Стартува Коалиција за клима за поамбициозни климатски политики

Стартува Коалиција за клима за поамбициозни климатски политики

Се формира коалиција за клима од граѓански организации кои работат на едукација и информирање за овие теми со цел зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуки и мониторирање на спроведувањето на истите.

Климатските промени се вистински предизвик за сите влади и носители на одлуки, но притисок од јавноста е многу потребен со цел носење на поамбициозни климатски политики како и обезбедување на финансии за спроведување на истите. Потребни ни се силно информирани граѓани и поврзани граѓански организации кои ќе можат да делуваат брзо и заеднички.

„Започнуваме една убава приказна наречена граѓанска Коалиција за клима која се надеваме дека ќе расте и ќе ги опфати сите сектори во земјата, бидејќи климатските промени се интерсекторско прашање кое навлегува во сите сфери на општеството. Ваквата коалиција ни е повеќе од потребна сега кога опоравувањето од КОВИД-19 кризата треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета. Заштита на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет и токму затоа одбравме на Светскиот ден за борба со опустинувањето и сушата да информираме за коалиција“- рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест

Коалицијата за клима започнува со 11 членови- граѓански организации кои заедно работеа на стратешките документи на оваа коалиција и кои имаат значајно искуство во работење на теми поврзани со климатските промени.

Мисијата на Коалицијата е локална синхронизирана акција и силно општествено влијание и трансформација преку градење климатска култура. Целта се остварува преку грижа и почит кон локалните природни вредности, солидарност кон други иницијативи (локални и глобални), климатска акција и одговорност кон планетата. Визијата на Коалицијата е обезбедување на квалитетен животен стандард на луѓето во благосостојба со животната средина, систем базиран на стандарди и безбеден за климата (Нискојаглеродна трансформација) и подигнување на климатската култура што ќе ја издигне Македонија како пример за регионот“ образложи Кристина Бужароска од фондацијата ЦНВП, долгогодишен партнер на Еко-свест и еден од основачите на новата Коалиција.

„Потребно беше да го зголемиме знаењето за климатските промени пред сè на граѓанскиот сектор засегнат од овие теми на локално ниво за да создадеме заедничка платформа која ќе може да биде рамноправен партнер во носењето одлуки за клима и дефинирање на приоритетни области на национално и локално ниво. Од голема важност е граѓаните да учествуваат во одлуките за инвестиции во насока на праведната транзиција која ќе осигура дека никој нема да остане без работно место и дека целиот систем и општество ќе прераснат во еколошки. Локалните членки се оние кои ќе обезбедат учество на локалното население во овие процеси.“ – вели Елена Николовска од Еко-свест.

Климатската криза, но и пандемијата нè научија дека е потребно вклучување на сите чинители од општеството во донесувањето одлуки, бидејќи сите треба заедно да работат за да ги искоренат штетните навики и да изградат нов систем кој ќе биде солидарен и еднаков за сите. Токму затоа оваа Коалиција за клима е отворена за сите кои сметаат дека можат да придонесат на патот кон оваа еколошка транформација на нашето општество.

Правилници и акти на коалицијата за клима

  1. Акт за основање на коалицијата
  2. Органограм на коалицијата за клима
  3. Правилник за организација, функционирање и работа на Коалицијата за клима
  4. Правилник за работата и одлучување
  5. Правилник за комуникација и координација
  6. Одлука за избор на секретаријат
  7. Декларација за членство
  8. Урнек за номинација
  9. Правилникот за висината на чланарината, начинот на собирање и трошење на средствата собрани од чланарината
  10. Пристапница за коалицијата за клима

Отворен повик за изработка и спроведување на медиумска кампања

Отворен повик за изработка и спроведување на медиумска кампања

Во рамки на проектот ,,Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европската Унија, објавуваме повик за изработка и спроведување на медиумска кампања за одржливи навики во насока на подигнување на свесноста на граѓаните за климатските промени.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на оваа активност е информирање и едукација на граѓаните во земјава за можностите и улогата која секојдневните навики ја имаат врз климатските промени. Кампањата треба да придонесе кон зголемување на свесноста на македонските граѓани за важноста на справувањето со климатските промени во сите сектори и на сите нивоа на донесување на одлуки како значаен чекор во спроведувањето на успешен процес на пристапување кон ЕУ и да се опфатат со активностите групите на граѓани кои во дадената заедница се најзасегнати од климатските промени или најмногу придонесуваат кон нив.

ЗАДАЧИ
Избраната компанија треба да:
• Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено за комуникација од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ
• Да изработи дигитален маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата во согласност со насоките од нарачателот
• Да го презентира дигиталниот маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата пред нарачателот и да го модифицира во согласност со дадените насоки од нарачателот
• Да спроведе медиумска кампања за одржливи навики во времетраење од три месеци
• Да ангажира/вклучи најмалку три јавни личности од земјата во медиумската кампања за одржливи навики, изборот на јавните личности треба да биде во соработка со нарачателот
• Да изработи извештај за постигнатите резултати и да го достави на нарачателот

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
При аплицирањето, заинтересираните компании треба да достават:

  1. Краток опис на компанијата
  2. Портфолио со сработени кампањи за дигитални медиуми со посебен осврт на теми од животна средина, одржливи навики и сл.
  3. Биографија од најмалку едно лице со искуство во изработка и спроведување на кампањи, односи со јавност, маркетинг и работа на социјални медиуми, кое би било ангжирано на активноста
  4. Предлог концепт за медиумска кампања
  5. Тековна состојба не постара од 6 месеци
  6. Финансиска понуда по ставки.
    Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 10 јуни 2020 г. 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка и спроведување на медиумска кампања.
Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.

Целосниот повик може да го најдете на следниот линк.
Повеќе информации можете да добиете на тел. 070 205 431

Возможна ли е пост ковид обнова без вода и храна?

Возможна ли е пост ковид обнова без вода и храна?

Додека ЕУ го започнува одбележувањето на неделата на биодиверзитетот, нас ни се случува уништување на природните ресурси во земјава. И покрај насоките и силните заложби од ЕУ за пост-ковид опоравувањето кое мора да се фокусира на зелен раст и развој и одржливо искористување на ресурсите со цел нивно зачувување и климатска акција, нашата реалност е сосема поинаква.

Питката вода е наш богат ресурс, многу чувствителен на последиците од климатските промени. Токму затоа во моментов секоја река и поточе станува скапоцен ресурс кој мора да се чува. И покрај лошите проценки за питката вода во последните сценарија за климатски ризици на Меѓувладинот панел за климатски промени, деновиве сведочиме на последиците од изградбата на мали хидроелектрани во земјата кои предизвикуваат целосно пресушување на реките и замирање на биодиверзитетот и животот околку нив.

Реката Бошавица извира кај планината Кожуф и се влева во реката Вардар кај Демиркаписката клисура, има многу притоки со кои заедно ги снабдуваат околните села со вода за пиење и наводнување. До Еко-свест пристигна информација од група граѓани дека изградената мала хидроелектрана на оваа река пресушува голем дел од речното корито и влијае на пристапот до вода на локалното население.

Стратешката оценка за Стратегијата за води на Р. Македонија изработена во 2011 година предупредува за ризиците од изградба на мали хидроелектрани во овој регион.
„Бројни регулации се изградени во спротивност со добрата практика (т.е. последната регулација на притоките на Вардар- Дошница и Бошавица во близината на Демир Капија) и предизвикуваат значителни негативни влијанија врз животната средина, како губење на врската помеѓу површинските и подземните води што се должи на губење на живеалиштата во каналот и значајни промени на ерозија и таложење на талог во околните канали како резултат на зацврстувањето на каналите, губење на заливните мочуришта и поврзаните биодиверзитети од изградбата на насипи, зголемување на влезови на фини седименти поради протоците или губење на вегетацијата на бреговите и слично.“
Но, и покрај ова, во 2014 година токму на овие две реки биле одобрени две мали хидроелектрани како јавно-приватно партнерство.

Како земја располагаме и со плодна почва, од која зависиме за безбедно снабување на населението со храна, лекција на која нè научи пандемијата. И покрај тоа, токму за време на вонредна состојба се носат судски одлуки во прилог на компанија која планира да изгради рудник над најплодната почва во нашата земја- Струмичко поле. Во комбинација со претхотните одлуки за кратење на средствата наменети за заштита на животната средина и природата, наликува дека нашата Влада не ја разбира суштината на пост-ковид обновата и „новата нормалност“ за која зборува во своите соопштенија.

Затоа, бараме од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени. Зелен економски развој нуди многу можности за економски активности кои ќе ги зачуваат природните ресурси во иднината.

Во пракса ова значи да се засили контролата и заштитат граѓаните од несовесното работење на индустријата, воедно, да се засилат мерките за економско опоравување условени од примена на мерки на одржливост, енергетска ефикасност, дигитализација и циркуларна економија. Само на овој начин можеме да ги постигнеме зацртаните цели- обнова на економијата и на животната средина.

Отворен повик за изработка на видео содржина

Отворен повик за изработка на видео содржина

Во рамки на проектот ,,Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европската Унија и активностите кои Еко-свест ги спроведува за потребите на проект финансиран од CAN Europe, објавуваме повик за изработка на видео содржина поврзана со климатски промени.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на оваа активност е подигнување на свеста за можностите и улогата која ја има праведната транзиција на Кичевскиот регион, како еден од двата региони со јаглен во земјата, во намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување на климатските промени.

ЗАДАЧИ
Избраната компанија треба да:
• Да соработува и да ги следи насоките за изработка на видеото од лицето назначено за комуникација од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ
• Да изработи две видеа, едно на македонски и едно преработено на албански јазик кои ги опишуваат можностите за праведна транизиција на Кичевскиот регион како исклучително важно за ублажување на климатските промени
• Да ги презентира видеата пред нарачателот и да ги модифицира во согласност со дадените насоки од нарачателот
• Да ги предаде видеата на македонски и албански јазик во соодветен формат и во договорениот рок.

ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ
Времето на изработка на видео содржината е еден месец по потпишување на договорот.
Вредноста на договорот не може да надмине 2200 евра во денарска противредност.
Проектот е ослободен од ДДВ.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
При аплицирањето, заинтересираните компании треба да достават:

  1. Краток опис на компанијата
  2. Финансиска понуда (Анекс 1).
    Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ
Копанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:

  1. Активна компанија која е формирана согласно Законите во Северна Македонија, и постои најмалку 3 години.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Претходно искуство
  • Понудена цена по ставка
    Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во соодност квалитет на понуда и цена. Содржината на овој документ е одговорност единствено на Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ и под никакви услови не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската унија.

ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда
, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 8 мај 2020 г. 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка на видео содржина.
Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.
Повеќе информации можете да добиете на тел. 070 205 431

Зелено Ветување за Денот на Планетата Земја

Зелено Ветување за Денот на Планетата Земја

Пандемијата која во изминатите два месеци го зафати целиот свет на сите луѓе им ги отвори очите за сериозноста на нашиот однос спрема Планетата, природата, средината и нашето здравје. Моменталниот прекин на животот каков што го знаеме ни остави можност да размислиме и да се потсетиме дека здравјето е сепак, најважно. Научивме дека претераното и недомаќинско трошење на природните ресурси предизвикува промени во климата и појава на нови болести досега непознати за човекот. Одговорноста на секого е огромна, но сега пред нас се појавува можноста да изградиме нов систем базиран на здрави и одржливи економски активности и вредности.

Овој 22 април сакаме да Ве поканиме заедно да го прославиме Денот на Планетата Земја со #ЗеленоВетување кон самите себе. Што сакаме да подобриме дома, на работа или во секојдневните навики како би ја овозможиле промената кон изградба на систем во кој главни приоритети ќе бидат здравјето на луѓето и животната средина, праведноста, солидарноста и отпорноста на заедниците?

„Во своите напори за ублажување на климатските промени Еко-свест ќе работи активно на создавање одржлива канцеларија која го селектира целиот отпад, не користи пластика, штеди енергија и вода, користи само локални производи и ќе работиме на едукација на други канцелариски простори.“

Електричната енергија кај нас сеуште доаѓа од јагленот кој е валкан извор со многу последици по климата, здравјето и животната средина. Токму затоа е исклучително важно да го направиме домот енергетски ефикасен, меѓутоа и да спречиме непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи. Оние кои можат да си дозволат да постават фотоволтаици, време е тоа да го направат сега.

Отпадот е еден од најголемите проблеми во нашата земја, а може да биде можност доколку секој од нас направи напори да го намали и селектира домашниот или канцелариски отпад. Ако се уште не постои систем за селектирање, време е сами да го создадеме- едно по едно маало, еден по еден град. Има доволен број приватни компании кои сега би требало со своите економски активности да и дадат подршка на заедницата каде ја остваруваат својата дејност.

Водата отсекогаш сме ја имале во изобилие, но никогаш не сме научиле да ја штедиме и чуваме. Време е да почнеме да ги штедиме водните ресурси, бидејќи се скапоцени. Како заедници имаме моќ да се самоорганизираме и да ги заштитиме реките кои се извор на живот за природата и за нас.

Храната, односно планирањето на домашното производство на храна ќе мора одново да го научиме бидејќи оваа ситуација ни покажа колку сме зависни од плодната почва која сме ја пренамениле за индустрија и згради. Секое парче земја станува важно, дури и просторот во дворот. Време е локалниот производител на храна да ни стане најдобар пријател. И самите можеме да направиме урбани градини кои ќе бидат центар на локалната заедница, ќе нѐ учат на заедништво, на солидарност и сплотеност.

Ве повикуваме и да посадите по некое дрво. Секој напор вреди! Секоја промена значи! #ЗеленоВетување