Соларни панели наспроти фосилни горива: Каде стои македонската индустрија?

Нашето истражување покажува дека фотоволтаиците се најкористен извор на енергија кај испитаните компании, но нафтените деривати сè уште се во значајна употреба. Плановите за воведување нови нискојаглеродни технологии се скромни. Ова ја истакнува потребата за поширока диверзификација, но и поддршка за компаниите да тргнат во правата насока.

На добар пат!

Одлично е што повеќето македонски компании (81.8%) веќе редовно ја следат и анализираат својата потрошувачка на енергија.

Познавањето на состојбите во сопствениот енергетски систем дава можности за негово унапредување и заштеди кои за бизнисите значат многу! Тоа е првиот чекор за преземање мерки за енергетска ефиксност.

Само една третина од компаниите произведуваат сопствена енергија.

Истражувањето покажува дека 63.6% од компаниите немаат сопствено производство на енергија. Сепак, 36.4% веќе инвестирале во обновливи извори, најчесто фотоволтаици, покажувајќи го големиот потенцијал за енергетска независност.

Водород: Енергија на иднината?

Иако повеќето компании (55.5%) не се запознаени со националните планови за користење на водородот како енергенс, дури 63.6% од испитаниците сметаат дека водородот е компатибилен со нивните потреби.

Ова сугерира дека постои јаз во комуникацијата и голем потенцијал за искористување на оваа технологија.

Затоа, важно е институциите да спроведат широки консултации и да креираат реална стратегија за искористување на водородот која ќе даде приоритет на неговото локално производство.

Кои се најголемите пречки за енергетска ефикасност?

Според компаниите, најголеми пречки се неизвесноста на пазарот, високите инвестициски трошоци и сложените регулаторни процедури. Овие наоди ја истакнуваат потребата од појасни политики и поголема државна поддршка за да се забрза транзицијата.

Една од главните причини зошто компаниите не би користеле фосилен гас во нивниот систем е токму непредвидливите цени. Приоритет мора да се даде на сопственото производство на енергија и примена на мерки за заштеда со што ќе се зајакне целиот сектор.

Целата анализа може да ја прочитате тука.

Share This

Share this post with your friends!