Во галеријата на Културниот информативен центар во Скопје на 05.10.2023 во 19 часот се отвори изложбата „Животи обликувани од вода”. На изложбата се претставени дела на седум етаблирани фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.

Преку објективите на седум фотографи од регионот, изложбата „Животи обликувани од вода” раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките.

Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Иницијативата е поддржана од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со Еко-свест од Македонија, како организациите Центар за животна средина, Нови вал и Динарика од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора и Еколошкото здружение Рзав од Србија.

Преку оваа изложба, членовите на иницијативата сакаат да ја запознаат јавноста со својата работа, со конкретните реки на чија заштита активно работат, како и со гласовите на локалните заедници без кои нема долгорочна и одржлива заштита на реките. Со рано вклучување на локалните заедници и разбирање на нивните потреби, заштитата на природата може да донесе и нови развојни можности за жителите на овие области.

Во рамките на оваа иницијатива, организацијата Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.

Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври 2023 година, а влезот е бесплатен за сите посетители.

Share This

Share this post with your friends!