Еко-свест ја започнува Програмата за грантови за 2026 година, со цел да ги поддржи граѓанските организации и нивните партнери во предводењето на промените кон праведно и отпорно општество. Програмата се реализира со поддршка на Кралството на Шведска и се заснова на моделот на „Обновлива правда“ (Restorative Justice), кој ја нагласува важноста на демократизацијата на експертизата и активното вклучување на граѓаните во креирањето на еколошката иднина.
Зошто ја спроведуваме оваа програма?
Северна Македонија се соочува со еколошка ранливост и институционална стагнација. Граѓанските организации имаат клучен потенцијал да бидат „чувари на јавниот интерес“ и партнери во имплементацијата на системски решенија, но често се ограничени од недостаток на ресурси и техничка експертиза. Оваа програма не само што финансира проекти, туку систематски го гради капацитетот на граѓанскиот сектор.
Цели на програмата
Грантовите се насочени кон постигнување на следните стратешки цели:
- Техничко застапување: Подобрување на капацитетите за анализа и застапување на еколошки регулативи (усогласени со ЕУ Поглавје 27).
- Институционален надзор (watchdogging): Обезбедување транспарентност и одговорност во носењето одлуки.
- Заштита на природата: Управување со заштитени подрачја и обнова на екосистеми.
- Практични решенија: Имплементација на пилот-проекти за декарбонизација и заштита на природата.
- Јавна свест: Подигање на климатската писменост и градење на граѓански активизам.
- Организациска отпорност: Градење на внатрешни управувачки вештини на организациите.
За кого е наменета програмата?
Право на учество имаат граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кои постојат и се регистрирани најмалку 4 години пред објавувањето на овој повик. Организациите се охрабруваат да формираат партнерства со други локални чинители (други организации, општини, бизниси и др.)
Финансиски информации
- Вкупен фонд: 21.500.000 денари
- Износ по грант: Минимум 1.200.000 денари – Максимум 4.300.000 денари.
- Времетраење: 12 до 14 месеци.
Информации за аплицирање
Процесот се одвива во две фази:
- Фаза I (Концепт на проект): Потребно е да се поднесе Концепт на проект со проценка на буџет и соодветна документација до 31 јули 2026 година.
- Фаза II (Целосен предлог-проект): Само избраните кандидати од првата фаза ќе бидат поканети да поднесат целосен предлог-проект најдоцна до 30 септември 2026 година, преку електронската платформа на ekosvest.com.mk.
За подетални информации, критериуми и потребна документација, посетете ја нашата веб-страница ekosvest.com.mk и прочитајте ја Програмата за грантови на Еко-свест за 2026.
Во оваа фаза Еко-свест прибира само концепти преку електронскиот Формулар за пријавување,
Почитувани колеги,
Ве покануваме на информативна сесија по повод објавениот Повик за концепти во рамки на нашата Програма за грантови 2026.
Сесијата ќе се одржи online на 21 јули со почеток во 11 часот. За време на сесијата ќе ги презентираме целите на Програмата и очекувањата од концептите, а вие ќе можете да поставите прашања.
Доколку сакате да се приклучите на оваа сесија, Ве молиме регистрирајте се на следниот линк
:
https://zoom.us/meeting/register/v4uSO7EuTLSRmjgSwVjArA
По регистрацијата на вашиот е-маил ќе добиете линк до самиот настан.
Со почит,
Тимот на Еко-свест

Пристигнато прашање
Во врска со Програмата за грантови, би сакал да прашам дали предлог проектот може да биде надополнување на проект финансиран од ЕУ, и може да биде сметан како кофинансирање за истиот.
Одговор
Почитувани,
Во оваа фаза Еко-свест поканува концепти за проекти кои ги исполнуваат целите на повикот. Ве молиме обратете внимание на истите и предложете идеи кои ќе придонесат кон реални промени за подобрување на животната средина. Врз база на објавените критериуми ќе бидат оценети пристигнатите концепти, па во таа насока препорачуваме да ги следите насоките од Програмата.
Доколку проектот е избран за финансирање, во фазата на имплементација ќе биде потребно да се следи упатството за визибилитет и да има јасно разграничување на трошоците, а проектот ќе треба да биде и предмет на надворешна ревизија. Имајте ги овие аспекти на ум при аплицирањето.
Со почит, Еко-свест
Пристигнато прашање
Дали канцелариската кирија е прифатлив трошок или се дозволени само струја, вода, греење и комуникации?
Дали проектно сметководство и банкарски провизии се прифатливи?
Дали постои максимален процент за персонал, консултанти или административни трошоци?
Дали ДДВ е прифатлив и дали проектите ќе имаат право на даночно ослободување?
Кои прагови и процедури за набавки ќе важат за грантистите?
Дали постојат лимити за патување, дневници, храна и сместување?
Дали е дозволено префрлање средства на партнерска организација?
Дали се дозволени мали финансиски поддршки за локалните ГО или само директно покривање на трошоците?
Кои се правилата за буџетски пренамени и кога е потребно претходно писмено одобрување?
Дали Еко-свест пропишува ревизор, ревизорски ToR или максимален ревизорски трошок?
Одговор
Почитувани,
Дел од вашите прашања се веќе одговорени во програмата за грантови а останатите прашања се релевантни за втората фаза т.е. доколку вашиот концепт биде избран за да продолжи до фаза изготвување на комплетен предлог проект кога истите ќе бидат детално образложени и одговорни. Проектите не се ослободени од ДДВ.
Со почит, Еко-свест
Почитувани,
Во врска со објавената Грантова програма 2026, во име на Про Локал Битола би сакал да поставам неколку прашања за појаснување пред поднесување на концептот:
1. Во повикот е наведено дека кофинансирањето не е задолжително, но е добредојдено. Дали кофинансирањето може да биде во вид на in-kind придонес од партнерски институции (на пр. национален парк или друга јавна установа) — преку работни часови/плати на нивен персонал ангажиран на проектот, користење на нивни службени возила, или отстапување на канцелариски/работен простор? Доколку е дозволено, дали постои методологија за пресметка и документирање на вредноста на ваквиот придонес?
2. Повикот наведува шест стратешки цели на Програмата за грантови. Дали предложениот проект треба да придонесува кон сите шест цели истовремено, или е доволно и прифатливо проектот да се фокусира само на една (или на дел) од наведените стратешки цели?
3. Во делот „Задолжителна проектна документација во Фаза I“ (точка 4) се наведува „Копија од завршниот годишен финансиски извештај за претходните 3 години“, додека во самиот формулар за пријавување постои поле за прикачување на „Завршна сметка за претходната година“. Ве молиме за појаснување: дали се работи за ист документ (завршна сметка = завршен годишен финансиски извештај), и дали за оваа фаза е потребно да се достави финансиски извештај само за претходната година или за сите три претходни години, како што стои во текстот на повикот?
Ви благодариме однапред за одговорите.
Со почит,
Почитувани,
1. Програмата не бара кофинансирање но доколку постои истото се поддржува. Правилата за кофинансирање ќе бидат детално образложени во втората фаза каде и детално ќе се бара разработен буџет што не е случај сега т.е. во фазата на идејно решение.
2. Предложениет проект може да придонесе кон една или повеќе стратешки цели, и не е неопходно да одговори на сите цели.
3. Целосната Due diligence проверка е предвидена во втората фаза т.е. за предлозите кои ќе бидат избрани да продолжат понатаму, и затоа сметавме дека е добро во оваа фаза да го олесниме процесот со доволно поднесување на завршна сметка од минатата календарска 2025 година.
Со почит, Еко-свест
Пристигнато прашање:
Ве молиме за информација дали една организација може да се јави во истовремено во две или повеќе проектни апликации (на пример како водечка организација во две различни апликации, водечка организација во една и партнер во друга апликација или партнер во две различни апликации)?
Одговор:
Во првата фаза т.е. поднесување на концепт за проект една организација може да се јави во различни улоги во различни апликации. Исто така Една организација може да поднесе повеќе од еден концепт.
Пристигнато прашање:
Би сакале да побараме појаснување во врска со условите за партнерство. Имено, нашето здружение е регистрирано пред околу две и пол години, додека организацијата со која планираме да аплицираме како водечки апликант е регистрирана повеќе од четири години.
Дали, во ваков случај, нашето здружение може да учествува како партнерска организација во проектот, иако не го исполнува условот за најмалку четири години регистрација, под услов водечката организација да ги исполнува сите критериуми од повикот?
Одговор:
Условот важи за примарната/носител организација која мора да го исполни истиот. Овој услов не е задолжителен за партнерите.
Почитувани,
Ве молиме за информација дали се прифатливи следните трошоци:
– Набавка на фотоволтаици, батерии и целокупна документација и трошоци за нивно инсталирање и ако тоа се прави за потребите на некој управител со заштитено подрачје;
– Трошоци за храна за животни или за пошумување, а кои би се однесувале на некое заштитено подрачје/за потребите на управител со заштитено подрачје;
– Дали е потребно во првата фаза да се поднесуваат тековни состојби и други придружни документи и од партнерите или само од водечката организација.
Со почит,
Почитувани,
Во оваа фаза не е потребно да се поднесуваат никакви придружни документи освен предвидените во формата.
Набавки на опрема се дозволени но истите треба да бидат релевантни, оправдани во концептот и поврзани со остварување на целите на повикот. Истите се во рамки на одлука на комисијата.
Со почит, тимот на Еко-свест
Согласно општите правила на СИДА, било која фирма ангажирана на проектот мора да е избрана на тендер, додека на инфосесијата беше кажано дека фирми можат да ко-аплицираат како имплементатори. Дали тоа значи дека фирмата може да потпише меморандум за соработка со здружението и да и биде алоциран дел од буџетот за активностите што треба да ги реализира или таа треба да биде наведена како поврзана страна и потоа да се спроведе постапка со која ќе се ангажира како подизведувач?
Точно така „Согласно општите правила на СИДА, било која фирма ангажирана на проектот мора да е избрана на тендер“. На инфосесијата не беше кажано дека фирмите можат да аплицираат како имплементатори туку како партнери. Разликата е во тоа што грантот е наменет за ГО а не за фирми. Партнерството со фирми треба да донесе бенефит на проектот а не да биде искористено за бенефит на компанијата.
Со почит, тимот на Еко-свест
Дали и партнерската организација мора да постои 4 години ?
Го видов одговорот погоре 🙂 не мора…извинете за гужва 🙂