Првото отстранување на бариера се случува на Крива река во близина на Крива Паланка. Ова отстранување е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Македонија“, чија примарна цел е да се идентификуваат и отстранат застарените бариери во реките и да се зголеми поврзаноста на речните екосистеми во земјата.
Старата препрека на Крива Река е бетонска бариера која веќе не ја врши својата првична намена бидејќи е скршена. Бетонот сега го покрива речното корито и претставува бескорисна бариера во екосистемот, собирајќи седимент и ограничувајќи го движењето на рибите и другиот воден свет.
Во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, оваа бариера ќе биде физички отстранета од страна на Еко-свест, граѓанска организација која е посветена на обновување на речните екосистеми.
„Ова ќе биде првата речна препрека што ќе ја отстраниме, а во Еко-свест се надеваме дека набрзо ќе отстраниме уште една непотребна бариера на реката Пчиња “ – вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. „Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Дополнително, со оваа акција ја подигнуваме свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат “ – додава таа.
Македонија е позната по своите изобилни реки, но јавноста сè уште не е свесна колку овие реки се изменети и преградени со разни објекти и за различни цели. Во 2024 година,– Еко-свест идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.
Сега, преку тековниот проект за отстранување бариери, поддржан од Open Rivers Programme, Еко-свест има цел да го претстави отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe.
Отстранувањето на бариерата на Крива Река и на реката Пчиња планирано за подоцна оваа година ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри.










Многу се израдував кога го отворив овој електронски прилог. Матурирав на водите ХИДРОГРАФИЈА НА СР МАКЕДОНИЈА 1965 година а дипломирав на биологија на ПМФ во Скопје 1969 со дипломска работа на систематиката на поточната пастрмка Salmo trutta (Linnaeus, 1758) од Дошница и Липковка а 1972 година се вработив како асистент во ЗАВОДОТ ЗА РИБАРСТВО НА СР МАКЕДОНИЈА како асистент; 1976 магистрирав на истиот вид од реките Дошница, Липковка, Кадина Река и Песочанка на подрачјето на екологијата и физиологијата (растење и размножување), на Сеучилиштето во Загреб СР Хрватска, само докторската дисертација ми е на кленот одбранета 1987 на универзитетот во Сараево. Најголем дел од трудовите објавени во референтни меѓународни списанија ми е од областа на екологијата на рибите од отворените екосистеми – потоци и реката Вардар. Сега сум пензионер но се уште сум во НЕМИЛОСТ кај властите поради мојата критичност на негативни општествени појави.