Западниот Балкан е област многу богата со растителни и животински видови, вклучувајќи ги и бројните ендемски видови. Таквото богатство обврзува во овој регион да бидат насочени дополнителни напори кон заштита на биодиверзитетот и екосистемите, каде што од помош можат да бидат и препораките на Зелената агенда за усогласување со законодавството на Европската унија. Земјите од Западен Балкан располагаат со многу сеопфатни и значајни решенија и политики поврзани со оваа област. Меѓутоа, постојат очигледни проблеми кога станува збор за нивната примена. Овие проблеми во голема мера може да се идентификуваат преку недостатокот на поврзување на политиките за заштита на природата со политиките поврзани со економските, деловните и други активности. Една од препораките во оваа област е соработката со земјите членки на ЕУ во областа на развивање ефикасно управување со шумарскиот сектор, како и спречување нелегален извоз на суровини од дрво во земјите на ЕУ.
Со своите стратегии земјите од регионот треба да се приближат кон Новата шумарска стратегија на ЕУ1, којашто треба да послужи како збир на насоки за пошумување во земјите, но и да ја стимулира биоекономијата. Така, Зелената агенда го поттикнува усвојувањето и спроведувањето на мерките коишто се однесуваат на спречувањето на илегалната сеча и промовирање на создавање синџир на вредност и производство без обешумување и уништување на природните живеалишта. За остварување на овие цели, освен стратешкото планирање, особено е важна и регионалната соработка, па затоа треба да се посвети поголемо внимание на механизмите како што се работните групи за биодиверзитет во Југоисточна Европа и на тој начин заеднички да работат на зајакнување на регионалната позиција во глобалната агенда за биодиверзитет во согласност со стратешките цели на ЕУ. Размената на знаења е исто така многу важна, па затоа треба да се унапреди соработката помеѓу истражувачките центри на Западниот Балкан и Европската унија, како и да се разгледа создавањето на единствен информативен центар за биодиверзитет на Западен Балкан.

Поддржано од „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.
1 New EU forest strategy for 2030, https://www.eea.europa.eu/policy-documents/the-eu-forest-strategy-com
Најнови коментари