Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори (објавен во Службен весник бр. 146/2026) воспоставува правна рамка за системот на производство, користење и поттикнување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија. Основната цел на законот е намалување на увозната зависност, подобрување на сигурноста во снабдувањето и исполнување на климатските цели, преку поттикнување на граѓаните и компаниите да произведуваат енергија за сопствени потреби.

Со ова, за првпат се овозможува граѓаните, локалните власти и малите претпријатија заеднички да инвестираат во производство, користење и споделување на зелена енергија, т.е. енергија добиена од обновливи нефосилни извори. Според законот, енергетската заедница може: да произведува, складира, користи и продава електрична енергија; да ја распределува произведената енергија меѓу своите членови согласно меѓусебни договори; самостојно или преку агрегатор да учествува на пазарот на енергија; да стекне статус на повластен производител и да користи мерки за поддршка. При тоа, примарната цел на заедниците мора да биде обезбедување еколошки, економски и социјални придобивки за членовите и локалната заедница, а не остварување профит.

Новиот закон ја дефинира енергетската заедница („заедница на обновливи извори на енергија“) како „правно лице основано согласно Законот за задругите, на доброволна основа и отворено учество, самостојно и независно, заеднички поседувано и контролирано од страна на основачите и/или членовите, со живеалиште, престојувалиште или седиште, во географско подрачје во близина на енергетскиот објект за производство на енергија кој е во сопственост или изграден од правното лице.“

Концептот овозможува широко локално учество и членство во енергетските заедници каде членови можат да бидат: физички лица (граѓани), единици на локалната самоуправа, микро, мали и средни претпријатија и јавни установи. Исто така, постои можност за различни комбинации на здружување: општина и група граѓани, станбени заедници (згради), граѓани и мали локални компании, или целосно приватни иницијативи без учество на локалната самоуправа.

Општините можат да бидат клучни двигатели преку заеднички инвестиции во фотоволтаични системи на јавни објекти, училишта или соларни системи за централно греење и ладење.

Иако законот ја поставува правната основа и ги дефинира правата на заедниците, тој не содржи детална процедура (чекор-по-чекор) за нивно основање. Во самиот закон сè уште не се прецизирани тмоделите за распределба и методологијата за пресметка на уделите меѓу членовите, ниту пак административната постапка за регистрација и приклучување. Овие прашања треба да се доуредат со подзаконски акти и прописи на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем.

„Ја поддржавме месната заедница во Белица со инсталација на фотоволтаични панели на едукативниот центар за развој во Белица. Нашите неодамнешни истражувања на перцепциите и ставовите на населението во општините Новаци и Вевчани за енергетските задруги се позитивни, при што главни мотиватори се еколошките и економските придобивки. Како клучни фактори при одлуката за основање или пристапување кон енергетска задруга се висината на почетната инвестиција и трошоците, поддршката од државата и општината и очекуваната финансиска корист. Главни пречки за граѓанско учество се финансиските ограничувања, недовербата, недостигот на информации и недоволната институционална поддршка од општините“ – изјави Жарко Конески, Програмски координатор за енергија од Еко-свест.

Во својата работа, Еко-свест се залага за енергетски сектор кој е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, со минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје. Во овој систем граѓаните имаат можност слободно да учествуваат во производството на енергија од обновливи извори и слободно да се здружуваат за производство на енергија.

За повеќе информации:

Еко-свест

Жарко Конески

Програмски координатор за енергија

[email protected]

www.ekosvest.com.mk

Share This

Share this post with your friends!