Струмичката публика за првпат имаше можност да ја погледне монодрамата „Не денес“ од актерот Марјан Георгиевски, подготвена во соработка со Еко-свест.
Бесплатната изведба на монодрамата се одржа на 9 јуни во Младинскиот центар во Општина Струмица.
И покрај тоа што дејствието во монодрамата е тесно поврзано со Битола, и личните гледишта на актерот кој од таму потекнува, публиката во Струмица одлично ја доживеа пораката која оваа монодрама ја носи.
Документарен театар, кој користи реални снимки од депонии, рудници и конкретни видео снимки од реални настани од Македонија. Повикувајќи на реалноста наместо на фиктивна приказна. Директниот и непосреден контакт со публиката на актерот отвора прашања кои се директно упатени кон публиката.
Фокусот не е на класичниот заплет на драматургијата како во традиционалниот пристап на театар, „ Не денес “ е претстава базирана на теми, на идеји, слики, атмосфера и асоцијации, кои отвораат прашања за апатијата и проактивноста на граѓаните.
Социјално ангажиран театар – затоа што директно се занимава со општествени прашања, екологија, граѓанска одговорност и колективна апатија.
Впечатоци од публиката:
„Мултимедијална, социјално ангажирана театарска претстава која преку документарни видео материјали, се истражува врската помеѓу еколошката криза и човечката апатија.“
„Ми се допадна што претставата не држеше лекции, туку поставуваше прашања, кои ми поттикнуваат размислување за одговорноста на поединецот во општеството.“
„Пред да почне претставата мислев дека ќе гледам „ клише “ претстава која само ќе апелира за еколошкте состојбите во кои се наоѓаме. Но, по завршувањето добив „ дијагноза “ за нашиот менталитет, дека овде живее човек кој чека некој друг да ја преземе одговорноста наместо него.“
„Ова за мене беше бунт против апатијата.“
„Најмногу ми остави впечаток темата за стравот да се направи промена. Ова не е само претстава која се занимава со еколошки теми, за мене ова е многу поетска интимна и лична приказна за денешниот човек.“
„Театарот овде не беше мало исклучување од реалноста или само хумористична забава, ова беше директно соочување со реалноста. На момент за мене беше ова аларм за пробудување.“
„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.
Ми се допаѓа претставата дека не ги дели луѓето на добри и лоши, туку дека не става сите нас во позиција да преземе одговцорност за дејствувањето во околината.
Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.
Најнови коментари