Македонија се наоѓа во клучен момент од својата енергетска трансформација. Забрзаното инвестирање во обновливи извори на енергија претставува неопходен чекор кон намалување на емисиите на стакленички гасови, подобрување на енергетската независност и исполнување на меѓународните обврски. Но ова не смее да биде на сметка на природата.
Искуството на Европската Унија јасно покажува дека успешната енергетска транзиција не е избор помеѓу обновливите извори и заштитата на природата. Напротив, таа се темели на јасни правила кои овозможуваат и двете цели да се постигнат истовремено.

Денес Македонија има можност да избегне грешки кои веќе ги видовме во минатото – конфликтите околу малите хидроелектрани, долгите судски постапки, отпорот од локалните заедници и несигурноста за инвеститорите. Овие искуства покажаа дека недоволната заштита на природата не го забрзува развојот, туку го успорува.

Во моментов Европската комисија предлага Директивите за живеалишта и птици и Рамковната директива за води да станат дел од правната рамка на Енергетската заедница. Овој предлог не претставува нов товар за земјите, туку логично продолжување на веќе преземените обврски и можност за воспоставување јасни процедури кои ќе донесат правна сигурност и предвидливост.

Особено е важно што Македонија во моментов го ревидира Законот за заштита на природата. Овој процес претставува единствена можност националното законодавство да се усогласи со европските стандарди и навремено да се воспостават механизмите кои ќе овозможат одржлив развој на обновливите извори на енергија.

Поради тоа ги повикуваме Министерството за енергетика и Министерството за животна средина заеднички да:
• дадат јасна политичка поддршка за вклучување на Директивите за живеалишта и птици и Рамковната директива за води во правната рамка на Енергетската заедница;
• обезбедат нивно навремено и целосно транспонирање во националното законодавство;
• ги вклучат соодветните процедури за оценување на влијанијата врз природата и водите при планирањето и одобрувањето на енергетските проекти;
• го забрзаат воспоставувањето и правната заштита на мрежата Емералд како основа за идната мрежа Натура 2000;
• развијат стратешко просторно планирање кое ќе ги насочува инвестициите во обновливи извори кон деградирани, индустриски и веќе изменети површини, наместо кон подрачја со висока природна вредност;
• обезбедат транспарентни процедури и суштинско учество на јавноста при донесувањето на сите стратешки одлуки.

Јасните правила не се пречка за инвестициите. Тие се предуслов за нивен успех.

Тие ги намалуваат ризиците за инвеститорите, ги скратуваат процедурите, ги намалуваат судските спорови, ја зголемуваат довербата на јавноста и овозможуваат енергетската транзиција да биде навистина праведна и одржлива. На Македонија не ѝ е потребен избор помеѓу енергијата и природата. Потребни ѝ се политики кои ќе ги штитат и двете.

Затоа ве повикуваме да ја искористите оваа можност и да креираме современа законска рамка која ќе овозможи забрзан развој на обновливите извори на енергија, без компромиси со биодиверзитетот, водните ресурси и јавниот интерес. Само така ќе обезбедиме енергетска транзиција која ќе биде навистина европска, праведна и одржлива за сегашните и идните генерации.

Прочитајте го документот за политики во целост.

Share This

Share this post with your friends!