на прашалникот; • Сегментирање по демографски и социо-економски критериуми; • Анализа и презентација на резултатите.
Доставување необработени податоци • Доставување на транскрипти од сите интервјуа во електронска форма; • Доставување на ексел документ со сите влезни податоци од анкетата.
Чување на податоци за експертските интервјуа • Зачувување на аудиоснимките и транскриптите на безбедна платформа, во согласност со барањата на проектот; • Чување на копии од потпишаните форми за согласност и интервју-транскрипти најмалку 5 години.
Крајна достава • Доставување на 5 целосни и ревидирани транскрипти од длабинските интервјуа, најдоцна до 30 јуни 2026 година; • Доставување на финален извештај за длабинските интервјуа, кој ќе вклучи опис на процесот, профилите на учесници, идентификувани добри практики, предизвици и препораки; • Доставување на финален извештај од репрезентативната анкета за општина Вевчани, кој ќе содржи методологија, обработени резултати и заклучоци, најдоцна до 30 јули 2026 година; • Двата извештаи треба да бидат подготвени на македонски јазик и доставени во електронска форма.
ВРЕМЕНСКА РАМКА Периодот за спроведување на активностите е следниот: • За 5 длабински интервјуа: од април 2026 до јуни 2026 година, со предавање на сите транскрипти и краток извештај најдоцна до 30 јуни 2026 година. • За репрезентативната анкета во општина Вевчани: активноста треба да се реализира во периодот од април до јуни 2026 година, со предавање на финален извештај со резултати најдоцна до 30 јули 2026 година.
КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Компанијата која се пријавува мора да ги исполнува следниве критериуми: 1 . Активна компанија, здружение или фондација формирано/а согласно Законите во С. Македонија, и постои најмалку 3 години.
2. Претходно искуство во подготовка, реализација и обработка на длабински интервјуа и анкети на репрезентативен примерок.
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ При пријавувањето, заинтересираните компании треба да достават :
1. Краток опис на компанијата, портфолио со претходно искуство и краток план за спроведување на активностите (не повеќе од 1 страна); 2. Тековна состојба не постара од 6 месеци; 3. Финансиска понуда (Анекс 1); 4. Пополнета изјава од понудувач (Анекс 2).
ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ
Комплетната понуда треба да се испрати на е-маил: [email protected] најдоцна до 18 март 2026 година до 16:00 часот, со назнака Понуда за интервјуа и анкета – праведна енергетска транзиција.
Заинтересираните понудувачи може да поставуваат прашања до [email protected] најдоцна до 16 март 2026 во 12:00 часот. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.
ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми: 1. Претходно искуство во спроведување на слични активности 70 бодови 2. Понудена цена за активноста 30 бодови Вкупно 100 бодови.
Ќе биде склучен договор со онаа компанија која освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
Еко-свест ќе гo контактира избраниот понудувачи, не подоцна од 7 работни дена од истекот на периодот за доставување на понуда. Во рок од 3 дена од донесувањето на Одлуката, Еко-свест ги информира сите понудувачи за исходот од постапката. Понудувачите имаат право да поднесат Приговор во врска со постапката во рок од 3 календарски дена.
Напомена: од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024/2025 (за правни лица); потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериумите за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.
ДОВЕРЛИВОСТ
Сите информации кои се поврзани со оценката на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.
Најнови коментари