На крајот на 2025 година Еко-свест во соработка со општина Куманово отстрани голема бетонска бариера од реката Пчиња. Истражувањата спроведени пред тоа покажаа дека оваа бариера го попречува текот на реката и слободната дистрибуција на милта, го попречува слободното движење на водните животни, предизвикува загадување на дел од реката над самата бариера и е безбеносен ризик по локалното население. 

За отстранувањето на оваа бариера е издадено решение од Државниот инспекторат за животна средина, по кое постапија општина Куманово и Еко-свест.

Отстранувањето беше направено со најмало можно негативно влијание врз реката, без користење на екслозивни средства. Пред самото отстранување беше спроведена целосна анализа и изработен технички проект за отстранување од страна на компанија со стручност и искуство во област на геотехниката, хидрологијата и заштита на животната средина. 

Отстранувањето се одвиваше во текот на октомври, ноември и декември и комплетно заврши на 15 декември 2025 година.

По отстранувањето Еко-свест продолжи да ја следи состојбата на реката. Во текот на јуни, направен е прв мониторинг на рибна фауна на локацијата на поранешната бетонска бариера со цел следење на состојбата и процесот на реставрација на реката. 

Мониторингот беше спроведен од тим на стручни лица од област на биологијата, предводени од проф д-р Милица Ристовска.

На местото на поранешната бариера има крупни камења, кои заедно со другиот природно нафрлен материјал имаат позитивен ефект, бидејќи протокот на водата низ овие структури создава поволни услови за организмите и обезбедува засолништа за нив. Во делот под бариерата, направен е увид пред и по отстранувањето на истата, и регистрирани се сите видови на риби кои живеат во Пчиња, што укажува на стабилизација на реката без губење на живиот свет. Но, делот над бариерата, сè уште е во кревка состојба, со знаци на послаб проток, главно поради акумулираната количина на тиња на дното. Во овој дел е забележано отсуство на бојникот и минимално присуство на кленот, видови кои доминирале во овој екосистем претходно. Во овој дел, каде што претходно немало проток и водата била застоена, првичните резултати покажуваат проретчување на рибата, нешто што се очекува во раните стадиуми на реставрација. Всушност, поради отстранувањето на бариерата, повеќе делови од реката станале достапни, со што рибите имаат можност да се распоредат по должината на реката, осносно добиваат поширок простор. 

Знак дека заздравува екосистемот е присуството на помладок на рибите, што значи дека рибите успешно се размножуваат. Дополнително, отсуството на видови кои не припаѓаат таму, како карашот, е оптимистично за подобрување на ова живеалиште. Друг интересен наод е забележаното присуство на поточниот рак, кој е биоиндикатор за чиста вода според Натура 2000. Иако состојбата се подобрува и има значителна разлика откако е извадена бариерата, сè уште постојат предизвици. 

Поради долгогодишното постоење на бариерата, во делот над неа е акумулирана голема количина на паднати дрвја од околната шума, а истите не можеле да бидат однесени од реката поради бариерата. Оваа структура во реката сега го забавуваат текот на реката и воедно го спречуваат измивањето и распределувањето на акумулираната тиња која првично се создала тука поради бариерата. 

Спроведениот мониторинг покажува дека реката постепено се враќа во својата природна состојба, процес кој е подолг, но успешен и во вистинска насока. Следењето на состојбата ќе продолжи и понатаму со редовен сезонски мониторинг, за да се види процесот на обновување со текот на времето.

Share This

Share this post with your friends!