До

Министерство за животна средина и просторно планирање

Сектор за природа

Г-н Влатко Трпески

Скопје, 08.08.2025

Предмет: Доставување коменрари по Регионалната стратегија за зачувување на Балканскиот рис

Почитувани,

Ви благодариме за доставување на нацрт Регионалната стратегија за зачувување на балканскиот рис. Воедно, би сакале да изразиме жалење што како релевантен чинител и организација- членка на IUCN, не бевме дел од нејзината подготовка.

Во продолжение ги доставуваме нашите коментари по овој документ.

Општи коментари

  1. Самата стратегија треба да ги дефинира сите засегнати чинители за заштитата на балканскиот рис со детали за нивната улога во спроведувањето на оваа стратегија.
  2. Во делот на финансирање, согласно препораката на Бернската конвенција 211, за спроведување на стратегијата/планот за зачувување на балканскиот рис треба да бидат предвидени државни средства кои понатаму можат да бидат надоградени/дополнети со други средства, односно донаторски договори и сл. Државните средства треба да бидат примарно обезбедени за спроедување на овој план на национално ниво.
  3. Националните планови кои предвидуваат активности за научно-истражувачка работа треба да предвидат улоги на различните институции и организации во секоја активност. Научно-истражувачката работа треба да биде предводена и координирана од соодветна државна институција и да ги вклучи засегнатите чинители како управители со заштитени подрачја, граѓански организации, научни институции и сл. Програмите за заштита на видовите треба да се предводат и координираат од страна на државна институција, во тесна соработка со организации кои ги имплементираат.

Посебни коментари во табеларниот приказ на мерките

Во Резултат 1.1 оценуваме несоодветна временска рамка за правни промени, каде е наведен рок до 2029, но почетните активности се поставени само за 2026-2027. Тоа остава три години без планирани активности и без правна заштита. Препорачуваме да се додадат меѓуфазни активности за координација, консултации и унапредување на правната рамка.

Во Акција 1.2.1 сметаме дека со оваа мерка се предвидува ограничена имплементација на еколошка конективност бидејќи се однесува на програми за обука, но не е јасно дали и како еколошката конективност ќе се преслика во вистински коридори и инфраструктура. Би предложиле да се додадат активности за идентификација и заштита на клучни коридори.

Во Акција 2.1.1 и Акција 2.1.2 постои временска празнина од 2027 (прирачник) до 2030 (грантови), без планирани меѓуфази за тестирање мерки или пилот програми. Исто така, за грантовите да бидат успешни и за да може да се мери успешноста, потребно е да се пресликаат индикаторите на успех од оваа стратегија во Програмата за грантови.

Во Акција 2.1.3 не е вклучена евалуација на успешноста на грантовите, а со тоа нема механизам за ревизија на имплементацијата. Предлагаме да се додаде стручна надворешна ревизија на успешноста на оваа мерка, а препораките од евалуацискиот извештај да бидат интегрирани во следните фази на имплементација.

Во Резултат 2.3,се забележува дека главната целна група остануваат ловците, кои се вклучени во детали, но нема активности насочени кон други важни групи со влијание на живеалиштата (шумарство, земјоделство и сл.). Препораката е во линија на еден од генералните коментари за детален опис на сите чинители и дефинирање на нивните улоги.

Акција 3.1.2, спроведување на обука за наставници е предвидена само за 2028 – би било корисно да има континуирано развивање (на пр. платформи за размена, училишни проекти, награди, онлајн обуки и курсеви и сл).

Во Цел 3 треба како важен чинител и спроведувач на активности да ги наведе граѓанските организации кои делуваат на полето за заштита на природата и едукацијата.

Цел 4 Акција 4.3.1 во рамки на Бернската конвенција постои експертски комитет за крупни месојади, и потребно е да се искористи веќе постоечка структура, која ќе се унапреди и која поради својата природа и местоположба во рамки на меѓународна институција ќе има поголемо влијание и експертиза. Предлагаме да се разгледа можноста Советот на Европа да биде координатор на тоа координативно тело, во рамки на оваа експертска група, која секако ќе може да се прошири со соодветни експертски капацитети.

Во истата цел треба да се предвиди Акција за редовно известување кон Бернската конвенција во однос на напредок во исполнување на препораката 211 која се однесува на заштитата на Балканскиот рис.

Резултат 6.1, недостига вклучување на еколошка носивост, се фокусира само на бројност на пленот, без анализа на капацитет на живеалиштата за негово одржување.

Мапите на ризици, Акција 7.1.4 не се врзани со законска обврска за делување, тие можат да останат декларативни без дополнителна регулатива.

Градежните планови, Акција 8.3.1, не предвидуваат мониторинг по изградба, недостига пост-имплементациско следење дали зелените премини функционираат. Препорачуваме вклучување на архитекти и урбанисти во оваа акција.

Правната заштита доаѓа дури во 2035, Акција 8.4.2 во меѓувреме, коридорите остануваат ранливи. Се препорачуваат мерки за привремена заштита или развој на нова регулатива која ќе овозможи заштита на коридорите.

Цел 9, предлог за специјализирана обука за ветеринари во рурални средини за болести кај диви животни и евентуално воспоставување на интервентни тимови за Балкански рис, по принципот на оние за кафеава мечка.

Во табелата со акции потребно е да се дефинира кој е водечката институција во процесот, не само да се набројат сите чинители.

Се надеваме дека ќе ги земете предвид нашите коментари,

Остануваме во контакт за сите дополнителни прашања,

Со почит,

Ана Чоловиќ Лешоска, Извршен директор, Еко-свест Скопје

Дарко Ќитаноски, Локален координатор Еко-свест Вевчани

Share This

Share this post with your friends!