Во продолжение се коментарите кои Еко-свест ги достави до Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство во однос на финалната верзија на Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини.

На поканата да доставиме забелешки по последната верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини на Република Северна Македонија, Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест направи анализа на претходно доставените коментари наспроти новопредложениот текст на документот. Следствено, со овој допис ќе дадеме дополнителни забелешки во однос на неколку приоритетни области кои според нас треба да се доработат и прошират. Предлагаме повторно да бидат разгледани нашите коментари доставени на 25.09.2023 година, поради нивната опсежност и детален пристап.  

  1. Финалната верзија од Стратегијата посветува повеќе внимание на заштитата на животната средина, определувајќи ги ризиците по истата и воведувајќи неколку механизми на заштита. Сепак, сметаме дека одредени делови треба да се ажурираат и дополнат. Поконкретно:
  2. Во Табела 8 и 9 каде се наведуваат ризиците по животната средина, не е дефиниран ризик по здравјето на луѓето и потребно е да се додаде.
  3. Во Табела 8 изоставено е да се обележи ризикот од хаварија кај поголемиот дел од наведените рудници. Фактот што пред неколку месеци бевме сведоци на хаварија од рудникот Тораница е евидентен пример дека хаварија може да се случи во секој рудник наде нема соодветна контрола и инспекција, што е во голем дел случај со сите рудници.
  4. Во Табела 9 треба да се додаде и рудникот Забрдо, со влијание врз археолошки локалитет.
  5. Во истата табела, сите рудници кои користат вода имаат ризик од неправилно управување со отпадните води.
  6. Во двете табели потребно е да се специфицира влијанието врз биодиверзитетот, не е доволно само да се наведе дека има влијание врз пејзажот. Предлагаме тука да се наведе информација за заштитените подрачја кои се во конфликт со рудникот (доколку постојат) и клучни хабитати и видови кои се под ризик.
  7. Во табелите е потребно да се наведе и ризикот од загадување на почвите и негативно влијание врз производство на храна.
  8. Потребно е во табелите да се преформулираат ризиците од „Влијание врз“ во „Загадување на…“, „Емисии на…“, „Уништување на…“. 

Во однос на нашиот коментар во врска со воведувањето на зони забранети за рударство поради заштита на природното наследство, сметаме дека во финалната верзија на Стратегијата, тоа не е направено. Предлагаме од принципиелен аспект и во согласност со национаното и меѓународното законодавство, Стратегијата да воведе забранети зони за искористување на минерални суровини.  Тие би ги претставувале сите  заштитени подрачја согласно националното законодавство и сите идни Натура 2000 подрачја, согласно Европското законодавство. Стратегијата мора да предвиди принцип на превенција на штета, а не само на намалување на ефектите од рударството.

  • Стратегијата мора да посвети повеќе внимание на циркуларната економија и да воведе хиерархија на искористување на материјалите. Во оваа насока, не е доволно што Стратегијата ја споменува циркуларната економија, потребно е во стратегијата да се дадат конкретни предлози за реупотреба и рециклирање на ресурсите и суровините кои се сметаат за приоритетни во контекст на енергетската транзиција и климатска заштита. Стратегијата треба да ги идентификува токму овие суровини.

Потребно да се развијат критериуми и принципи кои ќе помогнат во приоретизација и планирање на активностите како и зоните за заштита, односно забранетите зони за рударство. Во оваа насока би предложиле да се преземат дел од принципите и методологијата користена за Паметно енергетско планирање (TNC, MANU, Eko-svest). 

  • Во однос на вклучувањето на јавноста, во делот 6.2. каде Стратегијата говори за просторните планови на локално ниво и изготвување на рударско-геолошки студии од страна на Општините, потребно е да се обезбеди дека јавноста ќе има учество во овие процеси преку имплементацијата на Архуската Конвенција, односно во постапката за Стратешка оцена на влијание врз животната средина на овие студии. Предлагаме овој дел од Стратегијата да се дополни со референца кон постапките за ОВЖС и СОВЖ, и да се повика на Архуската Конвенција.  
  • Индикаторите за успешно спроведување на Стратегијата сѐ уште се во голем дел несоодветни и немерливи, треба да се дополнат и јасно да се поврзат со Акцискиот план. Економските индикатори треба да го вклучуваат бројот на нови работни места, движењето на платите во секторот, извезена количина, количина употребена за домашно производство, собрани концесиски надоместоци, количина на рециклиран наспроти експлоатиран материјал за да се следи движењето кон одржливо искористување на суровините. Во делот животна средина, индикаторите треба да овозможуваат следење на состојбата на медиумите и како се движи нивното загадување, да се следи загуба на биодиверзитетот, да се мери површина загубен геодиверзитет и живеалишта. Индикаторот „Број на остварени средби со локалното население“ нема да овозможи следење на социо-економските влијанија. Наспроти тоа, потребно е да се воведат индикатори со кои можат да се следат параметри за подобрен квалитет на живот, создадени нови локални економски активности, задржани традиционални начини на производство, број на развиени екосистемски услуги и сл.
  • Во делот 11.4. каде се споменува единствен инспекторат, потребно е да се дадат повеќе информации за начинот на формирање на овој инспекторат, бројот на инспектори и подрачни единици и надлежности, доколку станува збор за друга структура од постојниот Државен инспекторат за техничка инспекција.

Share This

Share this post with your friends!