Во изминатиот период, Вевчанските Извори станаа вистински центар на едукативни активности, каде ученици од различни училишта се запознаа со природата низ истражување, учење и креативност. Ова место, познато по своето природно богатство, стана инспирација за младите истражувачи кои преку интерактивни работилници го откриваа светот околу нив.
Во рамките на Трајната поставка за природа „Патување низ природните богатства на Вевчански Извори“, учениците имаа можност одблизу да ја истражат уникатната флора и фауна на планината Јабланица. Од импозантната кафеава мечка и нејзината улога во екосистемот, до значењето на заштитените подрачја – секоја тема поттикнуваше љубопитност, дискусии и интеракција.
Дополнително, учевме за рециклирање преку 3Д печатење – како пластичните шишиња да се претворат во едукативни помагала. Учениците се запознаа со целиот процес на подготовка на материјал за 3Д печатење од ПЕТ пластика и научија како функционираат 3Д печатачите. Ова беше одлична можност да се истакне како новите технологии можат да се применат во заштитата на животната средина.
Но, учењето не остана само во затворен простор. Теренските истражувања беа важен дел од програмата. Дел од учениците го истражуваа Белчишкото Блато, едно од најзачуваните мочуришта во Македонија, каде откриваа како водниот екосистем се поврзува со локалната историја и биодиверзитетот. Во исто време, млади истражувачи учествуваа во активности со најнова технологија – мерење трансекти, препознавање растителни и животински видови преку мобилни апликации, и стекнување знаења за тоа како да се заштитат шумите и водите.
Креативноста и одржливоста беа важен дел од ова искуство. Учениците не само што учеа, туку и создаваа! Од стари патокази и истрошени информативни табли изработија клупи за јавни простори, обновија оштетени знаци, и со тоа покажаа како реупотребата на материјали може да придонесе за заштита на природата. Уметноста беше на централно место и во Струга, каде ученици и волонтери создадоа инспиративен мурал, кој носи силна порака за зачувување на живеалиштата на кафеавата мечка.
Планината Јабланица ги пречека авантуристите и истражувачите со својата природа. Во партнерство со Сојузот на извидници на Македонија и нивните гости од Црна Гора и Србија, се организираше планинарење низ Споменикот на Природа – Вевчански Извори. По патот до Голина, Локва и Горна Белица, учесниците учеа за ендемичните видови, изобилството од вода и значењето на Европскиот зелен појас.
Ова не беа само моменти на истражување и учење – ова беше искуство што ја разбуди љубовта кон природата, инспирираше нови идеи и создаде пријателства низ едукативни, авантуристички и креативни активности.
Со секој чекор и со секоја иницијатива, младите истражувачи покажаа дека малите промени носат големо влијание. Благодарност до сите што беа дел од оваа авантура – продолжуваме да растеме со природата!























Најнови коментари