Со законот за изменување и дополнување на Законот за градење донесен во скратена постапка (Сл. Весник на Република Северна Македонија бр. 87/2025) се донесени обемни измени во законот за градење, кои директно влијаат на остварувањето на граѓанските слободи и права во областа на градежништвото.
Имено, со последните измени, чл. 62-а од Закон за градење предвидува бришење на овој член кој пропишува посебни обврски за јавните органи, а ги штитеше уставно загарантираните граѓански права според кои беше предвидена можноста за увид и жалба од страна на граѓаните при градење во нивна непосредна близина.
Измените на Законот за градење се иницирани од страна на Владата на РСМ согласно дневниот ред и записникот на 63тата седница, но ниту од записникот, ниту од текстот на материјалите поднесени до Собранието на РМ на прво читање (03.03.2025 г.), нема информации за оправданоста и потребата за бришењето на членот 62-а од законот бидејќи оцените и состојбите, како и целите и начелата за кои се предложени измените се однесуваа на поседување на лиценци од страна на физички и правни лица за проектирање при градење на објекти од цврста градба.
Во досегашното законско решение, преку сега избришаниот чл. 62-а беше овозможено непосредните граѓани да бидат запознати со градежните активности кои директно влијаат врз квалитетот на живот. Бришењето на овој член директно ги повредува одредбите од домашното законодавство какои заложбите кои произлегуваат од ратификуваните меѓународни инструменти т.е. Архуската Конвенција.
За жал ваквото арбитрерно постапување од страна на Владата кое и овој пат има цел да ги намали граѓанските права повторно се случува по само неколку месеци откако, претходно во август 2024 година беа донесени измени кои предвидуваа изземање на засегнатата јавност при носење на планови, програми, закони и проекти кои имаат влијание врз животната средина кои беа предвидени во Законот за урбанистичко планирање.
И тогаш, како и сега, како граѓанска организација која делува во доменот на заштита на животната средина, апелираме да се отстранат ваквите еднострани практики кои оневозможуваат учество на јавноста и бараме да се донесе ново законско решение кое ќе го замени избришаниот член 62-а и ќе овозможи ефективно учество на јавноста, согласно најдобрите практики од странските законодавства.
Бидејќи носењето на законски решенија има за цел подобрување на општественото уредување, апелираме дека е од посебна важност учеството на јавноста во законодавниот процес кој несомнено ќе придонесе за усвојување на издржани и разумни законски решенија.
Најнови коментари