И покрај наодите на Државниот завод за ревизија од 2021 година[1], кои јасно укажуваат на бројните штети од изградбата на малите хидроцентрали и недосладности во постапките за издавање на нивните дозволи, државните институции продолжуваат со охрабрување за изградба на овие проекти во заштитените подрачја во Македонија.

Во јануари 2026-та година, Владата на РСМ донесе одлука да се продолжи рокот за изградба на малите хидоцентрали за кои е издадена концесија во изминатите години.[2]

Иако според одредбите од законот за градење и законот за концесии и јавно приватно партнерство се предвидени рокови во кои мора да се заврши процесот на градба, Владата со ваквите одлуки овозможува работење на правните субјекти надвор од пропишаните законски прописи. Еко-свест достави барање до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање да не ги продолжува концесиите за МХЕ Баров Дол на реката Дошница и МХЕ Рибничка во Националниот парк Маврово, како проекти со потенцијално големо негативно влијание врз постоечки и идни заштитени подрачја.

Голем број од издадените концесии т.е. документацијата која е приложена во постапката за добивање на дозвола за градба не ги исполнува условите за заштита на животна средина, иако ваквите документи се одобрени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Попрецизно, ова се однесува на елаборатите за заштита на животната средина кои не ги задоволуваат ниту минималните стандарди за заштита на животната средина со оглед дека правната рамка со која се регулира подготовката на елаборатите за заштита на животната средина е застарена и не ја исполнува целта на законот за заштита на животната средина.

Во извршената ревизија на ДЗР од 2021 година за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, е даден целосен преглед и постапка за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања на постапката за издавање на концесии. Сè уште се евидентни  сериозни прекршувања од постапката на издавање концесии до подготовката на стратешките документи, се до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали. Во овој процес, покрај несоодветноста на елаборатите за заштита на животната средина, на директен удар се и правото на учество на граѓаните за прашања од животната средина, загарантирани со Архуската конвенција[3] која исто така е ратификувана од страна на Република Македонија.

Понатаму, стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, а од суштинска важност за овие процеси е донесување на Законот за климатска акција кој сè уште не е донесен.

Во извештајот на ДЗР евидентирано е дека комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед на објектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска.

Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до основните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекциските служби.

Со извршената ревизија, утврдено е дека, честите измени, комплексноста, како и промената на надлежностите со законската регулатива, неисполнувањето на стратегиските цели за изградба на големи ХЕ, планирањето без направена оцена на влијанието врз животната средина и долгата и сложена постапка, која се одвива во повеќе институции за обезбедување на потребната документација, како и недоволните капацитети, координација, контрола и надзор на инволвираните институции во следењето на концесиската дејност и наплатата на надоместоците, придонеле за пролонгирање на почетокот со работа и ставање во нееднаква положба на концесионерите, како и несоодветна заштита на животната средина.

Дополнително, постапките за изградба на МХЕЦ сè уште негативно влијаат на шумите и шумскиот фонд поради фактот дека при изградба на нови објекти е потребна сеча на здрава шума. Ваквата постапка директно влијае на еко-системите, а јавните установи во ваквите случаи постапуваат неконзистентно преку ненавремено и несоодветно означување на шумите, донесувајќи еднострани и необразложени одлуки и сл.

И покрај континуираната заложба на Еко-свест во однос на разрешување на несоодвеноста на постапката за изградба на МХЕЦ и занемарувањето на законски пропишаните обврски, кое е дополнително потврдено во Извештајот на ДЗР од 2021 година, институциите продолжуваат да го овозможуваат сериозното нарушување на еко-системите во природата кои доведуваат до катастрофални последици за локалното население и биодиверзитетот преку нарушување на системите за снабдување на вода за пиење, нарушување на живеалиштата и миграциите на дивиот свет со шти директно ја загрозуваат животната средина.


[1] Конечен извештај за извршена ревизија на усогласеност на тема ,,Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“ – Државен завод за ревизија, 2021 година

[2] https://vlada.mk/mk-MK/otvorena-vlada/zapisnici-i-dnevni-redovi-od-sednicite-na-vladata/143-ta-sednica-na-vladata

[3]Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина(“Службен весник на РМ” бр. 40/99)

Share This

Share this post with your friends!