Според осмото издание на извештајот „Усогласи или затвори“ на Bankwatch, објавен денес, систематските пропусти во спроведувањето на законите овозможија во 2025 година емисиите на сулфур диоксид (SO2) од застарените термоелектрани на јаглен во Западен Балкан да ги надминат дозволените ограничувања за 6,6 пати. Емисиите на азотни оксиди (NOx) исто така продолжија да ги надминуваат законските ограничувања, додека загадувањето со прашина се зголеми, достигнувајќи го највисокото ниво откако актуелните правила стапија на сила во 2018 година.

Осум години откако стандардите за контрола на загадувањето стапија на сила според Договорот за основање на Енергетската заедница, во 2025 година емисиите на сулфур диоксид од термоелектраните на јаглен вклучени во Националните планови за намалување на емисиите (НПНЕ) на Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија сè уште беа колективно 6,6 пати повисоки од дозволените.

На регионално ниво, емисиите на сулфур диоксид од 2018 година наваму се намалија само скромно, додека плафоните за дозволени емисии беа построги во 2025 година отколку во претходните години, што доведе до уште поголеми прекршувања.

Најголем апсолутен загадувач со сулфур диоксид повторно беше Угљевиќ во Босна и Херцеговина, иако има инсталирано постројка за десулфризација. Емисиите во 2025 од 115.079 тони беа највисоки откако стандардите за контрола на загадувањето стапија на сила во 2018 година.

Покрај Угљевиќ, уште четири други постројки ги надминаа плафоните за сулфур диоксид во 2025 година: Гацко и Какањ 6 исто така од Босна и Херцеговина, и Битола Б1+2 и Битола Б3 во Македонија.

Загадувањето со прашина (ПМ честички) регионално беше 2,9 пати над дозволеното, повторно највисоко откако правилата стапија на сила од 2018 година. Ова е главно предизвикано од ТЕЦ Битола која ги дуплираше емисиите споредено со 2024 и самостојно емитираше повеќе 7.094-те тони дозволени за цел Западен Балкан.

Гацко од Босна и Херцеговина беше повторно највисок релативен емитер, и иако вкупните емисии малку се намалија споредено со 2024 година, тие беа 15,1 пат над дозволеното.

Исто како и во 2024 година, емисиите на азотни оксиди од електраните во НПНЕ во 2025 година беа 1,4 пати над дозволеното. Косово, Босна и Херцеговина и Србија повторно ги надминаа своите законски граници, а српската Никола Тесла Б беше наголем емитер со 11.247 тони.

Секретаријатот за Енергетската заедница има отворено повеќе случаи против државите со што се потврдува нелегалната работа на термоелектричните централи. Сепак ниту една влада ги нема казнето електраните, ниту пак има јасен, ажурен и реалистичен план за усогласување и/или затворање.

Во меѓувреме, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) почна да се применува од јануари 2026 година, со што се зголемија трошоците за извоз на електрична енергија и дополнително ја отежни профитабилноста на електраните. Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија секако имаат пад на производство на енергија од јаглен во последните години, дури и без официјално затворање на електрани.

„Во некои земји од Западен Балкан сега имаме комбинација од двете најлоши сценарија: пад на производството на енергија од јаглен без јасен пат како да се надминат социо-економските последици, комбинирано со високо и во некои случаи како Битола дополнително влошено загадување. Наместо засилено да се спроведуваат мерките за намалување на загадувањето од еколошките дозволи, владите упорно ги игнорираат. Ова веќе е прашање на почитување на основните принципи на функционирање на едно демократско општество, како што е еднаквост пред законот“, изјави Давор Пехчевски, Координатор за енергија за Балканот во Bankwatch.

„Праведната транзиција не значи само затворање на електраните на јаглен, туку и прекин на зависноста од јагленот во целиот регион. Додека Грција ги затвора своите термоелектрани на јаглен, продолжува да извезува јаглен за РЕК Битола, со што загадувањето и емисиите само се префрлаат преку границата. Истовремено, Македонија трпи загаден воздух, а со примената на CBAM и продолжувањето на работата на застарените капацитети се соочува и со сè поголеми економски загуби. Наместо да губиме пари за одржување на минатото, потребни се инвестиции во обновливи извори и праведна транзиција која ќе им користи и на граѓаните и на локалните заедници“, дополни Елена Николовска, Раководител на програмата за клима во Еко-свест.

Share This

Share this post with your friends!