Вчера бевме сведоци на големо невреме во Скопје и другите градови во нашата земја. Невремето остави видни последици по инфраструктурата и зеленилото во урбаните средини.
Зошто насред лето сме сведоци на вакви екстремни појави?
Невремето не беше обичен летен дожд – беше потсетник за новата реалност!
Оркански ветрови, град и силни поројни дождови што го зафатија градот се директна последица на зголемената нестабилност во атмосферата. Но, како ова е поврзано со климатските промени?
Повеќе топлина = повеќе енергија:
Подолгите и поинтензивни топлински бранови го загреваат воздухот. Потоплиот воздух содржи повеќе влага (околу 7% повеќе за секој 1°C затоплување), што создава „гориво“ за многу посилни и поексплозивни бури.
Временски екстреми:
Климатските промени го менуваат начинот на кој врне. Наместо умерени дождови, сè почесто се соочуваме со временски непогоди од типот – сушни и пеколно топли периоди заменети со ненадејни, разорни и моќни бури.
Балканот како жариште:
Медитеранот и Балканот се меѓу регионите што се загреваат побрзо од глобалниот просек, правејќи ги ваквите екстремни појави сè зачестени.
Екстремните временски прилики веќе не се реткост, туку директен резултат на климатската криза.
Што е потребно?
Создавање отпорни градови каде инфраструктурата е прилагодена на вакви невремиња.
Потребно е градовите сериозно да го проценат ризикот од овие невремиња во иднина и во своите програми да предвидат и буџетираат активности за градење на отпорноста- не можеме да го промениме времето, но мораме да се прилагодиме за да го издржиме следниот ваков „удар“. Ова значи поголема контрола и повисоки стандарди за безбедност во градежништвото и урбаното уредивање.
Дополнително, зелените површини се заштитници на урбаните средини, но и потенцијален ризик за граѓаните при вакво невреме. Затоа е важно редовно и континуирано да се одржува зеленилото во градот, да се кастрат гранките и да се отстрануваат сувите делови од дрвјата, а паднатите дрвја веднаш да се заменат со нови. Градскиот парк мора редовно да се одржува и конечно да се ефектуира одлуката на Соиветот за замена на старите дрвја со нови садници!
На граѓаните мора да им се обезбеди навремена информација со предупредување за невремето, како и да им се понуди помош, особено во вакви ситуации и сите служби мора да бидат на терен веднаш по невреме од ваков размер.
Време е за поголема свест, подобри системи за предупредување и поотпорна градска инфраструктура! 🌍⚠️
Ве покануваме на информативна сесија по повод објавениот Повик за концепти во рамки на нашата Програма за грантови 2026.
Сесијата ќе се одржи online на 21 јули со почеток во 11 часот. За време на сесијата ќе ги презентираме целите на Програмата и очекувањата од концептите, а вие ќе можете да поставите прашања.
Доколку сакате да се приклучите на оваа сесија, Ве молиме регистрирајте се на следниот линк:
На крајот на 2025 година Еко-свест во соработка со општина Куманово отстрани голема бетонска бариера од реката Пчиња. Истражувањата спроведени пред тоа покажаа дека оваа бариера го попречува текот на реката и слободната дистрибуција на милта, го попречува слободното движење на водните животни, предизвикува загадување на дел од реката над самата бариера и е безбеносен ризик по локалното население.
За отстранувањето на оваа бариера е издадено решение од Државниот инспекторат за животна средина, по кое постапија општина Куманово и Еко-свест.
Отстранувањето беше направено со најмало можно негативно влијание врз реката, без користење на екслозивни средства. Пред самото отстранување беше спроведена целосна анализа и изработен технички проект за отстранување од страна на компанија со стручност и искуство во област на геотехниката, хидрологијата и заштита на животната средина.
Отстранувањето се одвиваше во текот на октомври, ноември и декември и комплетно заврши на 15 декември 2025 година.
По отстранувањето Еко-свест продолжи да ја следи состојбата на реката. Во текот на јуни, направен е прв мониторинг на рибна фауна на локацијата на поранешната бетонска бариера со цел следење на состојбата и процесот на реставрација на реката.
Мониторингот беше спроведен од тим на стручни лица од област на биологијата, предводени од проф д-р Милица Ристовска.
На местото на поранешната бариера има крупни камења, кои заедно со другиот природно нафрлен материјал имаат позитивен ефект, бидејќи протокот на водата низ овие структури создава поволни услови за организмите и обезбедува засолништа за нив. Во делот под бариерата, направен е увид пред и по отстранувањето на истата, и регистрирани се сите видови на риби кои живеат во Пчиња, што укажува на стабилизација на реката без губење на живиот свет. Но, делот над бариерата, сè уште е во кревка состојба, со знаци на послаб проток, главно поради акумулираната количина на тиња на дното. Во овој дел е забележано отсуство на бојникот и минимално присуство на кленот, видови кои доминирале во овој екосистем претходно. Во овој дел, каде што претходно немало проток и водата била застоена, првичните резултати покажуваат проретчување на рибата, нешто што се очекува во раните стадиуми на реставрација. Всушност, поради отстранувањето на бариерата, повеќе делови од реката станале достапни, со што рибите имаат можност да се распоредат по должината на реката, осносно добиваат поширок простор.
Знак дека заздравува екосистемот е присуството на помладок на рибите, што значи дека рибите успешно се размножуваат. Дополнително, отсуството на видови кои не припаѓаат таму, како карашот, е оптимистично за подобрување на ова живеалиште. Друг интересен наод е забележаното присуство на поточниот рак, кој е биоиндикатор за чиста вода според Натура 2000. Иако состојбата се подобрува и има значителна разлика откако е извадена бариерата, сè уште постојат предизвици.
Поради долгогодишното постоење на бариерата, во делот над неа е акумулирана голема количина на паднати дрвја од околната шума, а истите не можеле да бидат однесени од реката поради бариерата. Оваа структура во реката сега го забавуваат текот на реката и воедно го спречуваат измивањето и распределувањето на акумулираната тиња која првично се создала тука поради бариерата.
Спроведениот мониторинг покажува дека реката постепено се враќа во својата природна состојба, процес кој е подолг, но успешен и во вистинска насока. Следењето на состојбата ќе продолжи и понатаму со редовен сезонски мониторинг, за да се види процесот на обновување со текот на времето.
И покрај наодите на Државниот завод за ревизија од 2021 година[1], кои јасно укажуваат на бројните штети од изградбата на малите хидроцентрали и недосладности во постапките за издавање на нивните дозволи, државните институции продолжуваат со охрабрување за изградба на овие проекти во заштитените подрачја во Македонија.
Во јануари 2026-та година, Владата на РСМ донесе одлука да се продолжи рокот за изградба на малите хидоцентрали за кои е издадена концесија во изминатите години.[2]
Иако според одредбите од законот за градење и законот за концесии и јавно приватно партнерство се предвидени рокови во кои мора да се заврши процесот на градба, Владата со ваквите одлуки овозможува работење на правните субјекти надвор од пропишаните законски прописи. Еко-свест достави барање до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање да не ги продолжува концесиите за МХЕ Баров Дол на реката Дошница и МХЕ Рибничка во Националниот парк Маврово, како проекти со потенцијално големо негативно влијание врз постоечки и идни заштитени подрачја.
Голем број од издадените концесии т.е. документацијата која е приложена во постапката за добивање на дозвола за градба не ги исполнува условите за заштита на животна средина, иако ваквите документи се одобрени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Попрецизно, ова се однесува на елаборатите за заштита на животната средина кои не ги задоволуваат ниту минималните стандарди за заштита на животната средина со оглед дека правната рамка со која се регулира подготовката на елаборатите за заштита на животната средина е застарена и не ја исполнува целта на законот за заштита на животната средина.
Во извршената ревизија на ДЗР од 2021 година за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, е даден целосен преглед и постапка за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања на постапката за издавање на концесии. Сè уште се евидентни сериозни прекршувања од постапката на издавање концесии до подготовката на стратешките документи, се до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали. Во овој процес, покрај несоодветноста на елаборатите за заштита на животната средина, на директен удар се и правото на учество на граѓаните за прашања од животната средина, загарантирани со Архуската конвенција[3] која исто така е ратификувана од страна на Република Македонија.
Понатаму, стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, а од суштинска важност за овие процеси е донесување на Законот за климатска акција кој сè уште не е донесен.
Во извештајот на ДЗР евидентирано е дека комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед на објектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска.
Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до основните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекциските служби.
Со извршената ревизија, утврдено е дека, честите измени, комплексноста, како и промената на надлежностите со законската регулатива, неисполнувањето на стратегиските цели за изградба на големи ХЕ, планирањето без направена оцена на влијанието врз животната средина и долгата и сложена постапка, која се одвива во повеќе институции за обезбедување на потребната документација, како и недоволните капацитети, координација, контрола и надзор на инволвираните институции во следењето на концесиската дејност и наплатата на надоместоците, придонеле за пролонгирање на почетокот со работа и ставање во нееднаква положба на концесионерите, како и несоодветна заштита на животната средина.
Дополнително, постапките за изградба на МХЕЦ сè уште негативно влијаат на шумите и шумскиот фонд поради фактот дека при изградба на нови објекти е потребна сеча на здрава шума. Ваквата постапка директно влијае на еко-системите, а јавните установи во ваквите случаи постапуваат неконзистентно преку ненавремено и несоодветно означување на шумите, донесувајќи еднострани и необразложени одлуки и сл.
И покрај континуираната заложба на Еко-свест во однос на разрешување на несоодвеноста на постапката за изградба на МХЕЦ и занемарувањето на законски пропишаните обврски кое е дополнително потврдено во Извештајот на ДЗР од 2021 година, институциите продолжуваат да го овозможуваат сериозното нарушување на еко-системите во природата кои доведуваат до катастрофални последици за локалното население и биодиверзитетот преку нарушување на системите за снабдување на вода за пиење, нарушување на живеалиштата и миграциите на дивиот свет со што директно ја загрозуваат животната средина.
[1] Конечен извештај за извршена ревизија на усогласеност на тема ,,Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“ – Државен завод за ревизија, 2021 година
[3]Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина(“Службен весник на РМ” бр. 40/99)
Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија
Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори (објавен во Службен весник бр. 146/2026) воспоставува правна рамка за системот на производство, користење и поттикнување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија. Основната цел на законот е намалување на увозната зависност, подобрување на сигурноста во снабдувањето и исполнување на климатските цели, преку поттикнување на граѓаните и компаниите да произведуваат енергија за сопствени потреби.
Со ова, за првпат се овозможува граѓаните, локалните власти и малите претпријатија заеднички да инвестираат во производство, користење и споделување на зелена енергија, т.е. енергија добиена од обновливи нефосилни извори. Според законот, енергетската заедница може: да произведува, складира, користи и продава електрична енергија; да ја распределува произведената енергија меѓу своите членови согласно меѓусебни договори; самостојно или преку агрегатор да учествува на пазарот на енергија; да стекне статус на повластен производител и да користи мерки за поддршка. При тоа, примарната цел на заедниците мора да биде обезбедување еколошки, економски и социјални придобивки за членовите и локалната заедница, а не остварување профит.
Новиот закон ја дефинира енергетската заедница („заедница на обновливи извори на енергија“) како „правно лице основано согласно Законот за задругите, на доброволна основа и отворено учество, самостојно и независно, заеднички поседувано и контролирано од страна на основачите и/или членовите, со живеалиште, престојувалиште или седиште, во географско подрачје во близина на енергетскиот објект за производство на енергија кој е во сопственост или изграден од правното лице.“
Концептот овозможува широко локално учество и членство во енергетските заедници каде членови можат да бидат: физички лица (граѓани), единици на локалната самоуправа, микро, мали и средни претпријатија и јавни установи. Исто така, постои можност за различни комбинации на здружување: општина и група граѓани, станбени заедници (згради), граѓани и мали локални компании, или целосно приватни иницијативи без учество на локалната самоуправа.
Општините можат да бидат клучни двигатели преку заеднички инвестиции во фотоволтаични системи на јавни објекти, училишта или соларни системи за централно греење и ладење.
Иако законот ја поставува правната основа и ги дефинира правата на заедниците, тој не содржи детална процедура (чекор-по-чекор) за нивно основање. Во самиот закон сè уште не се прецизирани тмоделите за распределба и методологијата за пресметка на уделите меѓу членовите, ниту пак административната постапка за регистрација и приклучување. Овие прашања треба да се доуредат со подзаконски акти и прописи на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем.
„Ја поддржавме месната заедница во Белица со инсталација на фотоволтаични панели на едукативниот центар за развој во Белица. Нашите неодамнешни истражувања на перцепциите и ставовите на населението во општините Новаци и Вевчани за енергетските задруги се позитивни, при што главни мотиватори се еколошките и економските придобивки. Како клучни фактори при одлуката за основање или пристапување кон енергетска задруга се висината на почетната инвестиција и трошоците, поддршката од државата и општината и очекуваната финансиска корист. Главни пречки за граѓанско учество се финансиските ограничувања, недовербата, недостигот на информации и недоволната институционална поддршка од општините“ – изјави Жарко Конески, Програмски координатор за енергија од Еко-свест.
Во својата работа, Еко-свест се залага за енергетски сектор кој е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, со минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје. Во овој систем граѓаните имаат можност слободно да учествуваат во производството на енергија од обновливи извори и слободно да се здружуваат за производство на енергија.
Најнови коментари