Вовед и контекст

Целта на овој документ е резимирање на клучните заклучоци и точките на дискусија како и препораките за акција произлезени од Меѓународната конференција за природата, која се одржа на 28 октомври 2025 година.

Документот е наменет за учесниците на конференцијата, и поконкретно за: Владините институции/ министерства (особено животна средина, шумарство, земјоделство и водостопанство, здравство, економија), членовите на Собранието на Република Северна Македонија, научните институции, граѓанските организации,  донаторите и експертите.

Стратешки заклучоци

Препознавање на проблемот: Предизвиците од загадувањето, климатските промени и загубата на биодиверзитетот се длабоко и меѓусебно поврзани и мора да се решаваат преку интегрирани политики и програмски интервенции, наместо преку изолирани активности.

Синхронизиран пристап: Постои силен консензус дека сите засегнати страни ја споделуваат целта за зачувување на животната средина и природата. Непосреден приоритет е да се воспостави конструктивен дијалог за брзо утврдување и спроведување на ефективни заеднички решенија.

Клучна улога на законодавството и финансиите: Сеопфатните цели се недостижни без два клучни столба: итно усвојување на нов Закон за природата и суштинско зголемување на финансиската поддршка за активностите за зачувување на природата.

Препораки за акција

А. Препораки за законодавство

Правна рамка: Приоритетно итно усвојување на Законот за природата. Во постапката на подготовка на законот потребно е да се вклучат релевантни институции, експерти, граѓански организации како и управителите со заштитени подрачја. Оваа точка беше идентификувана како итна и неопходна основа за ефективна регулатива и спроведување на мерки за заштита.

Улога на науката: Да се зајакне и да се зголеми улогата на науката и научните институции (на пр., Хидробиолошкиот завод, националните истражувачки организации) во изготвувањето и креирањето на релевантните политики за животната средина и природа. Ова ќе обезбеди креирањето политики да се заснова на докази и најнови информации/податоци.

Секторска интеграција: Да се воведе механизам за задолжително вклучување на сродните министерства (земјоделство, здравство, економија, транспорт, енергетика) во процесите на креирање политики за животната средина и природата. Ваквиот пристап ќе овозможи препознавање на меѓусебната поврзаност на еколошките прашања со човековото здравје и економскиот развој во сите сектори.

Б. Институционални pрепораки

Институционален капацитет: Да се започне насочена национална програма за градење капацитети за сите институции вклучени во заштитата на природата, со фокус на технички вештини, административна ефикасност и спроведување на законите. Ова ќе одговори на итната потреба за институционално зајакнување спомната од учесниците.

Меѓу-институционална Соработка: Да се воспостават формални и континуирани можности за соработка меѓу државните институции, научните организации и граѓанскиот сектор за заедничко планирање и постигнување на целите за зачувување на природата. Ова би ја операционализирало препознаената потреба од конструктивен дијалог и заеднички решенија.

Користење на искуството од теренот: Да се интегрираат искуствата и научените лекции од Националните паркови и другите чинители од терен директно во институционалните практики и креирањето политики. Ова би го искористило практичното знаење од терен, идентификувано како многу значајно за ефективна заштита.

В. Препораки за идни настани

Да се воспостави Меѓународната конференција за природата како годишен настан и почесто да се организираат пофокусирани панел дискусии во текот на годината на специфични еколошки теми. Ова би ја адресирало силната желба за континуиран дијалог.

Да се обезбеди програмите на идните настани да вклучуваат разновидни сесии за влијанието на зачувувањето на природата врз човековото здравје, економијата и различни сектори, вклучувајќи анализа на ефектот од неспроведување на мерките за заштита. Ова директно би одговорило на силната потреба за вакви специјализирани дискусии на високо ниво, изразена од страна на учесниците.

Да се обезбеди учеството на широк спектар на експерти од областите на економски развој, здравство, транспорт, енергетика итн., како и експерти/учесници од минати/тековни релевантни иницијативи и проекти за да се обезбеди балансирана и сеопфатна перспектива. Ова би обезбедило идните дискусии да ги интегрираат секторските димензии во зачувувањето на природата и обратно, во интегрирање на заштитата на природата во секторските политики.

Следни чекори и комуникација

  • Комуникација: Целосниот текст на овие заклучоци и препораки ќе биде дистрибуиран до сите учесници на конференцијата и до клучните владини институции.
  • Следен чекор: Тематски настан ќе биде организиран на почетокот на 2026 година за да се реализира препораката за интегрирање на другите сектори во напорите за зачувување на природата.

Share This

Share this post with your friends!