Многу високата концентрација на штетни честички во воздухот главно е резултат на емисијата на гасови од индустриските постројки (како што се термоцентралите), греењето на домаќинствата на печки на дрва и јаглен, согорување на отпадот и сообраќајот во кој значителен дел учествуваат постарите возила. Преку правење напори на ова поле, земјите од Западен Балкан би требало да обезбедат континуирано следење на квалитетот на воздухот, како и преку развој на стратегии кои ќе влијаат на неговото подобрување. Според Агендата, треба да се зголеми примената на Најдобри достапни техники[1] во согласност со Директивата за индустриски емисии[2]. Она што Агендата, исто така, го поттикнува е вклучување на регионот во паневропски мрежи за намалување на загадувањето, како што се Форумот за моделирање на квалитетот на воздухот[3] и Мрежата на референтни лаборатории за квалитет на воздухот[4].
Кога станува збор за водите, заштитата на реките е под голем знак прашалник, бидејќи во урбаните средини прибирањето на отпадни води најчесто претставува голем проблем, со тоа што канализационите мрежи испуштаат претежно нетретирани отпадни води и со тоа ја загадуваат природата. Исто така, реките неконтролирано и неплански се исцрпуваат за индустријата, земјоделството и снабдувањето со вода на населението, како и за производство на енергија. Главната задача со која се соочуваат земјите од Регионот е приближување на законодавството на ЕУ во оваа област. Во овој поглед, треба повеќе да се работи на имплементација на Рамковните директиви за вода[5], како и Директивите за урбаните отпадни води[6] и екстрактивниот отпад[7], а Агендата го охрабрува склучувањето на регионални договори и протоколи за прекугранично загадување на водата и дефинирање на чекори во регионот за заедничка борба против копнените извори на загадување. Една од препораките е и поголеми вложувања во водната инфраструктура и создавање основа за одржливо управување со водите (следење и известување, планирање, координација помеѓу релевантните сектори, капацитет за проценка на влијанието, итн.). Особено внимание треба да се посвети на справувањето со отпадните води.
Што се однесува до земјиштата, нивната деградација за време на користењето е значајно прашање за многу планински области на Западниот Балкан. Борбата против деградацијата на земјиштата бара посеопфатна стратегија која треба да вклучува регенерација на деградираните земјишта, одржливо производство на храна, одржливо управување со шумите, зачувување на екосистемите и обнова на земјиштата, намалување на обешумување и уништувањето на шумите, но и ефикасно управување со отпадот. Агендата, исто така, препорачува воспоставување на регионално партнерство со што би се подобрило споделувањето на знаења и заеднички би ги утврдиле примерите на добра практика за заштита на земјиштата од загадување и деградација.
https://www.britannica.com/video/219033/Discover-Major-Kinds-of-Pollution
Поддржано од „ГЕАР – Зелена економија за развој на регионот“ (GEAR – Green Economy for Advanced Region) финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.
[1] Best available techniques (BAT), https://www.eea.europa.eu/policy-documents/best-available-techniques-bat-conclusions
[2] Industrial Emissions Directive, https://ec.europa.eu/environment/industry/stationary/ied/legislation.htm?cookies=disabled
[3] Forum on Air Quality Modelling – FAIRMODE, https://www.eea.europa.eu/themes/air/links/networks/forum-for-air-quality-modelling
[4] Network of Air Quality Reference Laboratories – AQUILA, https://www.eea.europa.eu/themes/air/links/networks/aquila-network
[5] EU Water Framework Directive (WFD), https://ec.europa.eu/environment/water/water-framework/index_en.html?cookies=disabled
[6] Urban Waste Water Directive, https://ec.europa.eu/environment/water/water-urbanwaste/legislation/directive_en.htm?cookies=disabled
[7] Extractive Waste Directives, https://ec.europa.eu/environment/topics/waste-and-recycling/mining-waste_en
Најнови коментари