1. Фокус и цели на студијата
Оваа студија го оценува влијанието на две клучни енергетски инвестиции во Северна Македонија: новиот гасовод Грција-Северна Македонија (ГР-МК) и планираните електрани со комбиниран циклус на гасна турбина во Битола и Неготино.
- Гасовод ГР-МК: Има цел да обезбеди алтернатива за снабдување, диверзифицирајќи го единствениот постоечки интерконектор со Бугарија и овозможувајќи пристап до глобалниот пазар на течен природен гас (LNG) и азербејџанскиот гас (ТАП гасоводот).
- Гасни електрани: Потребата од енергенс би ја зголемило моменталната побарувачка на гас во земјата (3 TWh/год во 2024 година) на проценети 13 TWh/год доколку се изградат сите сите планирани постројки.
2. Резиме на методологијата
Анализата користеше комбиниран пристап на моделирање на пазарот:
| Модел | Фокус | Сценарија/сензитивности |
| Европски модел за пазарот на гас (EGMM) | Влијанија врз цената и протокот на гас | Моделирани сценарија со/без новиот гасовод и гасни електрани, и променливи глобални цени на гас и побарувачка на ЕУ. |
| Европски модел за пазарот на електрична енергија (EPMM) | Искористеност, профитабилност и емисии на CO2 од гасните електрани | Тестирана искористеност под повисоки/пониски прогнози за цените на гасот, и две сценарија за сензитивност: Зголемена регионална изградба на гасни електрани и одложено приклучување кон Европскиот систем за тргување со емисии (EU ETS). |
3. Резултати од моделирањето на пазарот на гас
| Сценарио | Влијание врз локалната цена (спрема основното сценарио) | Клучен наод за протокот |
| Само гасоводот ГР-МК е пуштен во употреба | Намалување од 1,5 ЕУР/MWh во 2030 година | Целиот проток од бугарскиот интерконектор се пренасочува кон новиот гасовод ГР-МК. |
| Гасовод + нови гасни електрани се пуштени во употреба | Намалување од 0,3 – 0,5 ЕУР/MWh во 2040 година | Гасоводот ГР-МК се користи со капацитет близу максимумот; постоечкиот гасовод БГ-МК е исто така потребен за да се задоволи значително зголемената побарувачка. |
Главни заклучоци за пазарот на гас:
- Новиот гасовод ГР–МК ја подобрува сигурноста на снабдувањето на Северна Македонија и обезбедува пристап до алтернативни извори, но поради малата побарувачка на земјата, има речиси никаков ефект врз регионалните цени на гасот.
- Дури и со зголемувањето на побарувачката од новите гасни електрани, влијанието на гасоводот врз цената е незначително (намалување од 0,3–0,5 ЕУР/MWh во 2040 година), иако ја зголемува флексибилноста за снабдување со гас.
- Гасоводот е подготвен за водород (hydrogen-ready), но идната одржливост на пазарите на обновлив водород и електраните со комбиниран циклус на водород е сè уште неизвесна.
Влијание врз пазарот на електрична енергија и клучни пораки
4. Резултати од моделирањето на електричната енергија – Цена и искористеност
- Само краткорочна ценовна придобивка: Завршувањето на новите гасни електрани носи само краткорочно намалување на големопродажните цени: ~10 ЕУР/MWh во 2030 година (~10% намалување за потрошувачите).
- На долг рок Овој ефект на намалување на цените е краткотраен, достигнувајќи до занемарливи 0–2 ЕУР/MWh до 2040 година.
- Искористеност на гасните електрани: Искористеноста е висока на почетокот (над 70% во 2030 година), но брзо се намалува, паѓајќи под 40% до 2040 година во повеќето сценарија поради конкуренција од регионот.
Профитабилност и енергетска сигурност
- Ниска профитабилност: Проект за гасна електрана е профитабилен и способен да ги намали регионалните емисии на стакленички гасови само ако ги исполни следните услови:
- Да биде со соодветна големина (најверојатно еден проект наместо два).
- Инвестициските трошоци да се останат ниски.
- Цената на гасот да остане ниска – на референтно ниво од €40/MWh.
- Да нема голема експанзија на други гасни електрани на Балканот.
- Работа на енергетскиот систем: Системот може безбедно да функционира без гасни електрани, потпирајќи се на увоз на електрична енергија. Високата увозна зависност додека се зголемува производството од обновливи извори (30% во 2030 година, 25% во 2040 година) не е поврзана со зголемен ризик за сигурноста на снабдувањето.
Влијание врз животната средина
- Локални емисии: Новите гасни електрани ќе ги зголемат емисиите на CO2 во Македонија и ќе го оневозможат исполнувањето на климатските обврски.
- Регионална декарбонизација: Ограничен број на нови гасни електрани привремено би ја поддржале регионалната декарбонизација преку замена на постоечкото производство од јаглен кое има високи емисии. Но нивната стапка на искористеност брзо би опаднала, а јавните средства вложени во тие проекти ќе бидат залудно потрошени.
5. Клучни пораки и заклучоци
- Тековните планови се преамбициозни: Изградбата на две гасни електрани не е финансиски остварлива поради конкурентните регионални планови кои би го „изеле“ пазарот и би ги зголемиле вкупните емисии на CO2.
- Компромис: Македонија се соочува со избор: да изгради гасни електрани за да ја намали увозната зависност и да емитува CO2, или да се одлучи за декарбонизација и обновливи извори и да се потпре на безбедно управуван увоз.
- Ризик: За да ја зајакнат профитабилноста, инвеститорите може да лобираат за одложување на приклучувањето кон EU ETS, што би резултирало со значително повисоки емисии и локално и регионално.
Целата анализа може да ја преземете преку следниот линк.
Најнови коментари