На почетокот на јуни 2026 година, на владината платформа ЕНЕР беше објавен предлог-текстот на новиот Закон за природа. Ние во „Еко-свест“ ја поздравуваме оваа иницијатива бидејќи нов, модерен закон за заштита на природата ни е повеќе од потребен.

Токму денес, на 11 јуни, денот на Балканскиот рис мораме да потсетиме дека нашето природно наследство и нашата природа зависат од доследното спроведување на законската рамка! По детална анализа на нацрт-законот, забележавме сериозни пропусти и затоа доставивме официјални коментари и конкретни предлози до надлежните, со цел законот навистина да ја штити природата, а не да биде само мртво слово на хартија.

Што е проблемот со предложениот закон?

Најголемиот недостаток е што законот ја одложува вистинската заштита на природата за во иднина. Еве ги клучните точки на кои реагираме:

  • Чекање на влез во ЕУ на штета на нашата природа: Предлог-законот предвидува заштитата на европската мрежа на заштитени подрачја (позната како „Натура 2000“) да започне дури откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Ова е погрешен пристап. Тоа значи дека нашите највредни природни подрачја и видови ќе останат без заштита и изложени на уништување уште со години.
  • Игнорирање на европските правила: Текстот не е целосно усогласен со европските директиви за птици и живеалишта. Недостигаат клучни алатки, како што е т.н. „соодветна проценка“ – механизам кој треба однапред да каже дали некој проект ќе и наштети на природата.

Што бара „Еко-свест“?

Законот мора да се подобри веднаш. Нашите главни барања и предлози се:

  1. Стоп за индустријата во заштитените подрачја: Бараме јасни и строги забрани за рудници, хидроцентрали, тешка индустрија и големи инфраструктурни проекти во националните паркови и сите други заштитени подрачја.
  2. Заштита веднаш, а не по десет години: Природата не може да го чека нашиот влез во ЕУ. Заштитата мора да започне сега, базирана на современи научни методи и европски стандарди.
  3. Крај за изговорите со „јавен интерес“: Бараме точно и прецизно да се дефинира што е тоа „преовладувачки јавен интерес“, за да не може овој израз да се злоупотребува за приватни бизнис интереси на штета на природата.

Нашата порака е јасна: Потребен ни е закон кој проактивно и навремено ќе го штити нашето природно богатство. „Еко-свест“ останува на линија на одбрана на природата и будно ќе го следи целиот процес на донесување на овој закон.
За природата.

За рисот.

За нас.

Целиот текст на коментарите по законот може да ги преземете на следниот линк.

Share This

Share this post with your friends!