На форумот на заедницата организиран од Еко-свест во соработка со локалните партнери, општина Кичево и месната заедница Белица, претставници на институции, општини, ТЕЦ Осломеј, бизнис секторот, синдикатите, граѓанските организации и образовните институции разговараа за улогата на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) Кичево во процесот на праведната транзиција и за можностите регионот поактивно да се вклучи во националните процеси на енергетска трансформација. Една од главните препораки беше повторно активирање на ЛЕСС Кичево, кој е формиран уште во 2016 година, меѓутоа неактивен. Учесниците оценија дека ЛЕСС Кичево треба да биде проширен со претставници на сите релевантни локални чинители и да стане постојана платформа за дијалог, подготовка на заеднички проекти и застапување на интересите на регионот. Потребно е поголемо вклучување на општините во подготовката на националните стратегии и планови. Регионите со јаглен имаат потреба од дополнителни финансиски средства, подобра инфраструктура и јавен транспорт за економски развој – изјави Дарко Белески, раководите на сектор ЛЕР во општина Кичево Како приоритетни можности за развој беа посочени индустриските развојни зони, обновливите извори на енергија, земјоделството, пчеларството и туризмот. Беше потенцирано дека Кичевскиот регион располага со значителен туристички и културен потенцијал кој треба системски да се поддржи. Воедно беше укажано и на потребата од зајакнување на електроенергетската инфраструктура и подобрување на условите за развој на локалното претприемништво. Еко-свест уште во 2020 работеше на повеќе сценарија и анализи за алтернативен економски развој на Кичевскиот регион заедно со претставници на локалните заедници. Мапиравме бројни природни и културни атракции кои воопшто не се искористени. Кичевчани многу добро ги препознаваат овие потенцијали и токму затоа мора да бидат активно вклучено во носењето одлуки за трансформацијата на регионот. – рече Елена Николовска од Еко-свест Како позитивен пример беа претставени искуствата на ЛЕСС Битола, каде активното вклучување на локалните институции, синдикатите и граѓанските организации придонесе за посилно учество на регионот во националните процеси на праведна транзиција. Во таа насока беше најавена иницијатива за формирање мрежа на ЛЕССови на национално ниво и обезбедување стабилно финансирање за нивното функционирање. Заклучокот од средбата беше дека успешната праведна транзиција бара силни локални институции, активно учество на граѓаните, транспарентно управување со средствата и поголема улога на општините во креирањето на политиките за развој на регионите зависни од јаглен.
Во периодот од 15 до 18 јуни, делегација составена од градоначалници и секретари од шест македонски општини учествуваше на студиска посета во Хрватска посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници. Претставници на општините Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани ги посетија Загреб, Пушќа, Забок, Крижевци и Риека, каде се запознаа со успешни модели за активно учество на граѓаните и локалните самоуправи во производството, споделувањето и управувањето со обновлива енергија.
Студиската посета беше насочена кон размена на практични искуства кои ќе придонесат кон спроведувањето на новиот Закон за енергетика и Националниот план за енергија и клима на локално ниво. Овие два стратешки документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници и активното учество на потрошувачите како важни механизми за забрзување на енергетската трансформација, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и јавните институции. – изјави Жарко Конески од Еко-свест
За време на посетата, македонската делегација се сретна со претставници на општините Пушќа, Забок и Крижевци, со претставници на енергетските заедници во Загреб и Северен Јадран во Риека, како и со граѓански енергетски задруги и Регионалната енергетско-климатска агенција за Северозападна Хрватска. Учесниците имаа можност непосредно да ги посетат проектите во кои општините и граѓаните заеднички инвестираат, управуваат и произведуваат електрична енергија, покажувајќи дека ваквиот модел носи економски, социјални и еколошки придобивки за локалните заедници.
Горан Чачиќ, програмски раководител во Зелената енергетска задруга (ЗЕЗ) од Загреб, истакна дека енергетската транзиција не значи само замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, туку и можност граѓаните, општините и локалните заедници да станат активни учесници во енергетскиот систем. „Така придобивките од производството на чиста енергија остануваат таму каде што се создаваат – во локалните заедници. Особено ни е драго што имавме можност да споделиме дел од нашите искуства со градоначалниците и претставниците на општините од Македонија и се надеваме дека оваа размена ќе поттикне нови иницијативи за развој на граѓански енергетски заедници и во Македонија“, изјави Чачиќ.
Посетата покажа дека граѓанските енергетски заедници не претставуваат само успешна европска практика, туку и реална можност за Македонија. Со донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година и со мерките предвидени во Националниот план за енергија и клима, веќе постои законска основа овие модели да се развиваат и кај нас. Следниот чекор е нивно практично спроведување преку активна соработка меѓу општините, граѓаните, институциите и локалниот бизнис.
Студиската посета, организирана од Еко-свест со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Шведска, придонесе за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи и отвори простор за понатамошна соработка и размена на искуства. Научените лекции ќе им помогнат на македонските општини полесно да ги применат новите законски можности и да развиваат локални енергетски иницијативи кои ќе придонесат кон исполнување на националните климатски и енергетски цели.
Изминатиов викенд, просторот на „Бистро Комедија“ беше исполнет со позитивна енергија, дружење и силна порака за заштита на животната средина. Граѓаните уште еднаш ја потврдија својата висока еколошка свест, масовно учествувајќи на четвртата по ред Еко трампа.
Овој настан, кој веќе прераснува во убава традиција, има за цел да ја поттикне културата на реупотреба на предмети и да ја подигне свеста за намалување на отпадот. Наместо купување нови работи, посетителите имаа можност да ги заменат своите добро зачувани предмети за нешто што им е потребно.
Дека концептот на циркуларна економија одлично функционира во пракса, докажа и богатата понуда на настанот. Разновидноста на предмети кои граѓаните ги донесоа на трампата ги надмина очекувањата. Меѓу изложените парчиња можеа да се најдат:
Мода и додатоци: Голем број фустани, кошули и уникатен накит;
Домашни декорации: Интересни парчиња украси кои ќе ги разубават новите домови;
Литература: Многубројни книги кои брзо ги пронајдоа своите нови читатели;
Техника: Како доказ дека на трампата може да се најде речиси сè, меѓу предметите се појави и функционална еспресо машина.
Преку ваквите иницијативи покажуваме дека малите чекори на поединецот водат кон големи промени во заедницата. Еко трампата не е само место за размена на материјални нешта, туку и простор за споделување вредности и градење посвесно општество.
Успехот на четвртата Еко трампа е јасен показател дека граѓаните сè повеќе го препознаваат значењето на одржливиот начин на живот, а „Бистро Комедија“ уште еднаш се покажа како одличен домаќин за ваков тип општествено одговорни настани. Организаторите најавуваат уште многу вакви дружења во иднина. Четвртата Еко трампа се одржа со поддршка од Општина Центар.
Струмичката публика за првпат имаше можност да ја погледне монодрамата „Не денес“ од актерот Марјан Георгиевски, подготвена во соработка со Еко-свест.
Бесплатната изведба на монодрамата се одржа на 9 јуни во Младинскиот центар во Општина Струмица.
И покрај тоа што дејствието во монодрамата е тесно поврзано со Битола, и личните гледишта на актерот кој од таму потекнува, публиката во Струмица одлично ја доживеа пораката која оваа монодрама ја носи.
Документарен театар, кој користи реални снимки од депонии, рудници и конкретни видео снимки од реални настани од Македонија. Повикувајќи на реалноста наместо на фиктивна приказна. Директниот и непосреден контакт со публиката на актерот отвора прашања кои се директно упатени кон публиката.
Фокусот не е на класичниот заплет на драматургијата како во традиционалниот пристап на театар, „ Не денес “ е претстава базирана на теми, на идеји, слики, атмосфера и асоцијации, кои отвораат прашања за апатијата и проактивноста на граѓаните.
Социјално ангажиран театар – затоа што директно се занимава со општествени прашања, екологија, граѓанска одговорност и колективна апатија.
Впечатоци од публиката: „Мултимедијална, социјално ангажирана театарска претстава која преку документарни видео материјали, се истражува врската помеѓу еколошката криза и човечката апатија.“
„Ми се допадна што претставата не држеше лекции, туку поставуваше прашања, кои ми поттикнуваат размислување за одговорноста на поединецот во општеството.“
„Пред да почне претставата мислев дека ќе гледам „ клише “ претстава која само ќе апелира за еколошкте состојбите во кои се наоѓаме. Но, по завршувањето добив „ дијагноза “ за нашиот менталитет, дека овде живее човек кој чека некој друг да ја преземе одговорноста наместо него.“
„Ова за мене беше бунт против апатијата.“
„Најмногу ми остави впечаток темата за стравот да се направи промена. Ова не е само претстава која се занимава со еколошки теми, за мене ова е многу поетска интимна и лична приказна за денешниот човек.“
„Театарот овде не беше мало исклучување од реалноста или само хумористична забава, ова беше директно соочување со реалноста. На момент за мене беше ова аларм за пробудување.“
„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.
Ми се допаѓа претставата дека не ги дели луѓето на добри и лоши, туку дека не става сите нас во позиција да преземе одговцорност за дејствувањето во околината.
Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.
Националната конференција за природа е организирана од Еко-свест, со поддршка од Фондацијата Еуронатур и Владата на Шведска, со цел да ги соедини граѓанските активисти и локални заедници како движечки сили на зашптитата на природата, како и да обезбеди учење, соработка и меѓусебна поддршка. Настанот е организиран како продолжание на минатогодишната Меѓународна конференција за природа, која се одржа во октомври 2026 година.
Конференцијата е оценета како одличен и инспиративен настан кој служи како клучна платформа за вмрежување на истомисленици во секторот за животна средина. Учесниците изразија високо задоволство од:
Квалитетот на содржината: Темите беа актуелни, добро структурирани и со фокус на одржливиот развој.
Панелистите: Изборот на говорници и нивните лични искуства оставија силен впечаток, особено во првите две сесии.
Локалните примери: Посебно беа истакнати успешните приказни за одржливи бизниси кои успеваат да направат рамнотежа меѓу профитот и заштитата на природата.
Главни заклучоци од дискусиите
1. Улогата на локалниот отпор и активизмот
Граѓанскиот притисок е клучен фактор за заштита: Самоиницијативните акции и колективниот отпор на локалните заедници (како во Жировница, Блатец и Иловица) се покажаа како најефикасен механизам за спречување на штетни инфраструктурни проекти.
Профитот не смее да биде пред јавниот интерес: Клучна порака од активистите е дека економската добивка на поединци или корпорации не смее да се остварува преку трајно уништување на екосистемите и ресурсите за питка вода.
2. Институционални рамки и соработка
Потреба од транспарентност и доследност: Институциите честопати водат нетранспарентни постапки и недоследно ги применуваат законите, што создава јаз помеѓу власта и потребите на граѓаните.
Најава за нови законски решенија: Министерството за животна средина најави нов Закон за природата (април 2026) и стратегии за биодиверзитет и управување со отпад, признавајќи го граѓанскиот сектор како неопходен партнер во креирањето политики.
3. Одржливи економски модели (Зелен развој)
Природата како деловен партнер: Успешните примери (ресторан „Кутмичевица“, „Гризли Иглуз“, „Кози, млеко, планина“) докажуваат дека локалниот бизнис базиран на еко-туризам и традиционално производство е долгорочно одржлив и профитабилен.
Бизнисот како чувар на околината: Еколошките бизниси не само што носат профит, туку активно придонесуваат за чистење на депонии, превенција од пожари и зачувување на биодиверзитетот преку нивните секојдневни активности.
4. Експертски препораки за иднината
Од стратегија кон имплементација: Најголем проблем останува слабата примена на постоечките стратегии; потребна е долгорочна визија наместо ад-хок решенија.
Интегриран пристап: Локалниот развој мора да вклучува соработка меѓу сите чинители, јавни дебати при носење одлуки и конкретни инвестиции во одржлива инфраструктура, како што е подобрување на јавниот превоз за сите граѓани.
Позитивни примери: Потреба е размена на позитивните практики и примери на локално ниво и поттикнување на локалните власти да применат иновативни одржливи решенија, особено во доменот на одржливиот транспорт и еко-туризмот. Како пример беше посочен концептот Смарт Охрид кој може да биде реализиран со цел заштита на идниот Споменик на природата- Охридско езеро, како и да биде пресликан во регионот, но и во други општини.
Како генерален заклучок од Меѓународната конференција за природа која се одржа во октомври 2025 година и Националната конференција за природа, одржана во април 2026 година е потребата од континуитет, односно, дека конференцијата треба да стане редовен настан и да се одржува најмалку еднаш годишно. Идните настани треба да овозможат и повеќе различни формати на работа (работа во групи и сл.) и да обезбедат доволно време за интеракција помеѓу учесниците.
Најнови коментари