Нарушувањето на животната средина и климатските промени во последната деценија претставува голем предизвик за целиот свет, па така и за европската заедница. За да се избориме со овој предизвик, Европската комисија во средината на месец декември 2019-тата година го претстави Европскиот зелен план како збир на мерки со цел постигнување на одржлива економија. Европскиот зелен план е одговор на климатските промени и негативните влијанија врз животната средина, како и на социјалните предизвици коишто последователно ги носат со себе. Причините кои поттикнаа да се креира ваков план првенствено се засноваат на еколошките проблематики, како што се: климатските промени, промените во биодиверзитетот, оштетувањето на озонската обвивка, загадувањето на водите, загадувањето на урбаните средини, големото производство, а слабата ефикасност во управување со отпадот и слично.
Во врска со горенаведеното, Европскиот зелен план претставува сложена стратегија за европски економски раст којашто има за цел да ги намали емисиите на штетни гасови, да создаде зелени работни места и да ја подобри колективната благосостојба. Пакетот мерки претставен преку Европскиот зелен план е обид сé поинтензивно да се влијае врз намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030-тата година на 55% во споредба со нивоата од 1990-тата година. Идејата е да се преиспита секој постоечки закон во врска со климатските промени, а истовремено со новото законодавство да се постават цврсти темели за циркуларна економија.
Целокупната цел на Европскиот зелен план е Европската унија да стане прв светски климатски неутрален блок до 2050-тата година, а подразбира активно дејствување во повеќе различни сектори, вклучувајќи ги градежништвото, енергијата, транспортот, земјоделството и производството на храна и слично. Оваа стратегија, исто така, вклучува потенцијални царински тарифи за земји коишто не работат активно на намалување на емисиите на штетни гасови со ефект на стаклена градина преку Механизмот за прилагодување на границата на јаглеродот.
Области опфатени со Европскиот зелен план и предвидените цели во истите:
– Чиста енергија,
– Биодиверзитет – спроведување на мерки за зачувување на екосистемите,
– Одржлива индустрија – постигнување одржлив, еколошки прифатлив производствен циклус,
– Изградба и обнова – спроведување мерки за постигнување на почист градежен сектор,
– Одржливо земјоделство – одржливост во земјоделството и руралните подрачја на ЕУ благодарение на заедничките земјоделски политики,
– Стратегија „Од поле на маса” – обезбедување развој на одржливи прехранбени системи,
– Елиминирање на загадувањето – спроведување на мерки за брзо и ефикасно намалување на загадувањето,
– Одржлива мобилност – промовирање на одржливи превозни средства,
– Клима – ЕУ да биде климатски неутрална до 2050-тата година.
Најнови коментари