На 40та седница на Постојаниот комитет на Бернската конвенција (Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа) беше повторно разгледуван случајот за Маврово и изградбата на хидроелектраните во паркот. Иако дел од проблемите се надминати со стопирањето на Бошков Мост и Луково поле, на Паркот му претстојат нови закани.
| За случајот: Во 2013 година, Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест поднесе жалба до Бернската Конвенција со која образложи дека доколку се изградат планираните хидропроекти во НП Маврово, Република Македонија ќе ги прекрши постулатите на Бернската Конвенција која ја има ратификувано во 1997 година. Во 2015 година, Постојаниот комитет на Бернската Конвенција донесе резолуција со која бара од Владата на Република Македонија да ги суспендира сите планирани хидро проекти се додека не спроведе стратегиска оцена на севкупното влијание на сите планирани проекти во паркот. Воедно, во резолуцијата се бараше меѓународните финансиски институции кои ги поддржуваа Бошков мост и Луково поле, да ги преиспитаат своето учество во истите. Набргу потоа, Европската банка за обнова и развој и Светската банка се откажаа од своите проекти, а во 2018 година Владата на Република Македонија ги повлече Бошков Мост и Луково Поле од својата нова Енергетска стратегија. |
Но, и покрај тоа што големите хидропроекти се минато, во Маврово беа доделени голем број концесии за изградба на мали хидроелектрани, а Паркот функционира без нов Закон и план за управување. Студијата за валоризација е спорна поради зонирањето кое во 2015 година покажа „кроење“ на зоните за потребите на хидро-инвеститорите. Оттогаш, процесот е стопиран.
„На Маврово му се заканува и постојан инфраструктурен развој,на што сме сведоци во последниот период, а без закон и план за управување со Паркот, ваквите активности можат да бидат погубни за живеалиштата и видовите во паркот, но и за луѓето“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, која за кампањата за спас на Маврово во 2019 година ја доби престижната Голдман награда. Таа посочува дека без закон за Маврово, но и без нов Закон за природа го ставаме под ризик еден од најстарите Европски паркови.
На 40та седница на Постојаниот комитет на Бернската Конвенција се дискутираше за следните чекори во случајот. Поради пандемијата оваа година беше одложена експертската мисија од Бернската Конвенција, која требаше да даде препораки за Маврово, но и за другите заштитени подрачја во рамки на Емералд мрежата, која е од значење за целиот Европски континент, вклучувајќи го и Охридското езеро. Според Бернската конвенција, спроведување на експертска мисија во Македонија е од најголем приоритет.
На прашањето дали може Маврово да биде позитивен случај и истиот брзо да се реши, Чоловиќ Лешоска одговара дека тоа е можно, доколку Владата и Министерството за животна средина покажат посветеност за состојбата. Тоа би значело итно стопирање на сите инфраструктурни активности се додека не се спроведе анализа за кумулативните влијанија на сите проекти врз вредностите на Паркот и донесување на Закон за Маврово. Само на тој начин ќе можеме случајот да го затвориме и да бидеме позитивен пример за земјите во регионот и Европа.
Најнови коментари