На 11.07.2025 Еко-свест достави писмо со барање до Министерот за животна средина и просторно планирање да преземе мерки во врска со планираните хидроцентрали на реката Дошница и да побара од инвеститорот дополнителни истражувања, како и ажурирање на елаборатите за животна средина.
Во продолжение е текстот на дописот.
До
Министерство за животна средина и просторно планирање
Министер г-н Изет Меџити
Скопје, 11.07.2025
Предмет: Барање за ажурирање на елаборатите за МХЕЦ Баров Дол, МХЕЦ Папрад
Почитуван г-н Меџити,
На 78мата седница на Владата на Република Северна Македонија, Владата ја разгледа Информацијата во врска со Барањето на концесионерот „Хидро Дошница“ ДОО Скопје за продолжување на рокот за изградба и започнување со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи, МХЕЦ Баров Дол, МХЕЦ Папрад, со текст на Анекс бр. 1 на Договорот и ја усвои со следните заклучоци: 1. Притоа, Владата го овласти м-р Изет Меџити, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за животна средина и просторно планирање, во име на Владата како концедент да склучи Анекс бр.1 на Договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, со арх.бр. 02-2794/1 од 5.4.2022 година, за продолжување на рокот за изградба и почеток на комерцијалното работење до 6.4.2026 година.
Во врска со оваа постапка, а со цел спречување на сериозни штети по природата и животната средина од изградбата и работењето на малите хидроцентрали, сакаме да укажеме на следното:
- Локациите на двете хидроцентрали се наоѓаат на реката Дошница, чиј горен тек е во Општина Кавадарци, а долниот тек е во општина Демир Капија.
- Работењето на малите хидроцентерали, согласно тековниот Закон за водите пропишува испуштање на 10% биолошки минимум во реката низводно. Напоменуваме дека реката Дошница веќе има дефицит од вода поради постојниот хидросистем изграден во минатото. Нашиот закон не ја транспонира Рамковната директива за води која пропишува испуштање на т.к.н. еколошки проток кој обезбедува добра еколошка состојба на водното тело. Биолошкиот минимум од 10% значително ќе го намали водостојот на реката Дошница и ќе резултира кон деградирање на еколошкиот статус на истата.
- Министерството за животна средина и просторно планирање во Програмата за заштита на природата за 2024 година (Сл.Весник на РСМ бр.16/2024) во своите приоритетни цели го постави прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија, во чии рамки се наоѓа целото сливно подрачје на долното течение на реката Дошница.
- Во рамки на хидрографската мрежа на Демиркаписката клисура, реката Дошница по целото свое течение се издвојува со своите исклучително високи природни вредности од аспект на фауната на акватичните безрбетници. Имено, водите на реката Дошница се дом на 22 таксономски групи макроинвертебрати, меѓу кои шесте Балкански ендемични пролетници Brachyptera graeca, Isoperla belai, Isoperla oxylepis subsp. balcanica, Protonemura mattheyi, Protonemura rauschi и Leuctra olympia, како и Македонските ендемити Taeniopteryx stankovitchi и Capnioneura balkanica subsp. macedonica вклучени на Националната Листа 2 на Заштитени диви видови во Р. Северна Македонија (Службен весник на Р.М бр. 139/2011). Дополнително, во водите на реката се сретнуваат и ларвите на пролетницата Dinocras cephalotes и вилинското коњче Somatochlora meridionalis кои претставуваат ретки видови, присутни само во неколку региони на територијата на Р. С. Македонија. Овие податоци се утврдени со истражување спроведено во 2024 година. Исто така, во 2024 година во реката Дошница се пронајдени и два вида риби – Salmo macedonicus и Barbus balcanicus, кои се индикатори за идно Натура 2000 подрачје.
- Неспорно е дека изградбата и работата на малите хидроцентрали на горното течение на реката Дошница со биолошки минимум и со несоодветни стандарди за изградба на рибни патеки, ќе влијаат негативно на екосистемот и ќе причини сериозни штети врз идното заштитено подрачје. Дополнително, во процесот на истражување и изработка на студија за валоризација на заштитено подрачје, не е препорачливо да се вршат градежни зафати и инфраструктурни проекти, кои директно ќе влијаат на наодите во студијата како и врз идното заштитено подрачје во целост.
- Истовремено, елаборатите за овие две хидроцентрали (изработени пред 2019 година) не го земаат предвид фактот дека во реката Дошница живеат строго заштитени и ендемични видови, и дека горното течение на реката ќе има директно влијание врз долното течение и идното заштитено подрачје, врз кое не смее негативно да се влијае.
Од горенаведените аспекти, бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање од инвеститорот да побара:
- Извештај за спроведен мониторинг на биолошката разновидност во времетраење од 12 месеци на локациите каде е планирана изградбата на проектите.
- Извештај од спроведен мониторинг на водниот тек, изработен од експерт хидролог со кој ќе се утврди еколошкиот проток за реката Дошница,
- Предлог мерки за заштита кои се однесуваат на пределот опфатен со идното заштитено подрачје,
- Предлог техничка изведба на рибна патека, која треба да биде изработена од стручни лица и експерти во областа на ихтиофауната,
- Изработка на нови елаборати за животна средина за двете хидроцентрали со вклучување на аспектот на еколошки проток, со цел избегнување на штети врз екосистемот на реката Дошница.
Согласно овие документи, бараме Министерството за животна средина и просторно планирање да ја ажурира еколошката дозвола на инвеститорот со цел вградување на новите аспекти во дозволата. Имајќи предвид дека елаборатите се изработени пред 2019 година, од кога се поминати 6 години, укажуваме дека поради новата состојба и новите достапни податоци, потребно е ажурирање на истите, или изработка на нови, од страна на концесионерот. Напоменуваме дека и во случаите кога за проектите се изработува Оцена на влијание врз животната средина, важноста на истата е до 2 години.
Поради важноста на заштитата на реката Дошница, како главна артерија на идното заштитено подрачје, бараме Министерот да постапи согласно наведените аспекти.
Со почит,
Ана Чоловиќ Лешоска
Извршна Директорка
Еко-свест
Најнови коментари