На 25-ти и 26-ти септември 2024 година, претставници од граѓански организации и универзитети од Битола учествуваа на студиска посета во регионите со јаглен во Грција, со цел да се истражат искуствата на соседната земја во спроведувањето на процесот на енергетската транзиција. Оваа иницијатива беше дел од напорите да се пренесе добрата пракса и знаење од Грција за тоа како земјата се движи кон обновливите извори на енергија, заменувајќи ја употребата на јаглен. Посетата вклучуваше работилници, дискусии и теренски посети, кои даваа практична слика за процесите што се одвиваат во Грција.
Ден 1: Солун и посета на соларна електрана во Касандриа
Првиот ден од студиската посета започна со воведна работилница и предавање во хотелот „Holiday Inn“ во Солун. Г-ѓа Иоана Теодосиу од организацијата Green Tank ги презентираше главните аспекти, предизвици и можности на процесот на енергетска транзиција во Грција. Таа нагласи дека јазот меѓу јагленот и обновливите извори на енергија се зголемува во последните три години, со 85,8% намалување на емисиите на стакленички гасови во 2023 година во споредба со 2005 година.
Г-ѓа Теодосиу го спомена и постепеното укинување на операциите на јаглен, како што е објавено од Грчката државна компанија за производство на енергија – PPC, со затворањето на најновата термоелектрана „Ptolemaida V“ во 2026 година, која започна со работа во декември 2022 година. Овој потег ќе ја забрза транзицијата од јаглен до 2028 година, што укажува на потребата за зголемени инвестиции во технологии за складирање на енергија од обновливи извори како ветерот и сончевата енергија. Уште еден чекор во овој процес на енергетска транзиција се и енергетските задруги кои бројат околу 1600 во Р. Грција.

По оваа презентација, учесниците имаа можност да се запознаат со WEnCoop, првата енергетска задруга во Грција и единствена во Европа која е составена исклучиво од жени. Оваа задруга, основана од 60 жени претприемачи во 2020 година, има инсталирано соларна електрана со капацитет од 1 MW во Касандра, а сега брои 73 членови. Претставничките на WEnCoop споделија како ја започнале оваа идеја, која на почетокот била прифатена со скептицизам, но сега претставува успешен модел на женско претприемништво во енергетскиот сектор. Г-ѓа Катарина Гани, директорка на WEnCoop, објасни дека 1 MW соларната електрана генерира годишен приход од 100.000 евра, со очекување инвестицијата да се врати за шест години. Членовите и директните корисници на WEnCoop се жени од различно потекло кои живеат во ранливи грчки заедници. Нивната цел е не само да го прошират капацитетот на електраната, туку и да ги инспирираат жените ширум земјата да се вклучат во процесите на енергетската транзиција. На крајот, се посети и електраната во Касандра и добивме практичен увид во нејзиното функционирање и позитивното влијание врз климата и родовата еднаквост.
Ден 2: Посета на Универзитетот на Западна Македонија во Кожани и работилница за праведна транзиција
Вториот ден беше резервиран за посета на Кожани, регион кој некогаш беше најголемиот регион за ископ на лигнит во Грција и дом на најголемата електрана на јаглен во земјата. Регионот сега поминува низ значајна трансформација, со затворање на јагленокопите и електраните и нивно заменување со соларни и други обновливи извори на енергија.

Работилницата се одржа на Универзитетот на Западна Македонија – UOMW во Кожани, каде што експерти и професори, како што се проф. д-р Теодорос Теодулидис, проф. д-р Елена Грива и вонр. проф. д-р Лефтерис Топапоглу, ја отворија дискусијата за праведната енергетска транзиција. Презентациите ги истакнаа предизвиците со кои се соочува Западна Македонија, но и напредокот во замената на термоелектраните со соларн електрани, како и плановите за дигитална трансформација и зголемување на енергетската ефикасност во регионот.
Константина Николаиду, докторанд од ENTRA Lab, и вонр. проф. д-р Георгиос Паранас од Научниот комитет на Институтот – UOMW, го презентираа моменталниот статус на транзицијата во регионот и можностите за технолошки имплементации за модернизација на постоечките термоелектрани. Вонр. проф. д-р Никос Плоскас и вонр. проф. д-р Рафаела Елени Сотиропулу од Универзитетот ги презентираа истражувањата поврзани со дигиталната трансформација и паметните градови, енергетската ефикасност, како и квалитетот на воздухот и климатските промени. Истражувањата покажуваат значително подобрување со замена на валканите извори на енергија со обновливи извори енергија, што е потврдено од лабораторијата на факултетот, која е опремена со најсовремени инструменти за следење на квалитетот на воздухот.
Оваа студиска посета претставуваше одлична можност, особено за учесниците од Битола, да видат од прва рака како регионот, кој беше целосно зависен од јаглен, сега со зголемен чекор ги имплементира обновливите извори на енергија и ги користи еколошките, енергетски и социјалните придобивки во процесот на праведна транзиција. Претставниците од Битола, доаѓајќи од регион со слични предизвици како Западна Македонија, се инспирирани од виденото и добија појасна визија за репликација на успешните модели, кои можат да донесат корист за сите засегнати страни во процесот на праведна енергетска транзиција. Оваа студиска посета е важен чекор во зајакнувањето на меѓусебната соработка помеѓу земјите во регионот и унапредувањето на напорите за ублажување на климатските промени и преминот кон одржливи извори на енергија.
Студиската посета е дел од проект финансиран од BMZ „Декарбонизација на Западен Балкан“ во партнерство со Germanwatch e.V., Balkan Green Foundation и Beogradska otvorena škola.
Најнови коментари