Следи го овој пример- биди и ти дел од решението!

Успешната соработка помеѓу граѓаните, нашиот бесплатен сервис „Зелен телефон“ и инспекциските служби на Општина Кисела Вода донесе уште еден позитивен исход за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

По примена пријава на „Зелен телефон“ за секојдневно ширење на неподнослива миризба и густ црн чад од приватен имот во населбата Црниче, нашиот тим поднесе барање за вонреден инспекциски надзор до надлежните општински служби.

Реакција на инспекциските служби од Општина Кисела Вода

Општинскиот инспектор изврши вонреден инспекциски надзор на локацијата. Притоа беше констатирано присуство на голема количина отпад од стар мебел (третирано и бојадисано дрво), кој несовесно се користел како гориво за затоплување – пракса која е строго забранета и исклучително штетна по здравјето.

Изрекување мерки и краен резултат

На сопственикот на имотот му беше изречено решение со законски рок од 30 дена за итно и целосно отстранување на недозволениот отпад.

По истекот на рокот, инспекциските служби извршија контролен надзор. Со официјален записник е потврдено дека граѓанинот целосно постапил по решението – недозволениот отпад е отстранет, а на локацијата е затечено само еколошки дозволено огревно дрво.

Важноста на граѓанскиот активизам

Овој случај е одличен пример за тоа како будните граѓани и ефикасните институции можат да направат реална промена. Загадувањето на воздухот нѐ засега сите, а брзиот синџир на пријавување и дејствување е клучот за почиста средина.

Иако грејната сезона е позади нас и за овој случај беа потребни месеци за решавање на истиот, се надеваме дека ваквата крајна состојба ќе остане непроменета и дека ќе биде поттик за решавање на ваков тип на случаи почесто.

Упатуваме голема благодарност до инспекциските служби на Општина Кисела Вода за професионалноста и брзата разрешница, како и до граѓаните кои не молчат пред еколошките прекршоци.

Побарај правна поддршка за еколошки проблем

Имате проблем во вашата околина и се прашувате од каде да започнете? Пријавете на нашиот бесплатен „Зелен телефон“ – тука сме да дејствуваме заедно!

Share This

Share this post with your friends!