Дали некогаш сте помислиле дека поставување соларни панели на покривот од вашата куќа е луксуз што чини повеќе отколку плаќањето сметки за греење со јаглен или гас? Овој став е сè уште широко распространет во земјите од Западен Балкан. Но, во време кога цените на енергијата се сè понестабилни, а последиците од климатските промени сè поочигледни, преминот кон обновливи извори на енергија не е само еколошка потреба – туку и паметна економска одлука, и за домаќинствата и за државите.

Иако цените на електричната енергија во земјите од Западен Балкан сè уште се меѓу најниските во Европа, повеќе фактори укажуваат дека тие ќе растат во иднина. Зависноста од јаглен, застарените термоелектрани и потребата од усогласување со европските климатски политики значат дека се неизбежни нови трошоци. Воведувањето на даноци на јаглерод, како дел од европскиот механизам за тргување со емисии, ќе ја направи струјата произведена од јаглен уште поскапа.

Но термоелектраните не се само економски товар. Тие претставуваат сериозна закана за јавното здравје, не само во регионот, туку и пошироко во Европа. Загадувањето од согорување на јаглен е поврзано со илјадници предвремени смртни случаи и со појава на хронични заболувања, особено кај децата, постарите лица и другите ранливи групи. Се проценува дека трошоците за здравствена заштита поврзани со загадувањето од термоелектраните во Западен Балкан изнесуваат меѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно – трошок што индиректно го плаќа секој граѓанин.

Во тој контекст, прашањето не е дали обновливата енергија е скапа, туку дали можеме да си дозволиме да продолжиме со старите модели. Цените на топлинската и електричната енергија од обновливи извори стануваат сè поконкурентни. Соларната и ветерната енергија денес се меѓу најевтините извори на ново производство на струја, а технологиите за греење како топлинските пумпи сè повеќе се исплатливи и за домаќинствата во регионот. Граѓаните веќе имаат конкретни можности да го намалат својот енергетски трошок и истовремено да придонесат за енергетската транзиција. Преку програми за субвенции, домаќинствата можат да добијат значителна финансиска поддршка за инсталирање соларни панели, соларни колектори или топлински пумпи. Во Србија, на пример, државата покрива и до 65% од трошоците за вакви инвестиции. Дополнително, моделот на „просумери“ овозможува граѓаните не само да произведуваат струја за сопствени потреби, туку и да го продаваат вишокот, со што директно ги намалуваат сметките.

Сепак, енергетската транзиција не е само техничко или финансиско прашање – таа е и длабока општествена промена. Чест страв е дека декарбонизацијата значи губење на работни места, особено во земји како Македонија, каде што јагленот долго време бил столб на енергетскиот систем. Но овој страв не се темели на факти. Македонија има амбициозна цел – нула емисии на стакленички гасови до 2050 година и позиционирање како регионален лидер во обновливата енергија. Тоа подразбира постепено затворање на термоелектраните и вложување во соларни и ветерни капацитети. Но транзицијата не значи зголемување на невработеноста. Напротив, таа отвора можности за задржување на дел од постоечките работни места и создавање нови, „зелени“ работни места во енергетиката, градежништвото, индустријата и услугите. Во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над 1 милијарда евра во секторот за обновлива енергија во Македонија. Тоа значи нови работни места за инженери, техничари, инсталатери, проектни менаџери, но и за лица со средно стручно образование. Младите можат да ја поддржат оваа транзиција преку избор на студии поврзани со зелена енергија, како и преку краткорочни курсеви и сертификации за соларни панели, енергетска ефикасност или одржување на ветерни турбини.

Паралелно со обновливите извори, енергетската ефикасност игра клучна улога. Таа значи постигнување исти или подобри услови за живот со помала потрошувачка на енергија. Придобивките се повеќекратни: помали сметки, помал увоз на енергија и помали емисии на стакленички гасови. Примерот на Косово јасно ја покажува важноста на енергетската ефикасност. Земјата и понатаму зависи од две застарени термоелектрани на лигнит кои произведуваат над 90% од струјата. Во комбинација со слаба изолација и широка употреба на струја за греење, ова ја прави економијата една од најенергетски интензивните во Европа. Само за сметки за енергија на јавните објекти, државата троши над 22 милиони евра годишно – трошок што би можел да се намали за 30% со едноставни мерки за енергетска ефикасност.

И на крај, често се поставува прашањето дали обновливата енергија е доволно сигурна за модерни, високоразвиени економии. Фактите зборуваат јасно. Во 2024 година, обновливите извори учествуваа со повеќе од 30% во светското производство на електрична енергија, а во ЕУ тој удел достигна речиси 47%. Земји како Данска веќе произведуваат околу 90% од својата електрична енергија од обновливи извори, додека Германија е цврсто на пат кон климатска неутралност.

Западен Балкан располага со значителен потенцијал – со околу 250 сончеви денови годишно и поволни услови за ветерна енергија. Проекциите до 2030 година покажуваат дека Северна Македонија може да достигне 58% обновливи извори во електроенергетскиот микс. Обновливата енергија не е мит, ниту луксуз. Таа е реална, достапна и неопходна. Прашањето не е дали можеме да си ја дозволиме, туку дали можеме да си дозволиме да не ја прифатиме.

Share This

Share this post with your friends!