Светско јуниорско првенство во мушичарење одржано на реката Буна во Босна и Херцеговина

Светско јуниорско првенство во мушичарење одржано на реката Буна во Босна и Херцеговина

Дали знаевте дека најраните докази за рекреативен риболов датираат од Стариот Египет? Во нашите краишта, првото спомнување на мушичaрењето доаѓа од нашата земја Македонија пред 1.800 години!

Мушичарењето е повеќе од спорт – ни овозможува да се поврземе со природата. Часовите поминати на реките влијаат на нашето разбирање и восхит за кревките екосистеми кои поддржуваат живот на планетата. Се развива љубовта кон реките, а се наметнува и потребата за нивна заштита.

Мостар беше домаќин на овогодинешното Светско јуниорско првенство во мушичарење. Младите риболовци од целиот свет ги тестираа своите вештини и трпение на реката Буна во Босна и Херцеговина. И нашата иницијатива „Заедно за реките” е дел од овој настан со цел да се нагласи важноста од зачувување на реките на Балканот и да се поттикнат младите ентузијасти да ги заштитат реките.

Годинава медалите им припаднаа на САД(злато), Франција(сребро), Словачка(бронза), но исто така натпреварувачите од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска не убедија дека овој спорт има голема иднина во регионот и ни докажаа љубовта кон реките започнува од мали нозе.

Им честитаме на сите победници, како и на сите други натпреварувачи и организатори кои го овозможија овој натпревар. Ни беше драго што бевме дел од овој настан и што имавме можност да се дружиме со млади луѓе кои уживаат да бидат покрај реките.

Заедничко работење на заштитените подрачја е единствениот начин за да се зачуваат уникатните природни вредности и ендемични видови во Југозападниот регион

Заедничко работење на заштитените подрачја е единствениот начин за да се зачуваат уникатните природни вредности и ендемични видови во Југозападниот регион

Со интерактивна дискусија за важноста да се заштити природата преку заштитените подрачја во Југозападниот регион и проекција на кратки филмови, Еко-свест учествуваше на седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“ кој се одржа во Струга.

Настанот беше насочен кон поттикнување на посетителите на филмскиот фестивал тие да бидат активни граѓани и да помогнат да се зачува уникатната природа и ендемични видови во Југозападниот регион. Заедно со научни претставници од заштитените подрачја беа дискутирани приоритетите во работењето на заштитените подрачја и предизвиците кои ги отежнуваат мерките за заштита на природните вредности.

Дискусијата на тема „Зошто е значајно да се заштити природата во Југозападниот регион?“ ја водеше Дарко Ќитаноски- проектен координатор во подружницата на Еко-свест во Вевчани, заедно со д-р Орхидеја Тасевска- Директор на Јавната установа Хидробиолошкиот завод- Охрид и Ангела Тасеска- Соработник за еколошка едукација во Јавната установа Национален Парк Галичица.

По завршувањето на дискусијата, беа прикажани три кратки филмови- „Крапска река“, „Заробени реки“ и „Да го зачуваме нашето највредно“ преку кои беа претставени позитивните и негативни практики за зачувување на природните вредности на нашата земја.

Еко-свест ja реализираше оваа активност како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“ кој е финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).

Преку дискусијата за целите на заштита и управување со природните вредности, на присутните им беше претставена работата на заштитените подрачја која се остварува преку соработка со засегнати страни, спроведување на научни истражувања, мониторинг на клучни видови и живеалишта, едукативни активности и контрола врз активностите кои би можеле негативно да влијаат врз природните богатства.

Говорниците дискутираа за еколошката улога на блатните екосистеми и појасите од трска како чувствителни живеалишта и засолништа за многу видови риби и птици. Тие потенцираа дека поради континураната урбанизација на крајбрежјето на Охридското езеро и уништувањето на овие чувствителни живеалишта, постои опасност да се наруши природниот баланс на езерските екосистеми и да се загрозат ендемичните видови кои се уникатни во светски рамки. Посебен фокус беше даден на заштитата на Студенчишкото блато поради неговата поврзаност со квалитетот и бистрината на водите во Охридското езеро.

д-р Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот завод- Охрид, сподели научни факти и докази за Охридското езеро кое во континуитет постои околу 1,9 милиони години и претставува дом на 1200 видови од кои повеќе од 200 се ендемски видови растенија и животни што живеат само во ова езеро. Таа ги информираше присутните дека според неговата површина, Охридското езеро се карактеризира со една од највисоките стапки на биолошка разновидност во светот.

Беше истакнато дека заштитата на Охридското езеро како заштитено подрачје во категоријата Споменик на Природата претставува единствен начин за да се спречат сите негативните ефекти кои произлегуваат од туризмот, загадувањето од урбаните отпадни води, еутрофикацијата, неодржливиот риболов, урбанизација на крајбрежјето на езерото, неконтролирано издавање на дозволи за пловни објекти, климатските промени, индустриските активности, внесување на алохтони видови. Поради недостаток на активно тело за управување со мерки за заштитата на природните вредности на Охридското езеро, влијанието од овие закани врз живеалиштата, видовите и квалитетот на водите може да биде неповратно.

Се говореше за потребата од едукација и информирање на посетителите, туристите и туристичкиот сектор за избегнување на активности кои имаат штетно влијание врз природните вредности во регионот. Наместо масовен туризам, се истакна потребата од развој на одржлив туризам кој нема да му наштети на Охридското езеро како туристичка дестинација, а истовремено ќе придонесе кон зачувувањето на природното  и културното богатство и зголемување на социјалниот и економскиот потенцијал на Југозападниот регион. Притоа беше истакнато дека треба да се имаат предвид законските одредби кои се однесуваат на туристичкиот развој во заштитени подрачја, меѓународните обврски на државата, како и ограничувањата кои постојат во регионот.

Со цел да се подигне јавната свест за активностите кои ја уништуваат уникатната природа во овој регион, говорниците дискутираа за потенцијалните мерки за заштита, како што е реставрација на Студенчишко блато и други природни живеалишта, расчистување на Студенчишкиот канал од пловни објекти, утврдување на критериуми за управување со крајбрежјето на езерото, заштита од уништување на живеалишта, заштита од загадување, воведување на насоки за научни истражувања, едукативни активности и развој на одржлив еколошки туризам во Југозападниот регион. Беше заклучено дека речиси сите индустриски гранки ги нарушуваат природните вредности и дека се потребни приоритетни мерки за нивно зачувување во комуникација со локалното население. Се потенцираше дека за да се спречи нарушувањето на животната средина во целост и да се зачува јавното здравје во регионот неопходни се промени на навиките и начинот на живеење на населението.  

Ангела Тасеска го сподели своето искуство од работењето во НП Галичица како соработник за еколошка едукација. Таа истакна дека се постигнати успешни резултати од едукацијата на младите поради заложбата на националниот парк да ја вклучи еколошката едукација како интегрален дел во остварувањето на заштита на природните богатства. Беше истакната соработката на националниот парк со основните и средните училишта од регионот со кои се спроведуваат разни активности за еколошка едукација. Таа истакна дека националниот парк континуирано ја одржува инфраструктурата за информирање и еколошка едукација на посетителите, како што се едукативната патека, информативните табли за флората и фауната во заштитеното подрачје и зелената училница во која се одржува настава во природа. На овој начин, националниот парк им овозможува на сите посетители да се запознаат со еколошките процеси во природата, да ја зголемат својата еколошката свест, а преку непосредниот контакт со природата да поттикнат одговорно користење на природните богатства.

Со цел да се зголеми знаењето и свеста за животната средина, за биодиверзитетот и другите природни карактеристики околу нас, таа потенцираше дека е неопходна сеопфатна реформа на образовниот систем во соработка со заштитените подрачја. Таа додаде дека е потребна упорност и посветност, но дека еколошката едукација може да биде поддршка за заштита на природата и да помогне во надминување на еколошките предизвици во животната средина. Низ дискусијата беше истакнато дека НП Галичица е единственото заштитено подрачје кое поради недостатокот на државно финансирање и зависност од меѓународни донатори има воспоставено модел на самофинансирање кој се остварува преку приходи од посетителите и не вклучува искористување на природните вредности на паркот.

Дарко Ќитаноски сподели позитивни примери од соработката на Еко-свест и Општина Вевчани која се состои од активности за одржливо управување со СП Вевчански извори. Тој истакна дека со цел одржлив развој на регионот, неопходно е локалното население да биде вклучено во сите процеси бидејќи тие имаат најголеми придобивки од одржливо користење на природните богатства и можат да бидат најголеми поддржувачи на заштитените подрачја.  

Дискусијата ги информираше присутните за важноста да се заштитат уникатните природни вредности во Охридското езеро, НП Галичица, СП Вевчански извори при што беше потенцирана потребата за нивно зачувување преку соработка на различните категории на заштитени подрачја во Југозападниот регион. Преку дискусијата беше истакнато дека постојните заштитени подрачја во овој регион, како и оние што треба да се прогласат во блиска иднина, имаат различни биолошки и геолошки вредности кои се поврзани во единствена природна целина. Неопходно е да се поддржи нивно заедничко работење во насока на поефикасна заштита на богатата биолошка разновидност и обезбедување на одржлив развој на Југозападниот регион. 

Во Карловац претставена иницијативата ,,Заедно за реките”

Во Карловац претставена иницијативата ,,Заедно за реките”

Во Карловац ја претставивме нашата иницијатива! Иницијативата Заедно за реките ги соедини партнерите од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Србија кои заеднички работат на зачувувањето на 13 реки во регионот.

Низ соработка со локалните заедници, граѓанските организации и владите, сакаме да воспоставиме нови заштитени подрачја и да го спречиме губењето на биолошката разновидност.

Во рамки на иницијативата работиме на заштита на долното течение на реката Вардар и репрогласување на Демиркаписката клисура како заштитено подрачје.

Во нашите раце е клучот за зачувување на слатководните богатства кои не опкружуваат.

Еко-свест додели награда за „најекосвесен“ филм на овогодинешното издание на Flipbook Film Festival

Еко-свест додели награда за „најекосвесен“ филм на овогодинешното издание на Flipbook Film Festival

Еко-свест преку програмата на Save the Blue Heart of Europe е еден од покровителите на овогодинешниот фестивал Flipbook film festival, и оваа година доделува награда за филм со еколошка порака.

Филмот „Песната на китот“ на Аделин Феј (WHALE’S SONG, directed by ADELINE FAYE) ја доби наградата за „најекосвесен“ филм на овогодинешното издание на фестивалот за европски анимиран филм Flipbook Film festival кој се одржа од 10 до 13 август.

Филмот ги прикажува состојбите на современото живеење несвесно за влијанието на човекот врз природата и буди надеж во подобра иднина доколку човекот се предаде на својата вродена емпатија кон останатиот жив свет во природата.

Овде можете да го погледнете трејлерот за наградениот филм:

Еко-свест одржа работилници за природа на 13та Смотра на Сојузот на извидници на Македонија

Еко-свест одржа работилници за природа на 13та Смотра на Сојузот на извидници на Македонија

Тимот на Еко-свест оваа година учествуваше на 13тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија која во периодот од 13 до 17 јули се одржуваше во Крушево. Заедно со нашата локална канцеларија од Вевчани одржавме серија на активности за еколошка едукација со повеќе од 1000 извидници од 16 земји од Европа.

Младите извидници учеа за живиот свет кој ги опкружува, птиците, животните, растенијата, како тие меѓусебно си влијаат и зависат како дел од природните екосистеми. Учевме дека при престој во природа треба да сме внимателни и да се однесуваме со почит кон дивите видови кои престојуваат во природата.

Заедно идентификувавме растенија, пеперутки, инсекти, јадевме шумски плодови, учевме за значењето на биодиверзитетот и како тој е значаен за храната која ја јадеме, водата која ја пиеме и воздухот кој го дишеме. Научивме и дека секој од нас има можност и одговорност да придонесе во зачувување на таа биолошка разновидност.

Разговаравме за улогата на заштитените подрачја во нашата земја и објаснивме како ние помагаме во мониторингот на дивиот свет во Споменикот на природата Вевчански Извори и колку е тој значаен за заштитата на природните вредности. Заедно со Националниот парк Галичица, на младите извидници им укажавме на важноста од еколошка едукација, но и потребата редовно да се спроведуваат научни истражувања на природните вредности за да може да најдеме решенија и да ја спречиме загубата на биолошката разновидност.

Младите извидници научија дека улогата на пчелите не е да произведуваат мед и дека на светот постојат повеќе од 20 000 видови на пчели благодарение на кои имаме разновидна храна.  Преку изградба на хотели за инсекти, извидниците учеа како да изградат нови живеалишта за пчелите и другите инсекти кои се под закана поради штетни човечки активности, но и се чувствителни на екстремните временски услови кои се предизвикани од климатските промени.  Ни беше чест што се дружевме и со младите од Центарот за младински активизам КРИК и заедно изградивме хотели за инсекти кои ги поклонивме на крушевската корија.

Се надеваме дека нашите работилници беа мотив и поттик кај младите извидници уште повеќе да се разбуди свеста за заштитата на природата и животната средина.