Оваа година, Македонија се приклучува кон одбележувањето на првиот Светски ден за отстранување на препреки од реките – иницијатива што ја нагласува неопходноста од враќање на природниот тек и динамика на реките, како и обновување на нивната еколошка функција. Овој ден е потсетник дека реките се живи, динамични системи, чија слобода е клучна за одржување на биолошката разновидност и стабилноста на екосистемите.
Непотребните препреки, насипи и други вештачки структури претставуваат сериозен еколошки проблем. Тие ја попречуваат миграцијата на рибите, го ограничуваат нивниот пристап до клучните живеалишта за мрестење и исхрана, и придонесуваат за намалување на нивните популации. Со тоа се нарушува рамнотежата во акватичните екосистеми и се губи природната поврзаност на реките.
Отстранувањето на нефункционалните препреки овозможува повторно воспоставување на природните миграциски патишта и враќање на хидролошката поврзаност помеѓу различните делови на реката. Така се создаваат услови за закрепнување на популациите и обновување на биолошката продуктивност.
Пречки што го нарушуваат природниот тек често се застарени системи за спречување поплави, нефункционални водоснабдителни конструкции, бетонски каскади и насипи кои одамна ја изгубиле својата намена, но и понатаму имаат негативно влијание врз водните екосистеми.
Враќање на природната динамика на реките – вештачките бариери го прекинуваат транспортот на седименти, предизвикувајќи акумулација во горните делови и ерозија во долниот тек. Со тоа се нарушува природната морфологија на реката и нејзината способност да поддржува разновиден живот.
Со отстранување на нефункционалните каскади и насипи, седиментите повторно можат природно да циркулираат, реките ја враќаат својата динамика, а екосистемите добиваат можност за обновување.
#DamRemovalDay #FreeFlowingRivers
Најнови коментари