Менување на Законот за шумите и Законот за минерални суровини во скратена постапка е штетно за заштитата на животната средина
Коалицијата за клима, надоврзувајќи се на реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, бара изменувањето на законите кои ги засегаат прашањата од областа на животната средина и климатските промени да се носат во редовна постапка преку овозможување јавни и стручни расправи на кои ќе се анализираат сите влијанија од предложените законски изменувања.
Според Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија предлог на закон може да се предложи да се донесе во скратена постапка само кога: 1) не е во прашање сложен и обемен закон; 2) [се работи за] престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или 3) не се во прашање сложени и обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија. Толкувањето дали одреден закон е сложен и обемен во никој случај не би требало да се толкува формалистички единствено преку критериумот колку членови се изменуваат и/или се додаваат или бришат.
Предложените измени на законите зафаќаат аспекти од одредени права заштитени со Уставот и предвидуваат исклучоци од веќе воспоставените правила. Законите не би требало да се изменуваат заради конкретен проект, туку треба да воспостават систем во кој заштитата на животната средина и природата би биле приоритет. Изменувањата на законите кои допираат определени прашања од областа на животната средина и природата би требало целосно, професионално и стручно да се анализираат од аспект на сите влијанија кои може да ги предизвикаат.
Според Методологијата за проценка на влијанието на регулативата и Упатство за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата учеството на јавноста во изготвувањето на законите и нивните измени и дополнувања е предвидено во скоро сите фази и предвидуваат различни начини на вклучување на јавноста и нивните мислења, ставови и забелешки по предложените одредби.
Дополнително како граѓански организации со долгогодишно искуство во секторот животна средина и клима сметаме дека нетранспарентен процес во носењето и менувањето на закони од значење за животната средина предизвикув недоверба во власта и институциите и понатаму отпор кон проекти кои можеби и се добри за заштитата на животната средина и од значење за унапредување на животната средина и заштита на климата.
Поради сите горенаведени причини, Коалицијата за клима бара од пратениците да ги повлечат предложените измени на законите во скратена постапка и да спроведат процес на консултација со граѓаните и граѓанските организации во формулирање на било какви законски текстови и истите да ги предложат да бидат усвоени во редовна постапка.
Најнови коментари