Регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што се одржа на 21 мај во Скопје во организација на Еко-свест од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија ги обедини претставниците на институциите, регулаторните тела, операторите на електродистрибутивните системи, експертите, компаниите, граѓанските организации и меѓународните партнери со цел да се дискутира за развојот на просумерството и граѓанската енергија во Македонија и Србија.

Во текот на дискусиите беа презентирани искуствата од Македонија и Србија, анализирани беа постојните законски и регулаторни рамки, како и клучните административни, технички и институционални пречки за поголемо учество на граѓаните во енергетската транзиција.

Заклучоци од конференцијата:

  1. Енергетската транзиција не може да биде успешна без активно учество на граѓаните

Граѓанската енергија претставува еден од клучните механизми за успешна декарбонизација, намалување на енергетската сиромаштија и демократизација на енергетскиот систем. Просумерите и енергетските заедници треба да станат составен дел од националните политики за енергетска транзиција.

  1. Потребни се усогласени измени во повеќе законски области
    Искуството од Србија покажа дека измените на Законот за енергетика сами по себе не се доволни. За успешно функционирање на просумерството неопходни се навремени измени и усогласување на прописите од областа на: градењето; домувањето; финансиските и даночните прописи; приклучувањето кон електродистрибутивната мрежа.
    Особено беше нагласена потребата подзаконските акти да се донесуваат навремено, бидејќи токму тие ги овозможуваат практичните процедури за граѓаните.
  2. Главните пречки денес не се технолошки, туку институционални
    Технологијата повеќе не претставува ограничување за развојот на просумерството. Најголемите бариери се: сложени административни процедури; недоволна институционална координација; ограничени капацитети на електродистрибутивната мрежа; недостиг од јасни информации за граѓаните; долги процедури за приклучување.

Дополнително беше истакнато дека постои фрагментираност на надлежностите меѓу повеќе институции, што дополнително го усложнува процесот.

  1. Мрежните капацитети претставуваат едно од најголемите ограничувања
    Прашањето за „hosting capacity“ беше идентификувано како едно од најважните за понатамошниот развој на граѓанската енергија.
    Заклучено беше дека ова не е исклучиво техничко прашање, туку и прашање на јавни политики, односно одлука колкав простор државата ќе обезбеди за приклучување на граѓаните и малите производители на електрична енергија.
    Истовремено беше нагласена потребата јавноста подобро да ја разбере разликата помеѓу капацитетите за домаќинства и капацитетите за големи производствени постројки.
  2. Македонија располага со значителен потенцијал за обновливи извори на енергија
    Презентираните анализи покажуваат дека потенцијалот за покривни фотоволтаици е значително поголем од моментално искористениот.
    Како пример беше наведено дека само во Кичевскиот регион може да се инсталираат околу 40 MW покривни фотоволтаици, што би покрило приближно една четвртина од производството на ТЕЦ Осломеј.
    Истовремено беше посочено дека националните цели за покривни соларни системи остануваат значително пониски од споредливите земји во регионот.
  3. Неопходно е подобро информирање на граѓаните

Една од најчесто истакнуваните теми беше ниското ниво на информираност.
Учесниците оценија дека граѓаните немаат доволно информации за:

  • процедурите;
  • финансиската исплатливост;
  • начинот на приклучување;
  • можностите што ги нуди новото законодавство.

Институциите треба многу поактивно да ги користат дигиталните алатки, социјалните мрежи и јавните кампањи.

  1. Поголемо вклучување на јавноста
    Формалното објавување на подзаконските акти не е доволно.
    Потребно е: активно учество на граѓанските организации; вклучување на граѓаните во јавните консултации; подобра комуникација со медиумите; отворање на темата во образовниот систем.
  2. Просумерството треба да остане модел за сопствена потрошувачка
    Целта на просумерството не е остварување профит преку продажба на електрична енергија, туку: намалување на сметките; зголемување на енергетската независност; намалување на енергетската сиромаштија; поефикасно користење на обновливите извори.

Правилното димензионирање на системите е предуслов за нивната финансиска исплатливост.

Препораки
Врз основа на дискусиите, учесниците ги формулираа следните препораки:
Законодавство и регулатива

  • Да се донесат сите подзаконски акти предвидени со новиот Закон за енергетика во најкус можен рок.
  • Да се усогласат прописите од областа на градењето, домувањето, финансиското работење и оданочувањето со новата енергетска регулатива.
  • Да се воспостави јасен регулаторен статус за активните потрошувачи и енергетските заедници.

Административни процедури

  • Да се поедностават процедурите за приклучување на малите фотоволтаични системи.
  • Да се намали административниот товар за домаќинствата.
  • Да се воведат дигитални алатки за аплицирање и следење на постапките.

Развој на електродистрибутивната мрежа

  • Да се инвестира во проширување и модернизација на дистрибутивната мрежа.
  • Да се обезбедат транспарентни информации за расположливите мрежни капацитети.
  • Да се развијат политики кои ќе обезбедат фер пристап за домаќинствата при приклучување.
  • Информирање и едукација
  • Да се воспостават национални информативни кампањи за просумерството.
  • Да се развијат дигитални калкулатори за проценка на исплатливоста на инвестициите
  • Да се вклучат медиумите, локалните самоуправи и образовните институции во промоцијата на граѓанската енергија.

Финансиска поддршка

  • Да се обезбедат дополнителни програми за финансиска поддршка на домаќинствата.
  • Посебен фокус да се стави на ранливите категории граѓани и домаќинствата погодени од енергетска сиромаштија.

Регионална соработка

  • Да се искористат позитивните искуства од регионот и Европа при развојот на националните политики.
  • Да се зајакне регионалната размена на знаење и добри практики во областа на граѓанската енергија.

Конференцијата потврди дека Македонија и Србија имаат значителен потенцијал за развој на просумерството и граѓанската енергија, но дека неговата реализација ќе зависи од навременото донесување на подзаконските акти, подобрата институционална координација, модернизацијата на електродистрибутивната мрежа и активното вклучување на граѓаните во процесите на креирање и спроведување на енергетските политики.

Учесниците се согласија дека енергетската транзиција претставува не само техничка, туку и општествена трансформација, во која граѓаните треба да бидат препознаени како активни учесници, а не само како потрошувачи на енергија.

Share This

Share this post with your friends!