Европската комисија во март 2020-тата година го донесе новиот Акционен план за циркуларна економија којшто претставува темел на Европскиот зелен план. Новиот Акционен план има за цел европската економија да ја прилагоди кон зелената иднина, притоа унапредувајќи ја нејзината конкурентност, а истовремено и да ја зачува животната средина и да обезбеди нови права на потрошувачите. Всушност, Комисијата ќе предложи ревизија на законот за потрошувачи на ЕУ со што би се обезбедило потрошувачите да добијат веродостојни и релевантни информации за производите на продажните места, вклучувајќи го и нивниот животен век, како и достапност на услугите за поправка, резервни делови и прирачници за поправка.

Акциониот план се однесува на областите во коишто може најефикасно да се достигне вистинска додадена вредност, односно оние каде што потенцијалот за циркуларност е висока, како што е случајот со градежниот сектор поради големата потрошувачка на енергија, употребата на природните ресурси, количината на отпадот којшто притоа се создава и емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Покрај тоа, фокус на интерес е и ИТ секторот, електрониката, пакувањата, пластиката, текстилот и мебелот, но исто така и суровините, челикот, цементот и хемикалиите.

Акциониот план особено влијание посветува на отпадот чија што количина и покрај сите напори на ниво на ЕУ, како и на национален план, не се намалува. Годишното создавање на отпад од севкупните активности на ЕУ изнесува 2,5 милијарди тони, односно 5 тони по глава на жител, а секој граѓанин во просек произведува речиси пола тон комунален отпад. За да се оддели генерираниот отпад од економскиот раст ќе бидат потребни значителни напори во целокупниот ланец на вредности и во секој дом. Законите на ЕУ од 1970-тите години поврзани со отпадот доведоа до значајни подобрувања во управување со отпадот. Меѓутоа, потребно е постојано да се модернизираат со цел да се вклопат во циркуларната економија и новото дигитално време. Акциониот план предлага ревизија на ЕУ законодавството во врска со батериите, амбалажата, отпадните возила, како и опасните супстанци во електронската опрема, со цел да се спречи создавањето на отпад, да се зголеми количината на рециклиран материјал, да се промовира сигурен и чист проток на отпадот, обезбедувајќи висококвалитетно рециклирање. Сето ова од наведеното е со цел до 2030-тата година да се намали вкупното создавање на отпад и да се преполови количината на преостанатиот (не-рециклиран) комунален отпад.

Како што овој Акционен план наложува, за да се поддржи глобалната транзиција кон циркуларна економија, Комисијата ќе:

• се надоврзе на европската стратегија за пластика, ќе прави напори на меѓународно ниво за постигнување на глобален договор за пластика и ќе промовира прифаќање пристапи на циркуларна економија во ЕУ во врска со пластиката;

• ја истражува изводливоста на дефинирање „сигурен оперативен простор“ за употреба на природни ресурси и ќе го разгледува движењето на меѓународниот договор за управување со природните ресурси;

• продолжи да ја промовира циркуларната економија во процесот на пристапување кон западен Балкан, во контекст на билатералниот, регионалниот и мултилатерален дијалог во политиката, форумите и договорите за животна средина, како и вклучување на Меѓународната платформа за одржливи финансии што се однесува на пред-пристапната помош и соседските, развојни и меѓународни програми за соработка;

• ги зголеми теренските активности, вклучувајќи ја европската дипломатија за зелен план и мисијата за циркуларна економија, и ќе соработува со државите членки на ЕУ за унапредување на координацијата и заедничките напори за глобална циркуларна економија и др.

Како што наведува Акциониот план и понатаму, преоѓањето на циркуларната економија ќе биде системскo, длабоко и трансформирачко во ЕУ и пошироко. Планот понекогаш ќе биде и деструктивен, па затоа пред сé мора да биде чесен, односно еднакво обврзувачки за сите. Ќе биде потребно усогласување и соработка на сите засегнати страни на сите нивоа – ЕУ, национално, регионално, локално и меѓународно. Со тоа Комисијата ги повикува институциите и телата на ЕУ да го прифатат овој Акционен план и активно да допринесат за неговата примена, и ги охрабрува државите членки да ги усвојат или ажурираат своите национални стратегии, планови и мерки за циркуларна економија.

За повеќе информации посетете го линкот:

https://ec.europa.eu/environment/circular-economy/pdf/new_circular_economy_action_plan.pdf

Share This

Share this post with your friends!