Скопје, 25.12.2023 г. Во 2013 година, откако Еко-свест поднесе жалба пред Бернската конвенција при Советот на Европа се отвори меѓународниот случај „Развој на хидроенергетски проекти на територијата на националниот парк Маврово“. Случајот е отворен речиси 10 години бидејќи државата слабо напредува во почитување на усвоените препораки.

Во последната одлука од 43та седница, Комитетот на Бернската конвенција утврди дека постои напредок од страна на Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во делот на обезбедување на буџет за отпочнување на процесот на репрогласување на Националниот парк Маврово. Во својата одлука забележа дека иако за планираните концесии за Жировница 5 и 6 во НП Маврово се одвива процес на откажување, истакна загриженост дека истовремено други концесии за МХЕ. Комитетот потсети дека откажувањето на сите хидроцентрали во заштитени подрачја, е неопходно и ја донесе следната одлука:

„Се бара од државните власти:

  • Веднаш да се откаже ХЕ Рибничка во НП Маврово;
  • Да се раскинат сите други концесии за мали хидроелектрани во НП Шар Планина;
  • Да го забрзаат репрогласувањето на Националниот парк Маврово и да се обезбедат соодветни јавни консултации во сите фази од процесот;
  • Да се забрза усвојувањето на предлог Законот за води и Законот за заштита на природата, со што би се обезбедил развој на методологија за еколошки проток и забрана на хидроелектрани и други инфраструктурни проекти во заштитените подрачја;
  • Да се подобри и обезбеди редовна координација и консултации меѓу државните органи и граѓанските организации;
  • Да се обезбеди имплементација на сите точки од Препораката бр. 211 од 2021. “

„Време е Владата да покаже волја дека во своите политики, закони и практики ќе ги интегрира препораките од Комитетот на Бернската конвенција. Најважно во овој момент е итното раскинување на концесијата за МХЕ Рибничка со цел трајно ослободување на паркот од неодржливите практики и конечното репрогласување на Маврово. Дополнително, мора да обезбедиме заштита на нашите природни богатства преку донесување на нов закон за природа кој ќе гарантира забрана за штетни инфраструктурни проекти во најчувствителните еколошки области во државата“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Еко-свест.

Препораките на Бернската Конвенција имаат придобивки за нас и можат да ни помогнат полесно да ги исполниме целите за зачувување на биодиверзитетот и екосистемите кои се утврдени во Зелената Агенда за Западен Балкан, како и Глобалната рамка за биодиверзитет на Конвенцијата за биолошка разновидност.

Погледнете го хронолошкиот развој на речиси деценискиот случај против РСМ пред Комитетот на Бернската конвенција: „Развој на хидроенергетски проекти на територијата на националниот парк Маврово“.

Целосната одлука на Комитетот на Бернската конвенција на жалбата на Еко-свест можете да го прочитате на следниот линк: https://rm.coe.int/misc-e-2023-final/1680ad9230

Share This

Share this post with your friends!