Зголемената потреба од производствени капацитети од обновливи извори на енергија неизбежно ќе доведе до искористување на големи површини на земјиште, но, со оглед на тоа што целта на овие проекти е да се намали загадувањето и негативното влијание врз животната средина, ваквите проекти треба да се планираат внимателно. Ова значи дека предложените проекти што би се преклопуваат со териториите на заштитените подрачја и вредни природни реткости треба да се отфрлат уште во најрана фаза на планирање. Со тоа, можноста за штета се сведува на минимум- се заштедува време и ресурси при планирањето, а со тоа и проектите стануваат поисплатливи и побезбедни.

Во периодот од јануари до февруари 2023, Министерството за транспорт и врски спроведува јавни консултации во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење односно површински соларни и фотоволтаични електрани на површина од 734,63 ха на територијата на Општина Штип. Голем дел од оваа површина се преклопува со подрачјето Долна Брегалница кое изобилува со природни вредности и е предложено за заштита согласно Законот за заштита на природа, Емералд подрачје согласно Конвенцијата за заштита на дивите видови и живеалишта во Европа (Бернска конвенција), и идно Натура 2000 подрачје согласно Директивата за живеалишта на ЕУ. Ваквата планска документација е спротивна на целите на намалувањето на влијанијата врз животната средина и штетите врз природата. Ова е особено значајно бидејќи живеалиштата кои што се предложени за заштита во тој предел се карактеризираат со ниска вегетација и специфични типови на солени почви кои што се значајни за заштита на Европскиот континент, а кои што при спроведување на активностите од планската документација ќе бидат целосно деградирани, и ќе предизвикаат влијанија кои што е многу тешко да се избегнат со какви било мерки за ублажување. Дополнително, спроведувањето на планската документација ќе предизвика прекршување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија и нарушување на процесот на пристапување кон ЕУ.

Планираната локацијата содржи природни вредности кои што треба да се зачуваат, а спроведувањето на овој проект ќе нанесе неповратна штета. Поради овие аспекти, нашата препорака е дека овој проект не треба да се спроведе на оваа локација, но во интерес на зголемување на уделот на обновливи извори на енергија во енергетскиот систем, може да се разгледува негово спроведување на некое од веќе деградираните локации низ земјата.

Еко-свест има подготвено Принципи за паметно енергетско планирање, во кои е нагласено дека инвестициите во обновливи извори на енергија треба да биде приоритет, но не по цена на уништување на природните ресурси и загуба на екосистемите. Препораките за паметно енергетско планирање вклучуваат деградирани земјишта како локации за развивање на нови енергетски проекти од обновливи извори на енергија и избегнување на локации во заштитени подрачја бидејќи со тоа се нарушува примарната улога во обезбедување на нивна заштита.

Еко-свест во соработка со МАНУ подготви Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија која може да биде од значење за планираниот проектен опфат. Во Студијата се идентификувани 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од обновливи извори на енергија, а кои не се наоѓаат во заштитено подрачје од национално или меѓународно значење како што се Емералд подрачјата или идни Натура 2000,  национален парк или подрачје на заштитени птици или растенија.

Еко-свест подготви коментари и забелешки во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за група на класа на намена е-Инфраструктура, е1.13-површински соларни и фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци, општина Штип, (над 10 mw), предлог план, поднесени до Министерство за транспорт и врски на 24.02.2023.

Извор на фотографија: Стратегија за биолошка разновидност со акциски план на Република Македонија

Share This

Share this post with your friends!