Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје испрати коментари и забелешки за предложените законски решенија за донесување на нов Закон за шуми и нов Закон за Агенција за шумите до Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Еко-свест бара дополнување и прецизирање на законските одредби со цел нагласување на придонесот и функцијата на шумите за намалување на влијанијата од климатските промени и прецизирање на надлежноста на заштитените подрачја за обновување и заштита на природните екосистеми.

Една од целите на новиот Закон за шумите е намалувањето на придонесот на РСМ за емисиите на стакленички гасови и глобалните загуби на биолошката разновидност. Но, предлог законот во понатамошните одредби не уредува никаков вид на постапка преку која ќе се следи подобрувањето на отпорноста на шумите кон климатските промени или нивниот придонес кон намалување на негативните влијанија.

Законот за шуми треба да постави посебна цел за митигација на емисиите на стакленички гасови исклучиво од LULUCF за да се избегне искористување на шумите за намалување на емисиите без да се работи на намалување на останатите извори на стакленички гасови.

Законот за шуми мора да го следи Законот за заштита на природата, Стратегијата за заштита на природата и Националната стратегија за биолошката разновидност со цел да обезбеди соодветна заштита и унапредување на постоечките екосистеми и биодиверзитет и спречување на штетни практики за секвестрација на јаглерод (садење нови шуми).

Одржлив развој е невозможен без функцијата на заштитените подрачја, особено националните паркови кои ја одржуваат и унапредуваат биолошката разновидност на шумите, но и виталноста на природните екосистеми.

Клучно за подобрување на новиот Закон за Агенција за шуми е да се предвиди функцијата на заштитените подрачја во АД Шуми и согласно нивните законски надлежности да се постигне долгорочно и ефективно управување, планирање, заштита и користење на шумите.

Коментарите на предлог Законот за шумите и предлог Законот за Агенција за шумите кои Еко-свест ги достави до Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство се на линкот подолу:

Share This

Share this post with your friends!