Во рамки на напорите за инклузивна, праведна енергетска транзиција, на 12 мај се одржа првото Младинско граѓанско собрание за праведна транзиција во Студентскиот информативен центар (СИЦ) при УКЛО – Битола. Настанот беше организиран во соработка помеѓу Младинскиот културен центар – Битола, Центарот за истражување и информирање за животната средина – Еко-свест, и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Главна цел на настанот беше да се подигне свеста кај младите за праведната транзиција и да се вклучат во формулирањето на конкретни предлози за нискојаглероден развој на Битолскиот регион. Преку работни групи и отворена дискусија, младите идентификуваа и анализираа локални предизвици, но и потенцијали за подобрување на економската, инфраструктурната и социјалната слика на регионот.
Учесниците истакнаа дека Битолскиот регион располага со големо културно и природно наследство, како и со значаен ИКТ потенцијал, кој сè уште е недоволно искористен. Како еден од главните предизвици за развој беше посочена лошата патна и железничка инфраструктура. Дополнително, беше нагласена важноста на добрата прекугранична соработка, која може да се искористи за развој на бизниси во индустриските зони, како и нови работни места за младите.
Во насока на продлабочување на соработката меѓу образованието и пазарот на трудот, учесниците се согласија за потребата од воведување нови предмети и програми на УКЛО посветени на иновативни технологии – како што се пумпно-акумулациски хидроелектрани, термални системи за складирање енергија и биогасни електрани. Исто така, беше заклучено дека е неопходно редовно да се организира Младинското собрание на секои шест месеци, за да се обезбеди континуирано учество на младите во процесите на праведната енергетска транзиција.
Како следен чекор, младинските предлози ќе бидат презентирани пред Локалниот економски социјален совет (ЛЕСС) и пред Министерството за економија, со цел нивна натамошна разработка и институционална поддршка.
Настанот претставува важен чекор во процесот на праведна енергетска и општествена транзиција, во која младите не се само пасивни набљудувачи, туку активни двигатели на промени. Со јасна визија, идеи и ангажман, тие испраќаат порака дека иднината на Битола и поширокиот регион мора да се гради инклузивно, со поддршка од академската заедница, граѓанските организации и државните институции, поставувајќи темели за политики кои се фер, одржливи и насочени кон идните генерации.
Најнови коментари